Интервјуа и говори

ГРЦИЈА НИ НАМЕТНА ЗАКОН НА ЏУНГЛАТА!

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во екзклузивно интервју за Капитал веднаш после разговорите во Њујорк помеѓу медијаторот Метју Нимиц и преговарачите на македонската и грчката држава, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, испраќа порака дека „во разговорите во Њујорк низ дводецениска практика докажано е дека Грција или ништо не прави конкретно, или вади целосно откачени идеи без контакт со правото чисто заради обезбедување алиби дека има активност додека со одбива иницијативите за отворен дијалог на премиерско и претседателско ниво“

Капитал: Посетата на грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос во Скопје, кој отворено кажа дека не доаѓа само во функција на претставник на земјата претседавач со ЕУ, туку и како министер на соседна земја, отвори интересни прашања за евентуалното интензивирање на контактите со Грција. Како Вие гледате сега, после оваа временска дистанца, на таа средба и како ги толкувате разговорите со него?

- Како прво, посетата на Венизелос ја толкувам како неопходна за земја претседавач со ЕУ која најмногу добила од европската солидарност и градела имиџ на регионален фактор. Како второ, корисна, и за нас да чуеме како ќе се аргументира нелегалното блокирање и како да излезе од самопоставена стапица во која е политички најден јужниот сосед.

Капитал: Интересно е што тој кажа дека после посетата му се зголемил оптимизмот за решавање на спорот за името.. Што е со Вашиот оптимизам? Го делите ли неговото чувство, особено што интервјуто го правиме додека во Њујорк тече новата рунда разговори со медијаторот Нимиц?

- Мислам дека е дел од напорите да се претстави надвор дека процесот напредува и нема потреба од поголем ангажман однадвор. Целта е продолжено одлагање. Искрено и јас сум оптимист, но во друг опсег. Јас сум убеден дека без разлика колку Грција нелегално не попречува кон НАТО и кон ЕУ, не може да не спречи никој да се менуваме на подобро и да применуваме се повеќе европски стандарди. Тоа го правиме и затоа не мораме да бараме изговори, туку отворено си соработуваме со сите соседи.

Капитал: Ќе присуствувате ли на Самитот во Солун следниот месец за којшто добивте покана лично од Венизелос?

- Да.

Капитал: Што е со поканата, односно фрлената ракавица за билатерална средба? Има ли оттогаш такви најави или воопшто можеби некакви контакти со грчкиот државен врв?

- Не канат, а од другата страна сите тие напори се саботираат. Целта им е да се држи комуникација што подалеку од другите чинители. Беше предложено од Брисел да се внесе динамика во односите со динамика и интензивирање на средбите. Тоа наиде на одбивање од југ и упатување на разговор во Њујорк, тоа што сега се случува со разговорите со Нимиц, каде е низ дводецениска практика докажано дека другата страна или ништо не прави конкретно, или вади целосно откачени идеи без контакт со правото чисто заради обезбедување алиби дека има активност. Со одбивање се пресретнати впрочем и иницијативите за отворен дијалог на премиерско и претседателско ниво

Капитал: Како ја цените моменталната меѓународна позиција на Македонија?

- Меѓународната позиција на секоја земја е одраз на внатрешниот тренд, активности и предизвици. За првото, ако одите напред со реформи, инфраструктура, предвидливост и надвор позицијата ви е подобра. Тоа нам ни се случува и во услови на криза на пазарот од кој зависиме, ЕУ. За второто, Македонија е проактивна кон надвор и во пракса добар сосед, каква и да е перцепцијата што сака од некого да се наметне. Сакаме добро за нас и за соседите, зошто сме тесно поврзани. Зло нити мислиме, нити правиме некому. Затоа и сме во можност да бидеме во Советот за Човекови Права на Обединетите Нации, или да носиме регионални насоки за развој на соработката на министерски состанок за Југо-Источна Европа, или пак да убедиме светски компании да почнат инвестиции кај нас, или да потпишеме бројни билатерални договори. Трето, предизвици имаме секако. Но и за нив, правните аргументи се на наша страна. Колку и да се премижува фактот, тоа е здрав темел. Имаме работа да се справиме со наметната политика на силување за принципиелно прашање. Ова е најкрупниот предизвик. Другите се надминуваат преку него. Според законот на џунглата кој реално ни е наметнат: кога веќе си многу помал, мора да бидеш многу побрз за да добиеш резултат. Јасна визија и многу, многу труд дома на тие работи кои зависат од нас е клучот за тоа каква ќе ни биде меѓународната позиција во иднина.

Капитал: Да, но Македонија очигледно не е ниту брза, а камоли побрза, барем во однос на регионот. Ве разочарува ли фактот што во тој свет на џунглата, како што го дефинирате, останатите земји (со исклучок на БиХ можеби) многу поуспешно се справуваат со своите проблеми и пречки на патот на евроатлантските интеграции?

- Не, воопшто. Кој колку е успешен има и добра доза на субјективност. Секој мисли дека неговата планина е најтешка и тоа тешко се пресудува. Имаме пречки кои доаѓаат од еден извор. Во меѓувреме не стоиме, туку си ги бркаме нашите работи. Конечно и за нас е добро цел регион да напредува, зошто не сме изолирани од соседите. Климата се шири преку граници; и кога е неповолна и кога е добра

Slika 2

Капитал: Ако успехот се мери преку постигнување на целите, тогаш колку статус – квото ситуацијата говори за капацитетот на нашите институции и власта воопшто, ако ги тргнеме реалните и фактички препреки сосила наметнати врз Македонија кои цело време го зборувате?

- Би било површно така да заклучиме. На теренот на институциите и правото вагата натежнува без дилеми на македонска страна. Тоа не го велам јас, туку го велат Европската Комисија, Меѓународниот Суд на Правдата при Обединетите Нации, рангирањата на Светска Банка и ред други извештаи кои користат критериуми за оценка. Уште доста подобрувања ни се неопходни. Тоа е факт. Но суштинскиот дел од проблемот е на вонинституционално поле. Односно џунглата која југот сака да ни ја наметне. Капитал: Многу силни се критиките за партизацијата на македонската дипломатија и особено за последните решенија за кадар испратен во дипломатски мисии, но дури и амбасадори испратени без никакви познавања од дипломатија... и секако без никакво искуство во таа област... Зошто при толку вработени кај вас, за најбитните дипломатски функции распишувате надворешни огласи? - Не би можел да се согласам дека е упатен некој без познавања. Праксата покажува дека нема закономерност помеѓу тоа дали некој претходно работел во МНР и колку е успешен како амбасадор на дестинацијата на која бил упатен. Со отворените конкурси на пример идентификувавме и кандидати надвор од службата кои се со врвни способности за специфични дестинации.

Капитал: Што е со кадарот во вашата институција? Особено од тој којшто веќе го имате во МНР, којшто го обучувате, го подготвувате? Зошто не го намалите тој број ако веќе избирате луѓе кои не се дипломати за надвор?

- Исто толку имаме и одлични дипломати од куќата кои се меѓу најуспешните. За секоја дестинација гледаме да го избереме најсоодветното решение. Во принцип на се поголем број дестинации, клучен е капацитетот за економската дипломатија. Сега и во иднина таков кадар профилираме најмногу. За Македонија надвор од НАТО и ЕУ како главни политичко-економски цели и пред и по членството најсуштински ќе биде економскиот развој. Затоа ќе треба да ги ставаме сите ресурси во промоција на нашата бизнис дестинација. Во тој дел сме во глобално конкурентно окружување. Нашите дипломати ќе мора да имаат способности за таков тип на промоција. Мора да се специјализирате во денешниот свет. Не можете на се да имате влијание. Мора да се има фокус. Што ви е најбитно, на тоа. За мала земја ова е уште поважно. Нашата специјализација во однос на дипломатијата мислам дека треба да оди во таа насока. Што не значи дека ништо друго не се прави. Треба да се гради култура дека речиси секој наш дипломат ќе мора да врши повеќе од една функција, а на најголем број дестинации, бизнис компонентата е најзначајната. Во тој дел и најдиректно ги оправдувате очекувањата на даночните обврзници.

Slika 3

Капитал: Колку точно вработени има во МНР? - 504 денес е вкупен персонал со дипломатски и недипломатски состав Капитал: Кои се клучните проблеми на македонската дипломатија во моментов?

- Веројатно тие се во делот на факторите кои се најмалку во доменот на наша контрола: фрустрациите кои сите ги чувствуваме од нелогичното и бесправно попречување од сосед во евроатлантските интеграции.

Капитал: Од амбасадите слушаме дека нема доволно кадар, нема средства, нема услови... Размислувате ли можеби за затворање на некои амбасади по примерот на некои држави во време на финансиска криза?

- Не, тоа е најрадикалниот пристап. Воедно затворањето на краток рок не ви прави заштеди, туку и ви ги зголемува трошоците заради селидби, пенали, транспорт, фиксни издатоци за кои сте претплатени и слично. Дури од следната година може да се надевате на некоја заштеда. Ние обезбедуваме присуство стратешки и не би требало со секој економски циклус веднаш да затвораме претставништва.

Капитал: Од каде ви се идеите за воведување на „верска“ или „здравствена“ дипломатија? Што точно тоа значи?

- Искрено не знам да сум користел такви термини. Се чини дека се појави тренд на наметнување разновидни епитети пред терминот дипломатија. Позначајно што можам да поврзам е дека амбасадите ги запознавме со потребите да изнајдеме видни институции за соработка во здравството. Корисно е да се запознати и ангажирани во нови полиња на соработка. За нас целта е да обезбедиме места за квалитетни обуки за наш медицински персонал. Во тој сегмент навлегуваме и во промовирање на туризам со здравствена компонента во Македонија. Капитал: Колку сте задоволен од економската дипломатија и можете ли да наведете некои конкретни успеси на истата? - Бидејќи е веројатно најважната компонента, би рекол дека уште многу може да сториме. Има видни резултати од ангажман на нашите дипломати во форма на инвестиции, прилив на туристи или извоз на нови пазари. На пример од најсвежите случаи каде амбасадите иницирале економски проекти: производител на балетска опрема од Русија кој отвори фабрика во Демир Хисар, или туристичките аранжмани од Северна Европа, или пробив на македонско вино на азискиот пазар и слично.

Капитал:Како ја толкувате оставката на Никола Димитров? Преовладува мислењето дека и министерството и државата изгуби квалитетен дипломат... Многу шпекулации има низ јавноста за причините за неговиот потег...

- Да, одлично сме соработувале. Во принцип на запад е сосем нормално одење на едни и доаѓање на нови кадри во секоја организација... 

Конзуларни услуги