Интервјуа и говори

Интервју на МНР Никола Попоски за „Стандард

Дата: 3 јуни 2016 година

Новинар: Краси Темелкова

2f73fbee1a6aca95d94a06c6e488df54 600x460

1.Господин Министер, какви се расположението и ситуацијата по одложувањето на изборите во Македонија?

Останува да договориме нов датум за избори. Тие се дел од политичкиот договор кој го постигнавме минатото лето. Најголемата опозициска партија ги побара, потоа проценија дека е подобро да ги нема толку скоро. Нема поента да се тера некој на избори со стап, особено доколку истиот ги барал да се случат ден порано. Сигурно ќе постигнеме домашен договор за тоа кога да се случи преостанатиот чекор од ланскиот договор, тоа се изборите. Со било кој договор, најбитно е времето да го искористиме за суштински реформи кои ке не водат напред кон ЕУ. Ова е приоритет. Не поради процедурата, туку поради суштината на тие реформи, кои се предуслов за поголема предвидливост во земјата.

2.Кога може да се очекува во земјата да има избори и дали е можно да се постигне договор меѓу партиите за ова прашање?

Не можам точно да кажам ден кога ќе го постигнеме договорот за изборите. Знаеме дека ќе се случи. Што поскоро, подобро. Побитно е да се спречи спиралата на нестабилност и да се задржи фокусот на реформи кои треба да се водат без разлика кој што мисли за политичката ситуација. Тие се обединетелен фактор. Парламентарното мнозинство има стабилна поддршка и визија за натаму.

3.Кој победи од одложувањето на изборите и што се загубите од оваа одлука?

Не гледам од прва дека било кој добил нешто. Практично сите изгубивме, некој повеќе, некој помалку. Но, како што реков, со стап не се води никој на избори. Особено не некој што ги барал да бидат порано од редовните.

4.Слушнати ли се протестите на луѓето?

Да, секако, и би се борел најодлучно за секој да има право да го каже своето мислење во мојата земја. Секој има своја поента. Мудроста е во тоа да имате капацитет да ги прифатите сите мислења, критики и ставови, па од сите нив да извлечете тоа што е најдобро за државата.

5.Како ќе влијае оваа политичка криза на патот на Македонија кон ЕУ?

Го усложнува патот кон ЕУ без сомнение. Многу помалку се говори за неправедното одложување на преговорите за членство во ЕУ со Македонија. Речиси и да се заборава. Многу повеќе се презентираат драмите поврзани со политичкиот судир дома, покрај тоа што политички судири се регионален спорт број еден. Без дилема не чини многу скапо. Лично сум уверен дека и ова ќе се надмине и ќе излеземе посилни. Но решенијата мора да си ги најдеме само со домашни средства. Никој надвор нема да ни помогне, ако не си помогнеме самите.

6.Кога да очекуваме финализирање на Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија?

Многу побитно од самиот договор е начинот на кој ќе дојдеме до него. Дали ќе биде вежбање на мускули или фер договор меѓу партнерски земји. Досегашниот пристап охрабрува. Од двете страни се трудиме да ги разбереме грижите на другиот на отворен начин. Историски, во Македонија имаме чувство дека кога соседите ни бараат нешто, сакаат да ни ја земат душата. А ние сме народ со достоинство и не сме воодушевени кога добиваме таков впечаток. Верувам дека можеме да успееме. Рокот не треба да е приоритет, туку нашето партнерство во ЕУ рамки. Широчината со која разговараат луѓето во работните групи од двете страни е добар сигнал за процесот.

7.Како го оценувате развојот на односите меѓу двете земји откако вие сте министер за надворешни работи?

Објективно, имавме доста темни периоди со чувство дека успех за Бугарија е да се уцени Македонија. Со повеќе осцилации, верувам дека во моментов сме можеби во фаза во која комуникацијата е на највисоко можно ниво, барем во последниве пет години. Можеби политичките превирања кои се случија во двете земји не направија сите помудри и повеќе посветени на долг рок да си создаваме искрени пријателства. Ова е Балкан, не е Скандинавија. Но, без оладување на главите ќе се оддалечиме уште повеќе од Скандинавија со менталитет и со економски стандард. Второто е поголем проблем. Затоа треба одлучно да се посветиме на градење добра клима меѓу нас и во регионот, зошто тоа и ќе ни помогне да донесеме инвестиции и работни места. Тука Бугарија и Македонија се со потполно ист интерес.

Конзуларни услуги