Најновиот извештај на Светската банка за глобалните економски проекции објавен во јануари 2014 год. прогнозира раст на македонската економија од 3% во оваа година, со кој земјата бележи водство пред сите свои соседи, вклучувајќи ги Албанија, Бугарија, Грција и Србија. Истовремено, Извештајот за водење бизнис (Doing Business Report) на Светската банка за 2013 год. ја рангираше земјата на 25-то место во светски рамки според леснотијата при остварувањето деловни активности во неа, при што, овој пат, таа бележи и особено високи резултати во однос на формирање нови претпријатија и обезбедување пристап до кредитни линии.

„Ние сме најотворената економија во регионот“, вели министерот за надворешни работи на земјата, Никола Попоски. „Индексот за економска слобода за 2014 год. којшто го објавува фондацијата Херитиџ во соработка со весникот Волстрит Џурнал ја смести Македонија на првото место во Југоисточна Европа, како и 43-то во светски рамки во однос на оваа категорија. Економската слобода е добар показател за очекуваниот раст на македонската економија.

Напорите кои Македонија ги вложува во промовирањето иновации исто така покажуваат потенцијал. По објавувањето на Националната стратегија за иновации за периодот од 2012 до 2020 год., минатиот мај беше усвоена новата законска регулатива со која во земјата се формира фонд за иновации и технолошки развој. Светската банка, пак, од своја страна, ја поддржа оваа иницијатива на тој начин што на земјата ѝ додели средства за реализација на истата во износ од 8 милиони евра во првите три години.

„Географијата е една од нашите најголеми предности,“ вели министерот Попоски. „Земјата се наоѓа во самиот центар на Југоисточна Европа и е единствената во регионот која нема јазични бариери со соседните земји. Во таа смисла, Македонија би ја споредил со Швајцарија или Австрија – и двете се мали земји, но претставуваат средишта за деловни активности со нивните соседни земји.“

Македонија популарно ја нарекуваат „Бисерот на Балканот“ и панорамите во некои од пределите на оваа земја навистина во голема мера наликуваат на истите оние својствени за живописната географија на нејзините европски соседи. Еден убав пример за тоа е градот Охрид кој заедно со Охридското Езеро на чии брегови е расположен како и планините кои ги опкружуваат, формираат еден исто толку живописен и прекрасен предел како и најпознатите и нашироко познати пејзажи од Алпите. Градот Охрид заедно со езерото претставуваат една од само 28-те локации ширум светот кои се наоѓаат на Списокот на светско наследство на УНЕСКО.

Охридските занаетчии се познати по изработката на исклучително префинетиот и единствен од тој тип во светот охридски бисер кој овде се изработува речиси цело едно столетие. Ова чудо изработено од човечка рака се прави од школки обвиткани со извонредно тенки слоеви на емулзија приготвена од крлушките на локалната риба плашица. Две семејства – Талеви и Филеви, ги произведуваат единствените изворни охридски бисери, изработувајќи од нив ѓердани, обетки и други видови накит кои досега на себе ги носеле многубројни членови на кралски семејства и познати личности низ светот.

Произведено во Македонија

Автохтони сорти на грозје за производство на вино како Кратошијата, Жилавката и Вранецот се одгледуваат рака под рака со нашироко распространетите генерички сорти како Каберне Совињон, Шардоне, Мерло и Пино Ноар и се особено омилени меѓу домашните љубители на виното.

Вранец веројатно е најпознатата македонска сорта на грозје. Со темно руменикава боја, од него се добиваат суви и силни црни вина со високи нивоа на танин и вкус на чоколада, сладунец и диви бобинки. Вранец во многу од јужнословенските јазици значи „црн пастув“ и оваа сорта на грозје се одгледува насекаде низ Македонија, додека неговата берба се остварува рачно кон крајот на септември и во текот на октомври секоја година.

Во Македонија, три региони доминираат на винската карта на земјата – Повардарскиот, којшто се протега по долината на реката Вардар во срцето на земјата и кој е одговорен за 85% од целокупното производство на вино во Македонија; Пчинско-осоговскиот регион на истокот од земјата, како и Пелагониско-полошкиот регион во западниот дел на Македонија. Десетици веќе етаблирани, како и новоформирани винопроизводители во земјата се натпреваруваат да освојат дел од брзорастечкиот домашен и странски пазар на вино.

„Во овој момент, во Македонија функционираат близу 100 винарии“ вели министерот Попоски. „Истите варираат во однос на обемот, така што во Македонија има како мали винарски визби во семејна сопственост, така и големи производители на вино како Винаријата Тиквеш којашто е далеку најголемата компанија од таков тип во земјата. Сите тие заедно беа одговорни за околу цела една третина од целокупното производство на вино во поранешна Југославија. Исто така имаме голем број на мали до средно големи препознатливи винопроизводителски компании коишто своите дејности повеќе ги насочуваат кон развој и одржување на квалитетот отколку на количината на нивното производство“, додава тој.

Формирана во дамнешната 1885 година, Винаријата Тиквеш можеби навистина е најстариот производител на вино во Македонија, но сѐ уште останува предводник во иновациите на овој план во земјата. Во сопственост на М6, една од најголемите македонски инвестициски групации, од 2003 год., па досега, оваа компанија воведе одржливи методи на функционирање низ сите производствени фази и дејности од производството на самото вино до неговото полнење во шишиња кои помогнаа таа да произведе наградувани вина коишто им ги нуди на потрошувачите по достапни цени. Ангажирајќи го како консултант господинот Филип Камби, енолог на годината за 2010 год. според реномираниот Роберт Паркер, Тиквеш се здоби со 94 поени за своите вина од типот Бела Вода и 90 поени за нејзиниот специјален избор на вина од сортата Вранец.

Како што вели извршниот директор на винаријата, Игор Илиевски, М6 досега инвестирала 34 милиони американски долари во производството, управувањето и човечките ресурси со цел да ги изгради деловните активности и заштитните марки на винаријата. „Во овој момент продаваме повеќе од 12 милиони шишиња вино на годишно ниво и имаме пристап до лозја кои се простираат на површина од преку 5 261 хектар“, вели Илиевски. „Нашата винарија претставува спој меѓу модерна компанија ориентирана кон потрошувачите и традиционално претпријатие кое се занимава со преработка на земјоделски производи. Основниот предизвик за нашата компанија е промоцијата и зацврстувањето на македонската препознатлива и заштитна марка на вина како на домашниот, така и на светскиот пазар“, додава тој.

Најголемиот дел од својата продажба Тиквеш и понатаму го остварува на домашен терен, иако винските производи на компанијата зафаќаат повеќе од една третина од целокупниот извоз на вина којшто, пак, Македонија како земја го остварува во странство и, згора на тоа, компанијата својот извоз неодамна го прошири и на пазарите во САД, Кина и Европската унија. „Денес, речиси 20% од целокупниот извоз којшто винаријата го остварува во странство оди надвор од Балканот“, посочува Илиевски. „Извозот, пак, води кон раст на компанијата“, истакнува тој.

Винаријата Стоби, од своја страна, е сместена во Градско, во близина на најпознатиот археолошки локалитет во Македонија – древниот град Стоби. Таа е е една од најновите производители на вино во земјата и се стреми кон производство на вина кои го одразуваат специфичниот тероар на регионот, но и истовремено го будат интересот и ги задоволуваат вкусовите и на најсовремените потрошувачи. Формирана во 2009 год., благодарение на инвестиција во износ од 27 милиони американски долари, со своите ултрамодерни производствени капацитети и опремата којашто стои рамо до рамо со најновите технологии за производство на вино во светот, Винаријата Стоби се труди да воспостави спој меѓу технологијата и традицијата со чија помош успева да произведе околу 4,5 милиони литри висококвалитетно црно, бело и розе вино на годишна основа.

„Поседуваме лозја кои се протегаат на површина од околу 607 хектари земјиште и произведуваме околу 7 500 тони грозје секоја година“, вели сопственикот на Винаријата Стоби, Минчо Јорданов. „Направивме една многу голема инвестиција во соработка со меѓународни производители и во овој момент поседуваме целосна контрола врз високиот квалитет и високите стандарди на грозјето коешто го одгледуваме и преработуваме“, посочува тој.

На оние кои не наоѓаат задоволство во уживањето на плодовите на виновата лоза, една од најголемите производствени компании во Македонија би можела да им понуди соодветна алтернатива. Покрај повеќе од 70-годишното производство на лекови и фармацевтски производи, како и такви од козметичката, хемиската и ботаничката индустрија, Алкалоид од не толку неодамна почна да произведува и широк асортиман на чаеви на билна основа. Денес, производите на оваа команија се продаваат во повеќе од 27 земји во светот.

„Органските чаеви на Алкалоид од серијата Good Nature поседуваат потврди за квалитет издадени од редица реномирани меѓународни институции коишто ги контролираат пазарите во Европа, САД и Јапонија“, истакнува извршниот директор на компанијата, Живко Мукаетов. Алкалоид исто така произведува чај и за компанијата Аведа којашто сочинува дел од групацијата Есте Лаудер, кој во моментов ги полни полиците на најпрепознатливата стоковна куќа во Лондон – Хародс. Користејќи билки коишто растат низ високите предели на македонските планини, производите на Алкалоид се како еколошки здрави, така и корисни за потрошувачите.

„Нашата мисија ја дефинираме како наш траен стремеж кон еден поздрав свет“, објаснува Мукаетов. „Ориентираноста кон извозот, стабилната позиционираност на пазарот, отвореноста кон нови пазари и партнерства, висококвалитетните производи, примената на најнови технологии и највисоки деловни стандарди се клучните елементи коишто ја сочинуваат развојната визија на Алкалоид“, додава тој.

Конзуларни услуги