Интервјуа и говори

Интервју на МНР Попоски за „Телма“

Дата: 13 април 2016 година

Новинар: Снежана Лупевска

nikola poposki intervju

СЛ: Министре на што се должи вчерашниот инцидент кај Идомени и дали сте изненадени од такво нешто или беше очекувано?

Попоски: Дека сме изненадени, не би можел да кажам бидејќи во неколку наврати ни се повторуваат такви инциденти и од оној момент кога се поставуваат шатори на гранична линија со мигранти на грчка страна јасно беше дека инцидентите ќе бидат неизбежни. А нашата порака од тој прв ден која опстојува до ден денес е час поскоро да бидат дислоцирани тие мигранти кои седат во супстандардни услови во шатори на самата граница во центрите за прием за кои Грција впрочем има добиено и средства. Во однос на тој конкретен инцидент, повеќе укажувања има дека постојат групи на припадници на невладини организации и активисти на терен кои поттикнуваат мигранти да користат насилство за преминување нелегално на границата помеѓу Грција и Македонија. Испраќајќи порака дека доколку ја преминат таа граница без никаква пречка можат да стигнат до Германија. Ова се очигледни манипулации против кои ние треба да се бориме и со информирање на мигрантите, вистинско, но и со преземање на дополнителни мерки за обезбедување против натамошни нелегални преминувања на македонска територија. Ова е во доменот на мерките кои сигурно треба да бидат приоритет за грчките власти, но мислам дека е неопходна и соработка од двете страни на границата за спречување на инциденти од овој тип да не се повторат во следните денови или седмици.

СЛ: Што Македонија презема и што беа мерките што се преземаат заради овој инцидент за да се спречат овие инциденти да не се случуваат и во иднина?

Попоски: Два заеднички именители има за инцидентот вчера, а тоа е дека речиси сите слики и кадри кои доаѓаа од инцидентите доаѓаа од грчка територија, тоа е првиот фактор, а вториот фактор е дека на ниту еден од нив немаше ниту еден грчки полицаец. Добар индикатор за тоа колкаво беше нивото на ангажираност на терен. Не мислам дека сега ќе ги решиме следните инциденти со префрлање на вината бидејќи не треба да ја потценуваме тежината на фактот дека има 50 и кусур илјади мигранти на грчка територија. Но заклучоците на Европската Унија одеа на линија на тоа дека секој ден треба да преземаме мерки на сопствена територија. Тоа што го прави Македонија за спречување на нелегални премини на нејзина територија треба да биде најмалку двапати повидливо од страна на грчките власти на грчка територија. Односно обесхрабрување на тие нелегални премини и сузбивање на организаторите на ваков тип на активности кои го рушат целиот план кој е зацртан од Европската Комисија и зад кој стојат и македонските и грчките власти односно затварање на Балканската рута на миграција и избегнување на сценарија од оние какви што ги видовме во текот на минатата година – масовни, неконтролирани мигрантски бранови.

 

СЛ: Како го толкувате однесувањето на грчките власти затоа што од премиер до министри почнаа да реагираат во насока на тоа дека Македонија прави нешто што не треба да го прави со мигрантите; употребува сила и слично, на што се должат ваквите нивни изјави и однесувањето на грчките власти?

Попоски: Интензитетот и бројот на изјавите веројатно е повеќе во корелација со политичките ситуации во Грција отколку што е во корелација со вистинската загриженост на терен за тие инциденти. Тоа е несомнено и видливо. А вториот аспект е дека доколку некој навистина е толку загрижен имаше една мерка која можеше да биде преземена многу порано за да бидат ваков тип на активности, а тоа е еден поконзистентен напор за дислоцирање на мигрантите од шаторите на граничната линија во центрите за прием. Ваков еден чекор ќе беше јасен сигнал дека сме загрижени, дека не сакаме да имаме инциденти на границата и дека ќе обесхрабриме било каков обид за нелегално преминување на границата. Кога вие оставате 20 и кусур илјади луѓе на самата гранична линија без никаква контрола и оставате други кои имаат икс агенди да ги поттикнуваат да приоѓаат кон насилство за поминување на таа граница мислам дека вие само си повикувате неволја. И прашање на време е кога ваков тип на неволја ќе се повтори. Единственото решение е нивно дислоцирање. Не треба да влеземе сега во игра на натпревар во изјави од едната и од другата страна на границата за тоа кој што направил или не направил, туку треба да повлечеме една линија и да гледаме од утре да не ни се повтори вакво сценарио. Првиот чекор ќе бидат обидите за дислоцирање и за обесхрабрување на овие групи кои ги поттикнуваат луѓето на еден вандалски начин да се обидат да преминат државна граница.

СЛ: Со оглед пак на тоа дека земјите членки на Европската Унија договорија затварање на Балканската рута, какви се нивните реакции апропо однесување на грчките власти кон Македонија?

Попоски: Па и Европската комисија и повеќе земји членки дадоа многу јасни одговори околу обвинувањата за тоа што Македонија презела или не презела. Една работа е важна, а тоа е дека Македонија сè што презеде е на линија на обврските кои ни се зададени на ниво на Совет на Европска Унија, односно истите обврски кои важат за Грција, важат и за нас: обесхрабрување на нелегалната миграција, затварање на мигрантската рута и преземање на мерки за обезбедување на хуман и безбеден третман на оние мигранти кои се наоѓаат на сопствена територија, во овој случај мигрантите кои се на грчка територија. Да не ја заборавиме и малку пошироката слика, а тоа е фактот дека поголем број на земји членки на ЕУ имаат физичко присуство со нивни полициски сили на македонска страна од грчко-македонската граница. Тие луѓе имаат директен увид во тоа што се случуваше и нивните информации до главните градови на ЕУ и до Брисел се исклучително релевантни. Во ниту еден случај не можеме да оставиме некој друг освен лицата кои се стручни, кои излегуваат од безбедносните сили да направат проценка за тоа какви мерки се прават. И мислам дека тие ја прават проценката за тоа што треба да се преземе, а крајниот резултат треба да биде спречување на нелегална миграција. Ние тоа го постигнавме, со висока цена бидејќи повеќе од 20тина полицајци се повредени во овие напади, но не оставивме никаков простор некој да го стави на интерпретација тоа дали ќе ја отвараме или нема да ја отвараме границата, дали ќе оставиме или нема да оставиме ваков тип на однесување да вроди со плод. Нашиот одговор е јасен: не.

СЛ: Дали затоа се тука Пахор и Колинда Грабар денеска?

Попоски: Дел од поддршките кои ги добиваме, за справување со оваа мигрантска рута доаѓаат и од земјите кои се директно засегнати. Словенија и Хрватска се две земји кои се на рутата и сè она што се случува на македонско-грчка граница, доколку ние не преземеме мерки ќе се случува на хрватско-словенечката граница или понатаму. Со други зборови, сите земји, дел од ЕУ, а посебно оние кои се наоѓаат на мигрантската рута имаат интерес ние да бидеме успешни во тоа што го спроведуваме и во она што досега го правиме.

СЛ: Дали имате директни контакти со вашиот колега Коцијас?

Попоски: Да, имаме константни контакти со грчките власти и со министерот Коцијас. Мислам дека многу работи се оставија да бидат на зборови, а не на дела и мислам дека многу подобро ќе беше за двете страни доколку ја посветевме сета онаа енергија што ни беше насочена кон изјавите, на справување со конкретниот предизвик на терен, односно обесхрабрување на луѓето да прибегнуваат кон насилство за нелегален премин преку границата.

СЛ: Иако беа најавени мерки за доверба од грчката страна, тоа го разговаравте директно со вашиот колега, односите не одат во таа насока по вчерашните случувања. Дали ова ќе влијае на понатамошните односи меѓу Македонија и Грција и како?

Попоски: Мислам дека треба да ги раздвоиме двете работи, едната работа е мерките за градење на доверба и тука размената меѓу новинари, политичари, економија, бизнис презентации, културни промоции се нешто од што имаме корист на долг рок. И Македонците и Грците ќе имаат корист доколку го поттикнеме тој тип на соработка и мислам дека некои пионерски чекори на овој пат се направени. Мигрантската криза е нешто многу пошироко од македонско-грчките односи бидејќи ако погледнете во еден европски контекст тоа успеа да ги наруши односите меѓу долгогодишни партнери и земји членки на ЕУ во тој дел. И тука не би рекол дека конфронтирањата се случуваат на релација Скопје – Атина, многу повеќе се случуваа на релација Атина – Брисел или Атина и други европски главни градови. Ние сме, би рекол, многу мала коцка од тој мозаик на конфронтација помеѓу Грција и видувањето на повеќе главни градови на ЕУ дека несоодветно се справува со таа криза. Да бидеме фер, географијата не ѝ помага многу на Грција во справување со овој проблем, има многу острови, една водена линија односно море, Егејското море меѓу Грција и Турција и без помош од турска страна тешко дека ќе можат да се справат со овој проблем. Но мислам дека на некој начин со последните инциденти веројатна имаше некој обид да се дефокусира од овие реални проблеми со изјави кои беа во насока на преголема загриженост околу третманот што се случил со овие мигранти при инвидентот кај граничниот камен 59. Наједноставното решение и наједноставниот одговор за избегнување на овој проблем ќе беше доколку превентивно се дејствуваше да се обесхрабат овие луѓе да не прибегнат кон насилие и уште повеќе доколку беа охрабрени грчките власти да ги дислоцираат и да ги стават во приемни центри каде што условите ќе стимулираа поинаков начин на однесување отколку овој со камења да се обидуваат нелегално да ја преминат државната граница.

 

Конзуларни услуги