Интервјуа и говори

Интервју на МНР Никола Попоски за „Канал 5“

Дата: 4 март 2016 година

Новинар: Ѓорѓи Томиќ

 

kanal5

Проблемот со мигрантите е проблем што ја засега цела Европа. Неодамна во земјава беше претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, од којшто иако очекувавме некакво решение да предложи од страна на Европа, сепак не слушнавме некој конкретен одговор за тоа како може да се најде излез од оваа криза. Што мислите вие?

Попоски: Европската Унија има ставено на маса решение уште во изминатите неколку месеци... Од ноемврискиот и декемврискиот самит постоеја решенија. Главниот проблем е што и овие решенија што се ставени на маса се чини дека во пракса не функционираат. Главниот фактор беше Турција, границата со Грција, контролата на надворешните граници и воспоставувањето на точките за прием. Ние сеуште во Македонија имаме бројки кои се преголеми, за да можеме да заклучиме дека во Грција се спроведуваат овие мерки. Во овој момент, најголем дел од влоговите се ставени на самитот што треба да се случи во понеделник помеѓу ЕУ и Турција. Од самитот се и очекувањата дека Турција би го понела главниот товар за спречување на натамошни преминувања кон Грција, како и за враќање на мигрантите кои се дојдени во Европа од економска природа, што е предуслов за да може понатаму да се справува со дополнителни бранови на мигранти кои доаѓаат во Европа.

Впечатокот е дека никој не сака на свој грб да го стави товарот со оваа мигрантска криза. Од друга страна, Европа како да сака најголемиот товар да го остави на земјите од Балканот. Ја слушнавме изјавата од Хрватска каде што се споменува и Шенгенот. Можеме ли да очекуваме дека Европа размислува за едно такво решение, да се спаси токму од овој проблем?

Попоски: Во поголем временски период под знак прашалник е поставено прашањето дали Европа може да функционира во услови во кои не може да ги контролира надворешните граници и во услови во кои не функционираат договорите за реадмисија, односно упатување од една во друга држава на мигранти и бегалци. За нас, се разбира дека е најделикатно тоа што сме ставени во сендвич помеѓу јужниот и северниот дел на Европската Унија и низ нас транзитираат мигранти кои ни доаѓаат од членка на ЕУ. Неоправдано би било да се очекува Македонија да ги реши оние проблеми кои не може Грција со помош на ЕУ. Но, ние во секој случај сме дел од решението и ќе продолжиме да обезбедуваме хуман и безбеден транзит на мигранти низ нашата територија кои ќе бидат прифатени во северно-европските земји.

Се прави ли притисок врз македонските власти да се дозволи изградба на камп на наша територија? Видовме дека Брисел неколкупати даде финансиска помош за да ни помогнат со справување со овој проблем.

Попоски: Дали ќе се изгради камп или не е одлука на Македонија. Ние многу јасно имаме кажано во повеќе наврати дека имаме капацитет кој е деклариран до 2.000 мигранти кои транзитираат низ Република Македонија и тие капацитети се наоѓаат на нашата јужна и северна граница. Не може да очекувате дека Македонија треба да вдомува мигранти кои се наоѓаат на безбедна територија. Грција не е ништо понебезбедна од Македонија. Не може да очекувате дека Македонија може да вдоми мигранти кои не може да ги вдомат 28 земји членки на ЕУ. Мислам дека е фер пристапот.

Ако ги следиме изјавите коишто стигнуваат од Европа, можеме да кажеме дека владее вистински хаос во членството на Унијата особено ако ги слушнеме изјавите од Вишеградската група и она што официјално го кажува Брисел. Кој е вашиот впечаток? Велите дека следната недела ќе има конференција токму за овој проблем. Каде се гледа излезот од оваа мигрантска криза?

Попоски: Наивно би било да веруваме дека проблемите ќе се решат следната недела. Очекувањата се големи дека Турција ќе земе поголем дел од товарот со тоа што ќе прима мигранти кои ќе бидат назад упатени од делот на оние кои се стигнати во Германија и другите западно-европски земји и воедно ќе работи на спречување на прилив на нови мигранти. Сепак, Турција е ставена во многу тешка позиција бидејќи веќе четири - пет години алармира дека 2,5 милиони мигранти се на нејзина територија. Чувството на Турција е дека предолг временски период носела преголем товар без да има помош. Ние би биле наивни доколку денес веруваме дека ова ќе биде решено на краток рок. Сепак, овој проблем ќе се провлекува низ следните месеци, можеби и години, но, наш интерес ќе биде да ја зајакнеме соработката, особено со нашиот северен и јужен сосед и да бараме решение кадешто тежината ќе биде префрлена на надворешните граници на ЕУ, односно Грција и соработката со Турција како клучна земја. Има еден фактор врз кој дефинитивно не можеме да влијаеме а тоа е стабилизација на ситуацијата во Блискиот Исток. Се додека имаме конфликт на Блискиот Исток ние ќе бидеме подложни на големи мигрантски бранови кои ќе доаѓаат во Европа.

Во контекст на ова што го велите дека овој проблем ќе тлее и ќе биде присутен и во следните неколку месеци, можеби и години, она што го договоривте со вашите колеги дека ќе се прави регистрација на мигрантите коишто ќе одат низ рутата до Европа се прави токму во Македонија. Свесни сме дека со затоплувањето на времето, бранот ќе биде се помасовен. Дали очекувате дека притисокот ќе биде ставен токму на нашите гранични премини?

Попоски: Идеално решение е доколку таа регистрација се прави на надворешната ЕУ граница. Тоа е Грција. Во пракса би требало на грчките острови да се регистрираат сите тие кои доаѓаат. Тие што се економски мигранти веднаш да бидат вратени назад а само бегалците кои бегаат од војна да бидат пропуштани нагоре. Тоа не се случува. Во спротивно не би имале ситуација со повеќе десетици илјади мигранти кои транзитираат низ Грција и доаѓаат на нашата граница. Токму затоа, системот на контрола што го правиме на нашата граница е второто најдобро решение, односно најмалку лошото решение. Во овој момент ние сме договорени со останатите земји на рутата, таа регистрација што ќе се изврши на македонската граница и процес на идентификување на баратели на азил да биде валидна за сите земји нагоре по рутата. И ова правило наидува на проблеми, бидејќи имаме определен број на мигранти кои се враќаат назад. Додека не ја расчистиме оваа ситуација дека секој кој што е регистриран во Македонија може да продолжи нагоре, не би требало Македонија да презема зголемен товар и поголема одговорност од онаа што може да ја понесе во овој момент.

 

 

Конзуларни услуги