Соопштенија

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денес ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Унгарија во Република Македонија, Ласло Иштван Дукс.

 SAM 3622

На средбата беше искажано взаемно задоволство од позитивниот тренд во развојот на односите меѓу двете држави во последните неколку години. Беа потенцирани одличните политички односи, како и интересот на двете земји за натамошно проширување и продлабочување на меѓусебната економска соработка.

Соговорниците изразија уверување и за што поскоро финализирање на процесот за воведување на директна авиолинија помеѓу двата главни града, што ќе ги олесни бизнис релациите помеѓу државите.

Во контекст на македонските евро-атлантски интеграции, министерот Попоски нагласи дека Владата на Република Македонија особено ја вреднува отворената подршка и помош што Владата на Унгарија ѝ ја дава на нашата земја во евро-атлански рамки. Исто така, Попоски и Иштван Дукс разменија мислења за мигрантската криза истакнувајќи дека Унгарија се покажа како еден од најголемите партнери на Република Македонија во менаџирањето на мигрантско-бегалската криза, превенцијата на криумчарењето мигранти и спречувањето нелегални преминувања на јужната македонска граница.

Во рамки на средбата, вицепремиерот Попоски му посака успешна дипломатска мисија на амбасадорот Иштван Дукс.

Конзуларни услуги