Интервјуа и говори

Интервју на МНР Попоски за „Би-Би-Си“

Дата: 29.02.2016

Новинар: Маја Ростоуска

 

npbbc

 

Никола Попоски: Ние го попречуваме нелегалното преминување на границата меѓу Грција и Македонија затоа што забележавме дека неколку стотици илјади луѓе ја поминале оваа граница во текот на последнава една и пол година. Во моментов, се обидуваме да ги имплементираме одлуките на Европскиот совет, да спречиме нелегални преминувања и да имаме прифатни центри каде што ќе ги регистрираме мигрантите.

Би-би-си: Денес, вашата земја употреби солзавец на голем број луѓе, а многумина од нив беа деца. Се прашувам дали поради ова сте влегле во политиката?

Никола Попоски: Сметам дека не е фер да се извади таков заклучок. Имавме околу 400 млади машки лица што насила се обидоа да влезат на македонска територија од Грција. Замислете да сте дел од безбедносните сили и да се соочевте со ситуација во која има насилен обид од неколку стотици млади мажи за влез на вашата територија без да сакаат да се регистрираат или да одат во прифатните центри. Мислам дека тоа не е во согласност со она што беше договорено на европско ниво. Ако ме прашате мене, на Македонија би ѝ било најлесно да се повлече и да ги пушти сите мигранти да ја поминат нејзината територија и да заминат кон западно-европските земји. Тоа е токму она против кое лобираат земјите-членки на ЕУ. Тие нагласија дека сакаат сеопфатен миграциски систем и веродостојни баратели на азил, што ќе се регистрираат, па доколку ги исполнат условите ќе можат да го продолжат патувањето до Европската Унија. Македонија во случајов не е дел од Европската Унија, но се наоѓа на главната мигрантска рута.

Би-би-си: Во ред. Да појасниме. Кој е според вас виновен за оваа тешка ситуација во која се наоѓате?

Никола Попоски: Мислам дека фрлањето вина не е вистинската формулација, затоа што секоја земја на мигрантската рута си има свои аргументи. Ако ја прашате Турција, таа ќе рече дека во изминативе четири-пет години била дом за 2.5 милиони мигранти и дека никој не реагирал на тоа сè додека дел од овие мигранти не решиле да тргнат по оваа рута и да дојдат до Западна Европа. Грција се наоѓа во многу деликатна ситуација, зашто е надворешна граница на Шенген-зоната, а од друга страна пак, мора ја брани и морската линија и да се соочи со голем број ситуации што многу тешко се контролираат. А следната граница е Македонија. Повеќето од овие мигранти пристигнуваат на македонската граница од Турција во рок од 24 часа, а потоа го продолжуваат патувањето кон Западна Европа. Ни ситуацијата на Германија не е лесна во оваа приказна. По должина на целата оваа рута, вклучувајќи и во конечните дестинации на мигрантите треба да се постапува хумано во овие луѓе што имаат одредени потреби или пак бегаат од конфликт. Во моментов, треба да имаме систем, но најголемиот проблем е тоа што овој систем навидум не функционира. Затоа секој од нас треба да си го одработи својот дел од одговорноста на сопствената територија. Ако барате предлог, би рекол дека е најдобро да ги фокусираме сите напори на надворешната граница на ЕУ, да работиме во партнерство со Турција и да осигуриме стопроцентна регистрација на легитимните баратели на азил на кои им е дозволено да продолжат со своето патување, како и транзит низ Македонија, Србија, Хрватска за да стасаат најпосле во Германија.

Би-би-си: Сигурно сте разочарани што ја гледате Европа како преминува во систем на засебни држави што поставуваат свои огради?

Никола Попоски: Последното нешто што би сакале да го направиме е да вложиме јавни пари за оградување на границата. Ограда има на еден мал дел и е поставена со единствена цел да се спречи нелегално преминување. Ако ги прашате британските даночни обврзници ќе ви го дадат истиот аргумент – дека во суштина не станува збор за добра работа, но дека нелегалната миграција мора да се спречи ако сакаме да дејствуваме одговорно. Ние ќе бидеме првите што ќе работат кон отстранување на овие огради ширум Европа, затоа што сакаме да станеме дел од Европската Унија. Тоа е нашата цел.

 

Конзуларни услуги