Интервјуа и говори

Попоски за ТВ Нова: Македонија го спроведува на терен заклучокот на ЕУ

Дата: 12 април 2016 година

Новинар: Билјана Василева-Трендафилова

Во интервју за ТВ Нова, Министерот за надворешни работи Никола Попоски зборуваше за последните случувања на грчката граница, но и за тоа дали е Македонија подготвена за фер и кредибилни избори, имајќи во предвид и дека ЕУ го очекува истото по давањето на седмата по ред препорака.

Во однос на мигрантската криза тој истакна дека Македонија го спроведува на терен она што Унијата го донесе како заклучок.

„Она што го прави Македонија е она што ЕУ го донесе како заклучок и ние го спроведуваме на терен. Тоа е обезбедување на границата, спречување на илегални премини и затворање на балканската рута со цел да се примени договорот помеѓу Европската Унија и Турција. Очекуваме секоја земја да ги преземе обврските, а истото да го направи и Грција“, истакна Попоски.

poposki2 640x358

На прашањето дали за решавање на овој проблем е потребен поголем ангажман на ЕУ како поддршка за Грција, Попоски истакна дека не треба да се потцени тежината на проблемот и од другата страна на границата.

„Да не ја потцениме тежината и од другата страна на границата, зашто факт е дека мигрантите одбиваат да се вратат во Турција. Грција треба да ги дислоцира мигрантите и да ги смести во оној граничен појас финансиран од ЕУ, каде тие ќе имаат подобри услови за живот“, е дел од изјавата на Попоски на оваа тема.

Како дел во разговорот на ТВ Нова се начна и средбата Нимиц-Коѕиас. Попоски истакна дека во заеднички интерес со Грција ни е да изградиме позитивна клима.

biljana 640x358

„Да се креираат очекувања дека сега е моментот, а порано не бил, мислам дека е премногу наивно бидејќи 25 години е добар момент за да се надмине овој банален спор што ни е наметнат. Сепак, значајно е да градиме позитивна клима со Грција со оглед на заедничките интереси“, рече Попоски.

Тој зборуваше и за изборите закажани за 5-ти јуни велејќи дека Македонија мора да се фокусира на она што е значајно за граѓаните.

„Македонија во многу наврати има спроведено фер и демократски избори и нема дилема дека и понатаму ќе продолжи оваа пракса. Она што следува понатаму е во надлежност на ДИК, а и Власта е тука како поддршка за спроведување на изборите. После овој период во кој патевме од вештачки креирана политичка криза, време е граѓаните да го дадат својот глас. Каков и да е исходот од тие избори, неопходно е Македонија да сврти нова страница, да ги остави проблемите зад себе и да се фокусираме на она што е значајно за граѓаните, истакна Попоски.

 

 

Превземено од веб страната на „ТВ Нова“

Конзуларни услуги