Интервјуа и говори

Интервју на МНР Никола Попоски за „Сител“

Дата: 15 март 2016 година

Новинар: Валентин Николовски

 

12083836 10206975762370918 29635785 n

 

Г-дине Попоски, како ја оценувате вчерашната ситуација на нелегално насилно преминување на илјадници мигранти на македонска територија во ситуација кога грчката полиција практично не делуваше за да го спречи преминувањето од една држва, членка на Шенген во друга држава, на овие мигранти?

Попоски: На некој начин се работи за преседан, како во случајот бидејќи за прв пат имаме повеќе илјади луѓе кои на организиран начин се обидуваат на нелегални премини да преминат од една држва во друга. Очигледно е дека постојат невладини организации и криумчари на мигранти кои сакаат да профитираат од една таква ситуација. Во секој случај не смее властите во било која држава на оваа мигрантска рута да останат неми набљудувачи на таков еден феномен. Ние ја интензивиравме комуникацијата со нашите партнери во ЕУ и со грчките власти, бидејќи имаме заедничка цел, да не се сведе ова на префрлање на вина, туку на избегнување на сериозен ризик да почнеме со нова фаза во мигрантската криза, во која ќе се створи определен натпревар за тоа колку мигранти ќе бидат прокриумчарени од една граница до друга. Одговорот мора да биде одлучен на европско ниво. Каква и да биде одлуката ќе бидеме дел од решението, ќе соработуваме со нашите европски партнери, но не смееме да дозволиме на ваков начин, организирано од невладини организации и криумчари, канал за нелегално минување на граница да постане пракса која би се толерирала. И во оваа насока сметам дека ќе добиеме соодветна поддршка и од нашите европски партнери, а во секој случај ќе останеме на блиската комуникација и со грчките власти за да помогнат за избегнување на вакви инциденти во иднина.

Грчкиот Премиер Ципрас веќе најави истрага, кој ги организирал мигрантите да тргнат по таа рута. Дали верувате дека можат да преземат чекори со кои што нема да се повторат слични инциденти и дека ќе го послушаат апелот на Ципрас да се повлечат од Идомени во прифатните центри во внатрешноста на Грција?

Попоски:Најдобриот сигнал кој може да се упати во овој момент е да се прекине со праксата со носење дополнителни мигранти кои би се поставувале во шатори на самата гранична линија. На овој начин само им се зголемува пазарот и на невладините кои работат на криумчарење преку граница и на криумчарите кои гледаат на овој феномен како на бизнис можност. Единствено решение за избегнување на вакви ризици е преместување на мигрантите во центрите кои се соодветно договорени со ЕУ на територија на земјата која е прв влез во шенген зоната и во ЕУ, односно во Грција. Доколку ова се случи, навистина ќе се намали ризикот од вакви инциденти да се повторуваат во иднина.

 

*************************************************************************************************************************************************************

Интервју на МНР Никола Попоски за „Сител“

Дата: 8 март 2016 година

Новинар: Валентин Николовски

 

Господине Попоски, самитот ЕУ-Турција заврши. Дадени се уште 10 дена за додефинирање на новиот договор со Турција за справување со мигрантската криза, меѓутоа, она што нас најмногу не засега е Западно-балканската рута која од затворена рута e преформулирана во завршена рута. Толкувањата се различни. Како Македонија од денес ќе се однесува кон мигрантите кои што доаѓаат од Блискиот Исток од држави зафатени со воени дејствија?

Попоски: Сепак е прерано да заклучиме дека од денес нема да постои притисокот на нелегални минувања на мигранти, од една до друга граница по текот на тнр. Балканска рута. Од друга страна, има позитивни сигнали дека земјите кои се покрај Македонија во оваа рута ќе преземат позитивни напори за спречување на овие напори, што значи дека ќе го намали притисокот на еден среден рок врз грчко-македонската граница што е за нас најчувствително прашање во овој момент. Во однос на нашата политика и нашата поставеност, ќе останеме на нашиот приоритет за хуман третман на сите бегалци, за обезбедување на безбеден премин преку македонска територија од една земја членка на Европската Унија до друга земја членка на ЕУ. Овие напори ќе ги правиме во координација на нашите партнери, вклучително и Грција.

Дали тоа значи дека основаните баратели на азил, пред се државјаните на Сирија и Ирак ќе бидат пропуштани низ македонска територија во број кој што ќе биде дозволен да поминат низ сосдените земји, пред се во Србија, Хрватска, понатаму Словенија, Австрија и Германија?

Попоски:Точно. Бројките на премини не ги определува Република Македонија, туку се резултат на капацитетот за прием во земјите кои се нивна конечна дестинација. Доколку има поголем капацитет во Германија и останатите земји членки на ЕУ, Македонија ќе може поголем број на бегалци да ги спроведе хумано и безбедно низ своја територија. Доколку постојат ограничувања и се воспостави директна врска, што е веројатно најдобро решение во овој момент, во тој случај ние ќе бидеме дел од тоа решение и ќе работиме заедно со грчките власти за таа политика да биде спроведена.

Грчките власти речиси без отпор ги пуштија сите бегалци да кампуваат кај Идомени кај македонско-грчката граница. Очекувате ли сега од нив поконкретна соработка, да се расчисти тој камп и тие бегалци, согласно со договорот со Турција да бидат вратени во Турција или пак да бидат сместени во големите кампови за бегалци што ги има низ територијата на Грција?

Попоски: Очигледно беше дека со сместување на мигранти на неколку стотина метри од македонско-грчката граница ќе се зголеми притисокот врз Македонија и на тој начин ќе се обезбеди повторно да дојдеме до една стихијна ситуација на преминување на македонско-грчката граница. Нашата порака беше јасна дека секој оној кој се грижи за хуман третман на бегалците, мора да им обезбеди прием во места и локации кои се поблиску до локацијата која ќе им овозможи враќање во нивната земја или пак на некој начин ќе ги вдоми или ќе обезбеди третман на подолг временски период. Ставање на луѓе во шатори до македонската граница како начин за вршење притисок за повторно пробивање на нелегалниот тек што го имавме во минатото, дефинитивно не е решение и мислам дека не е ниту во грчки интерес.

Конзуларни услуги