Интервјуа и говори

Интервју на МНР Никола Попоски за „Ле Фигаро“

Дата: 26 мај 2016 година

Новинар: Филип Жели

Границата на Македонија ќе остане затворена

"Ние ги исполнуваме критериумите за пристапување во НАТО и кон ЕУ без да напредуваме кон нашата цел. Тоа ја разгорува политичката криза", Никола Попоски.

le figaro MNR

Никола Попоски, кој има 38 години, е Министер за надворешни работи на Македонија од 2011 година.

Во Грција почна да се евакуира бегалскиот камп во Идомени: Дали вие ја одобрувате оваа одлука?

Никола Попоски: Тоа е најдобрата опција. Има околу 9000 луѓе на преминот Идомени, и околу 20 000 во сите кампови околу грчко-македонската граница. Оваа одлука ќе придонесе за намалување на тензиите со Атина и ќе привлече помалку илегални мигранти.

Има ли многу бегалци меѓу нив?

Никола Попоски: Сепак, останува Грција да го одреди тоа. За нас, сите оние кои сосила се обидуваат да ја преминат границата се илегални мигранти.

Дали вашата граница ќе остане затворена?

Никола Попоски: Да. Ние само ги применуваме одлуките на Европскиот совет.

Вие не сте дел од Европската Унија, па спроведете ги вашите одлуки...

Никола Попоски: Полесно е да се рече отколку да се направи. Понекогаш и подолго се чека на одлуките на ЕУ кога сте земја-кандидат отколку земја-членка.

Скопје е обвинето за прекумерна употреба на сила против мигрантите, вклучувајќи и гумени куршуми...

Никола Попоски: Повикувајќи се на извештајот на Министерството за внатрешни работи, имаме користено солзавец, но нема докази дека полицијата прибегнала кон гумени куршуми.

Дали престанаа нелегалните премини?

Никола Попоски: Сè уште дневно има 100 - 300 обиди да се пробие оградата или да се заобиколат планините. Повеќето од нив се пресретнати од страна на македонската полиција, со поддршка од стотина Европски полицајци.

Политичка криза предизвика секојдневни демонстрации во Скопје: кој е излезот од тоа?

Никола Попоски: Најдобар начин е преку избори. Постои договор помеѓу четирите главни политички партии да се оддржат парламентарни избори, но тие веќе два пати се одложија, затоа што социјалдемократите, главната опозициска сила, гледаат дека анкетите не им се наклонети. Кога тие ќе се подготвени, ќе се примени политички договор кој предвидува формирање на техничка влада сто дена пред изборите.

“Шарената револуција“ најмногу ја поттикна голем скандал со прислушување, од кој осомничените биле помилувани од страна на вашиот претседател ...

Никола Попоски: Претседателот помилува околу педесетмина од политичката сцена од двете партии. Сите партии го критикуваа овој чекор и парламентот туку што овозможи укинување на амнестии. Ова е деликатно, бидејќи е без преседан во уставот, но јас мислам дека тоа ќе се случи наскоро. Истрагите на специјалниот обвинител се во тек.

Многубројни гласови во Европа наведуваат “назадување на демократијата“ во Македонија...

Никола Попоски: Очигледно е дека не е добро кога се претрпува волку сериозна парламентарна криза. Би било наивно да мислиме дека ова нема да има последици врз нашата кандидатура за членство во НАТО и ЕУ. Но, ние веќе со години ги исполнуваме критериумите за членство, без да напредуваме кон целта: тоа, исто така, ја разгорува политичката криза.

Големото албанско малцинство во Македонија е вознемирено: Дали сте загрижени?

Никола Попоски: Македонија веќе дваесет години се спротивставува на центрифугалните сили. Некои идеи, кои флертуваат со војна, имаат повеќе простор надвор од европската интеграција. Европскиот проект е посилен од секој обид за промена на границите на Балканот.

Конзуларни услуги