Интервјуа и говори

ОБРАЌАЊЕ на H.E. НИКОЛА ПОПОСКИ

Заменик претседател на Владата и Министер за надворешни работи на Република Македонија
Парламентарно собрание на ОБСЕ 2016 Есенска сесија
Скопје, 29 септември – 2 октомври 2016
Втора сесија: Развој на демократските институции и човековите права во Југоисточна Европа: улогата на ОБСЕ

Г. Претседавач,

Членови на парламентите,

Шефови на мисиите на ОБСЕ,

Дозволете ми прво да ја искористам оваа можност да ви посакам добредојде на сите во Македонија. Се надевам дека досегашните дискусии ги исполниле вашите очекувања.

Бев поканет да зборувам за улогата на ОБСЕ во развојот на демократските институции и човековите права во Југоисточна Европа. Притоа, ќе се обидам да споделам неколку согледби од нашето сопствено искуство. Сигурен сум дека шефовите на теренските мисии ќе можат со конкретни примери да придонесат на моите воведни забелешки. Преку своите разновидни институции и теренското присуство ОБСЕ било и сè уште е мошне активно во регионот на Југоисточна Европа.

Како што можеби знаете, ОБСЕ е присутно во нашата земја уште од самиот почеток на нашата независност за да спречи можно прелевање на конфликтите што во тоа време беснееја во поранешна Југославија. Во меѓувреме, контекстот и мандатот претрпија промени. Со зајакнување на нашите демократски институции, заедно со ОБСЕ продолживме да работиме на градење капацитети. Како што растеше и ОБСЕ, продолживме со тесна соработка со другите институции на ОБСЕ. Со ОДИХИР на пример, соработуваме на многу важно прашање во врска со изборното законодавство и набљудување на изборите. Истовремено, имавме опсежна соработка со Високиот Комесар на ОБСЕ за Национални Малцинства од воспоставувањето на неговата канцеларија.

Зошто го нагласувам ова? Прво, ја цениме целокупната улога на ОБСЕ вклучувајќи на темата на денешните дискусии. Второ, важно е да се спомене дека активностите на ОБСЕ во земјата се имплементираат преку заеднички програми што се прилагодени на потребите на клучните приоритети на Владата. Со ова, ние ги зајакнуваме нашите реформни процеси, но истовремено ја надополнуваме нашата многу важна европска агенда. Верувам дека ова е случај и со другите земји од ЈИЕ. Трето, соработката не треба да се чувствува како наметната туку како производ на заеднички потфати, што го одразуваат духот на самото ОБСЕ – кооперативна соработка. Верувам дека овој концепт е важен, зашто инаку може да се добие погрешна перцепција за вклученоста на ОБСЕ.

Г. Претседавач,

Како ја дефинираме демократијата и почитувањето на човековите права? Дефинирањето на овие две и придружувањето до истите претставува постојан предизвик. Оттука, би рекол дека, во развојот и промовирањето демократија и човекови права треба да бидеме многу јасни дека станува збор за непрекинат процес каде што постојано се јавуваат предизвици. Мора да останеме доследни на оваа патека. Сепак, мора и да внимаваме при имплементација на одредени принципи за да не ги потцениме особеностите што постојат во околностите на одредена земја. А и не треба да се срамиме при препознавање на таков вид пристап и практика.

Како што посочив погоре, несомнено е дека сите земји учеснички на ОБСЕ, вклучувајќи го и нашиот регион на ЈИЕ, треба да ги користат придобивките од договорените инструменти на ОБСЕ, најдобрите практики и препораките за развој на демократските институции и човековите права како клучни вредности во нашите општества. Сметаме дека таквите напори носат големи придобивки.

Промовирањето на овие принципи и вредности можеби би било поефективно решено преку европската и евроатлантската интеграција на целиот регион. Евроинтеграциите, кои остануваат нашиот главен приоритет во надворешната политика, се успешна алатка и предуслов за одржлив економски развој, стабилност и безбедност на земјите од нашиот регион. Регионалната соработка, од друга страна, претставува еден од каналите што водат кон евроинтеграција, и обратно. Регионалната соработка и евроинтеграцијата ги сметаме за тесно и меѓусебно поврзани процеси што ќе придонесат на севкупниот просперитет на ЈИЕ.

Г. Претседавач,

Ја цениме соработката, без разлика дали истата се одвива преку теренска мисија или директно со одредена институција на ОБСЕ. Од нашето искуство, со задоволство се присетувам на друг важен случај кога се потпревме на експертизата на ОБСЕ додека се правеше нацртот за Законот на медиуми во земјата од страна на Канцеларијата на претставникот за слобода на медиумите.

Воедно имаме и видливи резултати од соработката со мисијата на ОБСЕ и Министерството за внатрешни работи во многу области, вклучувајќи и во поглед на, според денешната терминологија на ОБСЕ, демократско полициско работење. Низ годините секако се разви многу тесна соработка при промовирање на принципите на човековите права во секојдневната полициска работа. Целта е да се зголеми професионалниот профил.

Дозволете ми и да посочам на неколку други области на соработка како прашањето околу владеењето на правото, антидискриминацијата, која многу ја цениме, интеграцијата на сите наши заедници во општеството, борбата против говор на омраза/криминал од омраза, итн.

Драги парламентарци,

Бидејќи ви се обраќам во парламентарно окружување на ОБСЕ, би сакал да посочам на едно дополнително важно прашање во обврските на ОБСЕ, поточно, улогите на парламентарците и во таа насока Парламентарното собрание на нашата организација.

Би сакал да ја нагласам улогата што ја играат парламентите во усвојувањето и имплементацијата на релевантните стандарди поврзани со трите димензии на ОБСЕ. Парламентарното собрание на ОБСЕ може да понуди решенија што можат да придонесат на националните процеси и дополнителна демократизација во регионот на ОБСЕ.

Друга витална активност е учеството на парламентарните делегации на ОБСЕ во мониторингот на изборите кај земјите учеснички.

Во овој контекст, во последните години имавме тесна соработка со сите релевантни институции на ОБСЕ. Во сите изборни кругови имаше распределено набљудувачки мисии на изборите со присуство на делегации на ПС на ОБСЕ. Нивниот ангажман служеше како основа за понатамошно подобрување на нашиот изборен систем. Како што се наближуваме до претстојните избори во декември, се надевам дека дел од вас ќе се вратат во Македонија во таа функција.

Г. Претседавач,

Низ годините ОБСЕ ги развиваше своите капацитети и се пројави како близок партнер за промовирање демократско управување. Во тој поглед треба да бидеме свесни дека ОБСЕ како регионална организација ги споделува напорите во поглед на одредени прашања со партнерските организации. Таквиот вид на пристап треба да продолжи. Повеќето од нас се членови на различни организации, и развиваме слични проекти. Затоа е од суштинско значење да не дозволиме да дојде до преклопување на активностите или пак до појава на непотребна конкуретност.

Дозволете ми тука да кажам дека сме мошне задоволни од соработката со мисијата на ОБСЕ во Македонија и со шефот на мисијата, Амбасадорот Нина Суомалаинен и нејзиниот кадарен персонал.

Ви благодарам и ви посакувам плодни дискусии.

 

Конзуларни услуги