Интервјуа и говори

Интервју на МНР Попоски за Израелска телевизија

Новинар: Ројим Олам

Датум: 12.03.2016

poposki izrael intervju

Попоски: Сметам дека по нападите што се случија во Париз нема сомневање дека постојат закани. Очигледно е дека постојат. Не треба да ставаме знак за еднаквост меѓу мигрантите и безбедносните закани, но сепак е очигледно дека мал број луѓе го искористиле бранот од стотици илјади мигранти и дека дел од нив имаат поинакви агенди што би можеле да ја загрозат нашата безбедност и би можеле да завршат со терористички активности како што покажала досегашната практика. Пораките што ги праќаме се дека не можеме да го имаме истиот оној вид на неконтролирана миграција каква што видовме во 2015 година. На среден план, тоа ќе ги обесхрабри нелегалните мигранти да не доаѓаат во Грција.

А што се прави со хуманитарниот аспект кај 10.000 бегалци од грчката страна на границата со Македонија. Како треба да постапувате со нив? Сакам да кажам, нели тие треба да пијат, јадат, да се исхранат?

Попоски: Секако. Треба да правиме разлика, зашто кога зборуваме за луѓе во опасност што се обидуваат да си го спасат животот или се наоѓаат во опасност по живот или загуба на домот, тие бегаат во некоја безбедна земја, и пред да дојдат до Македонија, преминуваат најмалку две безбедни земји, едната е Турција, а другата е Грција. Според нас, Грција е исто толку безбедна како и Македонија, а воедно и веќе се наоѓаат на територијата на ЕУ. Географијата така наложи да треба да поминат низ Македонија за да дојдат до другите европски држави. Нам би ни било најлесно ако едноставно не правиме ништо, да ставиме табли посочувајќи дека Берлин се наоѓа на 2.000 километри северно и да гледаме од страна. Тоа е лесен пристап. Но, ние сметаме, а и убедени сме од страна на нашите европски партнери дека од нас не се очекува да дејствуваме така, и на некој начин ние презедовме одговорност за нешто што треба да се прави на територијата на земја членка на ЕУ.

Што очекувате од ЕУ самитот следниот понеделник?

Попоски: Мислам дека би било наивно да се верува дека овој проблем ќе се реши дента по 17ти. Мислам дека ќе треба многу повеќе време и сметам дека практиката покажала дека не сите одлуки што се донесени се имплементираат веднаш. Затоа ќе помине одреден временски период меѓу одлуките и имплементацијата. Во меѓувреме, најдоброто што можеме да го направиме е да ѝ помогнеме на Грција да се справи со притисокот со кој се соочува во моментов и едновремено, да се обидеме да работиме на реадмисија, зашто значителен број од овие луѓе што пристигнале во Грција, а потоа и во дел од западноевропските земји не се нужно бегалци од зони на конфликт и не соодветствуваат на дефиницијата на баратели на азил што треба да останат и на кои треба да им се обезбеди засолниште во Европа.

Морам да споменам дека вашата земја не е членка на Европската Унија.

Попоски: Па, ставени сме во тешка ситуација зашто имплементираме одлуки во кои не сме учествувале самите. Затоа е уште потешко да се биде „аутсајдер“, да се биде земја што не е членка на ЕУ што треба да го направи она што ЕУ не успеала да го направи. Сепак, досега покажавме решителност и капацитет да одговориме на предизвикот од оваа мигрантска криза. Веруваме дека сè уште постои простор за подобрување за подобро координиран одговор. Проблемот е во тоа што ги немаме сосема истите ставови за секој аспект од кризата на краткорочен план. Веројатно сите се согласни за долгорочниот план, дека треба да се обезбеди безбедно засолниште за сите оние што се наоѓаат во опасност и дека не треба да постапуваме на истиот начин со оние што бегаат од конфликт и оние што бараат подобри работни места. Но, сепак, во поглед на краткорочните мерки, очигледно е дека не сите ја гледаат потребата од вложување на истите напори и спроведување на истиот вид мерки на овој стадиум.

Со други зборови, не гледате една заедничка политика на ЕУ во поглед на бегалците?

Попоски: Таквата политика недостига во практична смисла, зашто да имавме координиран одговор од самиот почеток, сметам дека не би дошло до сегашната ситација и не би имале над милион луѓе што пристигнуваат во западноевропските земји на мошне неорганизиран начин.

Конзуларни услуги