Интервјуа и говори

Почитуван Претседател на Комисијата,

Почитувани пратеници,
Дами и господа,

Благодарам за можноста да се обратам пред ова значајно собраниско тело и да размениме мислења и ставови за нашиот годишен ангажман на планот на надворешната политика.

На самиот почеток, би сакал да нагласам дека активностите и проектите на Министерството во текот на 2015 година беа во согласност со утврдените стратешки надворешно-политички цели и приоритети на Република Македонија.

И оваа година, нашата енергија и ресурси беа концентрирани врз утврдениот надворешно-политички курс. Во континуитет работиме на нашата европска и евро-атлантска интеграција, на понатамошно унапредување на односите со нашите партнери, во и вон Европа, соседската и регионалната соработка. Истовремено, посветени сме на мултилатералната и економската дипломатија, како и грижата за македонските граѓани и интереси во странство.

2015-та беше година на предизвици. Се соочивме со предизвици дома. Пред предизвици беше исправен и Балканот, и светот. Имајќи го предвид актуелниот геополитички (и безбедносен) контекст, дел од нашиот ангажман беше неминовно насочен кон регионалните и глобалните предизвици. Од различен профил и карактер, овие предизвици сериозно ја доведуваат во прашање меѓународната и безбедноста на државите, но и човековата безбедност и сигурност.

Актуелната мигрантско - бегалска криза претставува феномен незабележан во поновата светска историја. Поради нејзината комплексност и бројните импликации, таа ги надминува националните граници и бара глобален координиран ангажман при адресирањето на нејзините хуманитарни, безбедносни и пошироки геополитички аспекти.

Република Македонија е сериозно засегната од секојдневниот наплив на бегалци и мигранти. Импликациите од кризата се сериозни и повеќестрани. Поради тоа, адекватно и одговорно пристапивме при справување со истата. Меѓудругото, остануваме посветени на соработката со засегнатите земји долж Балканската рута и партнерството со ЕУ на овој план. Продолжуваме со преземање на сите неопходни мерки за хуман и безбеден третман на лицата кои имаат потреба од меѓународна заштита по европскиот коридор низ Македонија. Клучно е да има единствен европски одговор, а Р. Македонија ќе продолжи да придонесува и соработува со европските партнери. Се надеваме на натамошно зајакнување на соработката со Грција, вклучително и на позитивната улога на Фронтекс на овој план. И покрај се, свесни сме дека за долгорочно одржливо решение неопходно е да се адресираат корените (root causes) на кризата, а клучот за тоа е постигнувањето договор и мир во Сирија и пошироко во регионот на Блискиот Исток.

Заканите од тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам се наметнуваат како заедничко глобално зло. Терористичките напади во Париз, Тунис, Анкара, Багдад, Бејрут, Египет, Бамако се напад врз целото човештво, мирот, слободата, принципите и вредностите кои ги живееме и за кои се залагаме. Соработката и заземањето заеднички сеопфатен пристап во борбата против тероризмот се најсоодветниот начин за надминување на овие предизвици. Република Македонија е активен партнер во меѓународната анти-терористичка коалиција и ќе продолжи да придонесува во напорите за сузбивање на тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам, но и во справувањето со останатите глобални безбедносни предизвици и ризици.

Почитувани пратеници,

Во продолжение ќе се осврнам на нашиот ангажман во функција на реализација на приоритетните цели на македонската дипломатија – интеграцијата во ЕУ и НАТО. Истовремено, ќе се задржам и на улогата на Р. Македонија како активен чинител на мултилатералната сцена. Дел од денешното излагање ќе посветам на ангажманот во регионални рамки, со фокус врз овогодишното претседавање со ЦЕИ. Ќе информирам и за статусот на односите со државите од соседството и пошироко во светот, активностите во сферата на економската дипломатија, и др. релевантни аспекти од делокруг на Министерството.

Во однос на главните приоритети на македонската надворешна политика:

Членството во ЕУ, и натаму, останува основен приоритет кон кој се стремиме. Оваа година, процесот на евро-интеграциите се одвиваше во светло на политичката криза во чие надминување придонес даде еврокомесарот Хан, а учествуваа тројца европратеници.
Успешно го завршивме 13-от циклус на институционалниот дијалог со ЕУ, согласно ССА. Беа одржани состаноците на Советот и Комитетот и нивните работни тела, а со враќањето на опозицијата во Собранието, се создадоа услови за продолжување на дијалогот на парламентарно ниво. Како што знаете, 13-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет беше одржан неодамна во Скопје. На 18 септември, беше одржан состанокот на Пристапниот дијалог на високо ниво со комесарот Хан. Дијалогот се одвива во континуитет што е од значење во насока на одржливост на процесот.

По седми пат, и оваа година, Европската комисија даде препорака за почеток на преговори со Унијата, што е од значење за зачувување на моментумот и фокусот врз реформскиот процес. Спроведувањето на преостанатите обврски од политичкиот договор, реформскиот процес и спроведувањето на изборите во април 2016 се наша заедничка обврска. Ние мораме да испорачаме и да ги лишиме од изговори сите оние што ја доведуваат во прашање нашата подготвеност за почеток на пристапните преговори. Сметаме дека е од взаемен интерес, Унијата на пролет да ги иницира пристапните преговори. На тој начин, кредибилитетот на политиката за проширување ќе се зајакне.

Членството во НАТО претставува уште еден приоритет на надворешната политика на РМ. Континуираниот политички и општествен консензус за членство на Македонија во Алијансата и понатаму претставува генератор за нашите евро-атлантски аспирации. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата останува силен правен аргумент кој ја отсликува реалната состојба и го оправдува влезот на Македонија во НАТО.
Важноста на партнерството и ангажманот на Македонија кон оперативните активности на Алијансата и посветеноста за исполнување на заедничката цел - полноправно членство во НАТО, беше потврдена на средбите на државниот врв со ГенСек на НАТО. Во текот на годината, беа остварени бројни активности на планот на евро-атлантската интеграција. Република Македонија, на различни нивоа, беше претставена на сите релевантни состаноци на Алијансата. На последниот редовен годишен состанок на Р. Македонија со Комитетот на Замениците постојани претставници на земји-членки на НАТО, во декември во Брисел, беше презентирана Годишната национална програма на РМ за членство во НАТО за 2015-2016, како дел од 17-от циклус на АПЧ.

Почитувани пратеници,

Во рамките на нашите заложби за активен придонес врз процесите во мултилатералната арена, донесовме одлука да номинираме кандидат за нов Генерален секретар на ООН. Остваруваме активно членство во Советот за човекови права во Женева како едно од најпрестижните тела во Обединетите нации, а продолжува и нашето активно учество во Бордот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија во Виена и Извршниот одбор на УНЕСКО. Во рамките на светската организација го продолжуваме нашиот редовен ангажман во функција на промоција на националните интереси.

РМ го продолжува активниот ангажман во рамките на ОБСЕ. Соработката со релевантните институции и структури на ОБСЕ е на високо ниво. Во јуни о.г., имав настап пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена. Во обраќањето упативме на долгогодишната успешна соработка со ОБСЕ во поддршка на реформскиот процес во Република Македонија, Истовремено, ги изразив очекувањата за ангажманот на ОБСЕ во поддршка на договорените активности, пред се во сферата на изборниот процес. Како што беше истакнато - "ОБСЕ има експертиза која може да биде корисна за зголемување на довербата и одржување фер и демократски избори. Тоа ќе биде од помош за отстранување на креирани предизвици поради недоверба.“ Следствено, упативме покана до ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат во април 2016. Поканата беше прифатена, а согласно првичните најави изборите ќе ги набљудуваат најмалку 300 меѓународни набљудувачи.
Како што сте запознаени, оваа година, РМ ќе биде домаќин на есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ (октомври 2016 г.) што претставува одлична можност за промоција на РМ како земја домаќин на важен мултилатерален настан. Овој настан е особено релевантен за вашето портфолио и активности во СРМ, со оглед на фактот дека истиот е поврзан со парламентарната димензија на ОБСЕ.

Во мултилатералната сфера, би сакал да упатам и на нашиот активен ангажман во рамките на Советот на Европа и соработката со специјализираните тела. На 4 ноември свечено ја одбележивме и дваесет годишнината од членството на РМ во Советот на Европа, при што реализирав средба со Генсек на Советот на Европа Торбјорн Јагланд и претседателот на Европскиот суд за човекови права, Гвидо Раимонди. Република Македонија и во иднина ќе продолжи да ги исполнува своите обврски што произлегуваат од членството во СЕ и Конвенциите на СЕ кон кои има пристапено.

Во рамките на нашите потенцијали, остануваме активни во сите релевантни мултилатерални организации.

Почитувани,

Изминатата година продолживме да работиме на јакнење на добрососедските односи и соработката со сите земји од нашето непосредно и пошироко соседство, во разни сфери од наш интерес, вклучително и преку унапредување на договорната рамка за секторска соработка. Беа остварени бројни средби на највисоко ниво на кој разговараме за теми, пред се поврзани со билатералните политички односи, економијата, инфраструктурата, евро-атлантските интеграции, регионалната соработка и сл. Секако, во зависност од статусот на билатералните односи и различните приоритети, разговаравме и на теми од одделен национален интерес.

Во односите со Грција, ние веќе подолго време се залагаме за унапредување на дијалогот и соработката преку развивање на клима на меѓусебна доверба и покрај тоа што не секогаш наидувавме на подготвеност од другата страна. Може да се констатира дека односите бележат извесен позитивен тренд. Реализиравме билатерални посети во Скопје и во Атина. Договоривме 11 мерки за практична соработка во области од заемен интерес. Формиравме Заедничка работна група на двете министерства за надворешни работи да се грижи за нивната имплементација, која веќе имаше два состанока, а се одржаа и првите политички консултации.

Не е реално да креираме очекувања дека позитивниот тренд на соработка и комуникација може преку ноќ да го реши наметнатиот спор кој не оптоварува над две децении. Од наша страна ќе бидеме ангажирани за негово надминување. Во таквите намери ќе се водиме од добро познатите ставови и интереси на Р. Македонија, кои се засновани на Европските вредности за недискриминација, почитување на демократските стандарди, како и меѓународните правни норми. Во секој случај, ќе работиме на соработка со јужниот сосед бидејќи е тоа и наш стратешки интерес.

Oстануваме посветени на натамошно унапредување на односите со Бугарија со која имаме сестрана соработка, вклучително и преку постигнување финален исчекор кон склучување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Цениме дека воспоставениот отворен и конструктивен дијалог, како на експертско така и на политичко ниво, во изнаоѓањето балансиран пристап во однос на неусогласените прашања меѓу двете земји, ќе биде од помош за Македонија и Бугарија, но и Европската агенда во нашиот регион.

Односите со нашите останати соседи, Србија, Албанија и Косово и во 2015 бележат позитивен тренд заснован врз споделување на европските вредности и интегративни заложби. Со Србија во Скопје беше одржана втората меѓувладина седница на која беа утврдени главните насоки на натамошната соработка. Со Албанија беа реализирани повеќе посети и средби на највисоко ниво. Отворениот дијалог и соработката со Косово продолжува да добива на квалитет.

Како еден од нашите стратешки приоритети, значаен дел од нашата енергија посветивме и на процесите за унапредување на регионалната соработка и зајакнување на регионалните инцијативи. Истовремено, придонесувавме кон ангажманот на регионалните организации. Република Македонија продолжи активно да учествува во работата на регионалните и суб-регионални организации и иницијативи во кои членува (RCC, SEECP, MARRI, RESPA, SELEC, соработката во WB6 форматот, Брдо-Бриони процесот итн.).

Во таа смисла, би сакал да го истакнам успешното претседавање со Централно-европската иницијатива, кое пред се, беше посветено на развојот на транспортната и енергетската инфраструктура и бизнис релациите во Регионот. Со нашето овогодишно водство на најстарата организација од Регионот со изразена евро-интегративна димензија, успеавме да оствариме дополнителна видливост на регионален план.

МНР продолжи со активностите за зајакнување на позицијата на РМ во меѓународната заедница преку развивање и продлабочување на односите на билатерално ниво со европските земји во поголем број области од заемен интерес. http://female-happiness.com/raznoe/2021-kak-uvelichit-skorost-interneta-do-maksimuma.html Реализирани се повеќе официјални и работни посети, политички консултации, како и проширување на договорната рамка на билатерално ниво. Постои континуитет на интензивна соработка на билатерален, регионален и мултилатерален план со сите држави од Западна, Централна и Северна Европа. Не отсуствува ни поддршката ни конкретната соработка на планот на европските и евро-атлантските интеграции. Според динамиката на меѓусебните интеракции во европски регионални рамки, би ја издвоил Вишеградската група.

Во 2015 сразмерно внимание посветивме на унапредувањето на односите и соработката со воневропските држави. Соодветно ја одбележавме 20-годишнината од ВДО со дел од нив. Ја продолжуваме оваа традиција и во 2016 со нова група на воневропски земји.

Во односите со САД продолжуваме да го негуваме стратешкото партнерство. Разменуваме мислења и ставови по прашања од национален и заеднички интерес. Работевме на реализација на нови бизнис можности и влез на директни американски инвестиции, како и унапредување на соработката во други области (особено одбранбената и соработката во рамките на Глобалната коалиција за борба против тероризмот, образовната/универзитетска, како и медицинската соработка).

Односите со Руската Федерација се традиционално добри. Економската соработка се интензивира, со заложби за зголемување на трговската размена и привлекување на директни руски инвестиции.

Унапредени се односите со НР Кина и Јапонија. РМ продолжи активното да учествува во Процесот 16+1 инициран од НР Кина. Бенефитот од нашата вклученост во овој процес е видлив во економската сфера преку зголемувањето на нашиот извоз во НР Кина и националната патна инфраструктура. Пријателските односи со НР Кина ќе продолжат да се прошируваат преку повеќе конкретни економски иницијативи и активности;

Во односите со Јапонија, воспоставена е солидна основа за интензивирање на економските релации во рамките на пошироката билатерална соработка. Остваривме контакти со челниците на Јапонската организација за надворешна трговија, Јапонската агенција за меѓународна помош и најголемата стопанска комора на Јапонија - КЕИДАНРЕН.

Во октомври о.г. бев во посета на Јапонија каде се сретнав со колегата Кишида, со парламентарниот ЗМНР и со повеќе пратеници во јапонскиот Диет. Во рамките на оваа посета свечено беше отворена Амбасадата на РМ во Токио.

Во тој контекст, посветени сме на натамошно проширување на дипломатската мрежа. На едни други меридијани, работиме и на натамошно унапредување и развивање на односите со позначајните земји од Латинска Америка, за што значително ќе придонесе и планираното отворање на Амбасада на РМ во Бразилија, што би требало да се случи во текот на наредната година. Претходно, отворивме амбасади во Абу Даби и Астана.

Дами и господа,

Економската дипломатија беше и останува еден од главните приоритети на Министерството преку активности за претставување на Македонија како привлечна дестинација за странски инвеститори, но и атрактивна туристичка дестинација. Нашите дипломати беа вклучени во промотивните кампањи, даваа поддршка на активностите за реализација на Road Show-ата, бизнис форумите и разните саемски манифестации.

МНР учествуваше интензивно во подготовките за Самитот за климатски промени во Париз, каде на лидерскиот сегмент учествуваше ПРМ Ѓ. Иванов, заедно со 150 светски лидери. Р. Македонија демонстрираше политичка волја за глобално дејствување за намалување на негативните ефекти од климатските промени. Самитот не потсети дека треба да бидеме здружени и во напорите за постигнување на климатски договор. Го поздравивме постигнатиот договор – опишан како прв вистински глобален климатски договор во историјата на човештвото за спас на планетата - каде сите земји се обврзаа за намалување на емисијата на стакленички гасови и ограничување на глобалното затоплување.

Почитувани,

МНР во континуитет ги поддржува проектните иницијативи на македонските национални заедници во соседството и македонската дијаспора во светот. Нивна цел е: отворање на културни катчиња, одржување на курсеви и настава по македонски јазик, промоција на македонската култура и фолклор, стимулирање на печатените и електронски медиуми на македонски јазик за целната група и воопшто, промовирање на културниот идентитет и традицијата на македонскиот народ. Активно работиме на нов проект за стажирање во државните институции на студенти со македонско потекло од дијаспората. Во тек се и неколку други проекти со еднакво значење.

На полето на конзуларните работи, фокусот во 2015 беше ставен на заштита на интересите на македонските државјани. Освен редовните конзуларни услуги, успешно е имплемeнтиран Акцискиот план на Владата за 2015 за прием на барања и издавање на пасоши преку ДКП-та на РМ во САД, Канада, Австралија и повеќе европски земји. Генерална оценка е дека Акциониот план е реализиран во очекуваните рамки. За 2016 ќе биде донесен нов Акционен план. Во конзуларната сфера, во континуитет се преземаат законодавни и регулаторни мерки, и преку конкретни проекти се работи на подобрување на конзуларните услуги.

На планот на склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, и оваа година, МНР учестувaше во постапките за усогласување на меѓународните договори, иницираше постапка за ратификација на склучените билатерални договори, учестваше во преговорите и активностите поврзани со пристапување и поведување на постапка за ратификација на повеќестрани договори, и извршуваше други активности од аспект на меќународното право.

Согласно евиденцијата, склучени се 15 билатерални договори кои се предмет на ратификација и 40 билатерални документи кои не се ратификуваат. Спроведена е постапката пред СРМ за ратификација на 12 билатерални и 8 мултилатерални договори. Во постапка пред ВРМ усвоени се 22 одлуки за спроведување на рестриктивните мерки воведени со заедничка позиција на Советот на ЕУ и други рестриктивни мерки.

Дами и господа,

Во рамките на другите релевантни аспекти од делокруг на Министерството, би го споменал Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика, кој за релативно кусо време се профилираше во сериозно истражувачко и оперативно тело во рамките на МНР, со соодветно етаблирање и на меѓународен план. Во текот на 2015 година Инстититот организираше серија трибини, предавања, како и две меѓународни конференции на актуелни теми – миграции и европска макрорегионална соработка.

Дипломатската академија на успешен начин ги реализираше сите планирани активности и ги оствари зацртаните цели, а пред се: подготвување, организирање и полагање дипломатски и советнички испити, подготовка на амбасадори, дипломати и економски промотори пред нивно заминување на должност во ДКП на РМ во странство. Исто така, ДА во годината што изминува реализираше серија тематски предавања на странски високи дипломати.

Зајакнувањето на капацитетите и ангажманот во сферата на јавната и културната дипломатија е од особено значење за промоција на надворешно-политичките цели кај странската јавност. Јавната дипломатија останува значајна алатка во напорите за мобилизирање на јавноста, академски институции и think tank-ови кои се релевантни во промоцијата на општата слика за државата и нејзините цели. За таа намена, користиме различни методи и средства, при што се дава предност на дигиталната презентација. Треба да се истакне дека во ноември о.г. го објавивме 100-то јубилејно издание на Македонскиот дипломатски билтен, во издание на Македонскиот информативен центар.

При крајот, но не со помало значење, треба да се истакне нашиот ангажман при спроведувањето на концептот за колокација. Имено, од април о.г. се имплеметира првата колокација на ДКПа, со Црна Гора, во Париз, во објектот кој е сопственост на РМ (добиен врз основа на сукцесијата на имот од бившата СФРЈ). Со оваа активност се покажува дека концептот на колокација е реален и возможен. Континуирано се преговара за нови колокации со Црна Гора и Србија, во тек е и постапката за потпишување на договор за колокација со БиХ, кој очекуваме да биде потпишан на почетокот на следната година.

Како уште еден во низата практични проекти, би сакал да ве информирам дека
почнувајќи од јули 2015, на официјалната веб-страна на МНР е поставена апликација Инфо - центар 24/7 каде сите заинтересирани лица преку пополнување на соодветниот електронски формулар, во рок од најмногу 24 часа, можат да добијат корисни информации од доменот на надлежностите на Министерството.

Почитувани пратеници,

Пред да ви ја честитам новата 2016 година и да ви посакам личен и професионален успех, би сакал да ве уверам дека и во новата година сите наши потенцијали ќе бидат максимално ангажирани во интерес на реализацијата на надворешно-политички цели и приоритети на државата. Во тој контекст, ја поздравувам и високо ја ценам и парламентарната димензија во остварувањето на надворешната политика.

Благодарам за вниманието.

Конзуларни услуги