Interviews and Speeches

Интервју на ЗПВРМ и МНР Никола Попоски за „МИА“

Дата: 23.05.2017 година

Попоски: Излезот не е во просто менување на парламентарното мнозинство

Intervju za Srpska Ekonomija 15

МИА: Кои се главните пораки што ги добивате на средбите со странските политичари?

Попоски: Не добиваме исти пораки од сите политичари. Но, главно е дека има загриженост од регионална нестабилност и ризици од вовлекување на Република Македонија. Првото не зависи од нас, но за второто може да влијаеме да не се случи.

МИА: Настрана извештаите во медиумите и цитати од „извори блиски на оваа или онаа влада“, каков е меѓународниот углед на Македонија во моментов?

Попоски: Не може да биде идеален во услови на политичка криза која трае долго. Можеби во Регионот, тоа е некој стандард, но ние треба да се погрижиме само за нашиот двор. Колку што изградивме одлична слика со бизнис климата, толку имиџот надвор патеше од кризата.

МИА: Каков е Вашиот одговор на прашањето на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ кој во телевизиско интервју праша дали нашиот Парламент е Парламент на Македонија или заеднички парламент на Македонија и Албанија?

Попоски: Не сум чул, но бидејќи прашањето е реторичко, сигурен сум го знае точниот одговор.

МИА: За што поконкретно разговаравте со грчкиот министер за надворешни работи на последната средба на Малта?

Попоски: За резултатите од мерките за градење доверба. Согласни сме дека има резултати во климата, покрај видните разлики кои ги имаме за клучни прашања.

МИА: Минатата година во април во Солун се одржа состанок на МНР на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија. Разговаравте ли со Коѕиас за одржување на уште еден ваков состанок, со оглед на тоа што на претходниот беше кажано дека ваквите состаноци ќе станат пракса. Мислите ли дека е време за уште еден ваков состанок, со оглед на провокативната реторика на некои лидери во регинот?

Попоски: Јас мислам треба да се продолжи се додека пораките се такви какви што беа на првата средба. На граѓаните и на бизнисот во Регионот им треба релаксирана атмосфера, а не провокации и тензии.

МИА: Грчките политичари и медиуми постојано повикуваат на почитување на принципите на независност и територијален интегритет на земјите од Западен Балкан. Загрозен ли е територијалниот интегритет, суверенитетот и унитарноста на Македонија? И генерално, постои ли опасност од прекројување на границите на Балканот?

Попоски: Сигурно има политичари кои посакуваат или флертуваат со такви сценарија. Но, тоа сигурно не е најпосакувана опција, ниту пак има поддршка од јавноста. Треба да сме начисто дека промена на границите не носи решенија за реалните проблеми на луѓето. Интеграцијата во ЕУ е многу похумана, поефтина и подалекувидна опција. Не случајно била избрана од најнапредните земји после најкрвавиот судир на европско тло.

МИА: Во што го гледате излезот од политичката ситуација во која се наоѓа Македонија?

Попоски: Излезот сигурно не е во просто менување на мнозинството во Собранието на Република Македонија. Многу правила и принципи беа прекршени попатно. Решението мора да оди кон дефинирање на правилата на игра, незагрозување на тоа што мнозинството граѓани го чувствуваат како витален национален интерес и најскора проверка на правецот, преку избори. Локалните избори се прв извесен тест за правецот. Ако сме сите сигурни во исправноста на сопствените политики, можеби ќе има можност и за парламентарен тест.

МИА: Каде ја гледате Македонија за една година?

Попоски: Веројатно со уште најмалку едни избори зад себе. Можеби во поздрава политичка клима, а искрено се надевам со извлечени наравоученија дека нарушувањето на националните интереси носи политичка цена за оној кој тоа го прави.

МИА: Со оглед на тоа дека сте член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, неизбежно е да Ве прашаме кои се следните чекори на партијата?

Попоски: За тоа, секако, одлуките, најпрво, треба да се донесат од партиските тела.