Интервјуа и говори

Интервју на МНР Никола Попоски за „Ханделсблат“

Дата: 1 март 2016 година

Новинар:  Ханс-Петер Зибенхар

 

„Турција игра клучна улога“

Македонскиот министер за надворешни работи ја поддржува канцеларката за изнаоѓање европско решение.

handelsblatt

Никола Попоски спаѓа во новата генерација политичари на Балканот. 38-годишниот министер за надворешни работи на Македонија – веќе пет години на оваа функција – е прагматичен и „проевропски“ настроен. Но, предизвиците за неговата земја, која е „тесно грло“ на балканската рута, се големи.

Господине министер Попоски, како го претставувате проблемот со бегалците моментално во Македонија?

Минатата година 700.000 бегалци поминаа низ нашата земја. Од почетокот на оваа година 90.000 мигранти ја преминаа границата. Справувањето со овие толпи на нашата граница ни претставува голем предизвик.

Кое е решението на проблемот?

Треба да се имплементираат две цели: да се спречи нелегално преминување на границата чиј број беше висок во минатото и да се воспостават центри за регистрација во Грција каде што ќе се регистрираат сите бегалци за да се утврди кој може да го продолжи своето патување, а кој не. Нелегалните бегалци мора да се вратат назад. Признаените бегалци мора да добијат хуманитарна помош. Европа треба да ги фокусира сите свои напори околу тоа. Ако се дозволи премин на оваа маса нелегални економски бегалци, тогаш е прашање на недели или месеци пред земјите-членки на ЕУ еднострано да ги затворат своите граници. Тоа дефинитивно не би било добро за Европа, а секако ни за Македонија.

Дали македонската влада сè уште верува во европско решение кон кое цели и германската канцеларка, Ангела Меркел?

Европското решение е најдобрата опција што ја има Македонија. Националните решенија само ги префрлаат проблемите од една во друга земја.

Дали на следниот самит на ЕУ на 7ми март ќе видиме европско решение?

Не верувам дека бројот на бегалци ќе се намали брзо по 7 март. Сè зависи од Турција. И Турција има силен аргумент. Имаат примено пет милиони лица од пред четири години на сопствен трошок. Затоа треба да се фокусираме на безбедноста на надворешните границите на ЕУ кон Турција.

Илјадници бегалци чекаат на вашата граница за да тргнат по балканската рута. Каква е ситуацијата?

Бројот на бегалци на нашите граници расте. Но повеќе нема нелегален влез во Македонија. Најголемиот проблем е брзината со која мигрантите стасуваат на нашата граница од Турција. Не им се потребни ни два дена за да ја поминат Грција. Цврсто веруваме дека одлуката за барателите на азил треба да ја донесе првата земја од Шенген-зоната во која влегуваат мигрантите.

Македонија и другите балкански земји на иницијатива на Австрија се согласија да постават блокада на балканската рута, без да се вклучи Грција. Дали се направи политичка грешка?

Решение може да се донесе само во соработка со Грција. Тоа е и во интерес на Македонија како соседна држава. Ова се тешки времиња со сложени проблеми. Но едно е јасно, Грција мора да направи повеќе за да изнајде решение.

Дали со блокада на балканската рута проблемите само се префрлаат од една во друга земја?

При зајакнување на граничната контрола треба да внимаваме да не дојде до конфликт со соседите. Словенија врати нелегални мигранти во Хрватска, Хрватска во Србија, а Србија во Македонија, итн. Стравувам дека таквото сценарио во случај на поголем број бегалци може да стане реалност. Ако вака се зголеми и притисокот на југ од балканската рута, би можеле да се јават сериозни конфликтни ситуации на Балканот. Наша цел треба да биде да го избегнеме тоа сценарио.

Дали Македонија ќе продолжи со подигнување ограда?

Веќе поставивме ограда од 20 километри на нашата граница со Грција за да спречиме криумчарење мигранти. Нашата порака е јасна, нема да толерираме криумчарење мигранти на балканската рута. Затоа имаме засилена безбедност на границите и го регистрираме секој бегалец.

Што очекувате од германската влада?

Поддршката од ЕУ засега не е доволна. Потребно им е премногу време. Досега добивме поддршка со персонал и техничка опрема од другите балкански земји, од членките на Вишеградската група (Полска, Чешка, Словачка, Унгарија), како и Австрија. Се разбира дека Германија може да го стори истото. Но уште поважно ни е Германија, како најважна крајна дестинација за мигрантите, да ни прати јасна порака како да се справуваме со бегалците на подолг план. Тоа би ни било од огромна помош за подобра координација на напорите на Балканот.

Дали Турција е клучот за решавање на проблемот како што смета канцеларката Меркел?

Се согласувам со канцеларката. Турција игра клучна улога. Решение нема да има, ако Турција не е дел од него. Не треба да се потценува тежината на напорите што ги презема Турција во решавање на проблемот со бегалците. Затоа е тешко да се убеди земјата да го понесе целиот товар од проблемот.

Ако Германија ненадејно ги затвори границите, дали ќе следува и неодложно затворање на границите во Македонија?

Мора да ја следиме политиката на целните земји без разлика дали станува збор за Германија или Австрија. Ако се спроведат такви мерки, треба соодветно да се реагира. Би настанала хуманитарна катастрофа ако се затвори северна Европа, а сè повеќе бегалци пристигнуваат на југот. За Македонија, која не е член на ЕУ и има само два милиони жители, тоа би било катастрофално.


.

Конзуларни услуги