Разговараше Марија Јовиќевиќ
ПОДГОРИЦА ‒ Во балканскиот регион имало, има, и ќе има радикални структури. Поборниците на тие идеи секогаш си поигруваат со емоциите и некои проекти со кои се предвидува промена на границите.

Но мора да бидеме реални. Денес граѓаните ги интересира економскиот стандард, а тоа нема да се подобри со промена на границите, туку со подобрување на инфраструктурата и инвестициите. На Балканот сигурно нема да има промена на границите, но мора да градиме патишта и да ја јакнеме економијата. Тоа е нашиот приоритет – вели министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервјуто за весникот „Побједа“. Тој истакнува дека политичките односи меѓу Црна Гора и Македонија се одлични, но дека мора да се работи на економските односи и тоа пред сè со изградба на патишта и со поврзување на Скопје и Подгорица. Убеден е дека за десет години регионот ќе биде економски обединет, и дека тогаш Европската унија ќе биде многу подобра од денес.

Slika 1

ПОБЈЕДА: Дали сте оптимист дека Црна Гора и Македонија ќе учествуваат како НАТО – членки на самитот во Варшава?
МНР Попоски: Искуството нè научи дека не можеме да прогнозираме, затоа што секогаш може некој да ги наруши тие претпоставки. Можам да проценам дека Црна Гора има уште неколку цели кои може да ги исполни и реално е да стане членка до крајот на 2015 година. Македонија нема критериуми што треба да ги исполни, но треба да се договори со Грција околу името на земјата за да може да добие покана за НАТО. Состојбата кај нас е многу понеизвесна. Како што гледате, Македонија е спречена на својот пат кон НАТО со нелегална блокада, така што е многу тешко за нас, кои сме запрени од страна на Грција на патот кон Алијансата, да зборуваме што може да се случи на следниот НАТО самит. Нашиот пример покажува дека секоја држава може да блокира некоја друга држава на патот кон НАТО и дека почитувањето на меѓународното право и обврските често зависат од начинот на кој се толкуваат. Ние сме реалисти кога станува збор за тие работи. И оваа ситуација нè научи дека е важно да ја посветиме својата енергија на прашањата кои зависат од нас, кои не се поврзани со НАТО, затоа што тие реформи ги исполнивме уште во 2008 година. Дали НАТО ќе одлучи вака или онака, Македонија не е доволно силна за да влијае врз тоа.

ПОБЈЕДА: Како ја оценувате соработката во регионот. Дали сметате дека економската соработка е задоволителна?
МНР Попоски: Ако го споредите регионот сега и пред 15 години напредокот е огромен, и тоа е факт. Проблемот е во тоа што нашата почетна положба беше многу лоша и соработката можеше само да се подобрува. Сметам дека преминавме преку онаа фаза каде што имаме соработка само во име на соработка, и сега сме во фаза кога интересот нè води кон напредок. Предност е тоа што сите земји во регионот се мали и што е важно за секоја земја да има што побогато и попросперитетно окружување. Тоа нè поврзува и токму на таа тема најмногу разговарав со црногорските официјални лица.

ПОБЈЕДА: Како ги гледате односите меѓу Црна Гора и Македонија?
МНР Попоски: Имаме одлична политичка соработка, но нè загрижува тоа што економската соработка е на многу ниско ниво и тука треба да се посвети дополнителна енергија. Сметам дека имаме многу поголем потенцијал од ова што го покажуваме во моментот и поради тоа договоривме да формираме мешана комисија, која би ја поврзувала деловната елита на двете земји. Ние имаме одредена соработка кај туризмот, имаме многу добра културна соработка, но постојат многу области кои треба да се унапредат. Најголемиот проблем е тоа што не сме инфраструктурно поврзани. Од Скопје до Подгорица има петчасовно возење, а по воздушна линија се наоѓаме на растојание од само 200 км. Поради лошата инфраструктурата ние сме двата најоддалечени града во Европа.

Двете земји, исто така, интензивно соработуваат на патот кон ЕУ и можат да учат една од друга. Ние веќе десет години сме земја со кандидатски статус, Црна Гора веќе ги води преговорите, што за нас може да претставува многу скапоцено искуство.

ПОБЈЕДА: Како го објаснувате тоа дека политичките односи на регионот се подобри од економските, а сите земји се многу блиску едни до други?
МНР Попоски: Еве го вистинскиот пример. Македонија има најдобри економски односи со Грција со која има најсложени политички односи. Ете, тоа е еден пример каде што две држави се добро инфраструктурно поврзани и тоа е услов за економска поврзаност. Од друга страна пак, имаме земји со кои имаме многу добри политички односи, а немаме инфраструктура, ниту патишта. Една од таквите земји е и Црна Гора.

ПОБЈЕДА: Дали македонските инвеститори се заинтересирани за инвестирање во Црна Гора?
МНР Попоски: Како што реков, инфраструктурата претставува голем проблем. Два коридори се важни, еден е преку Косово, а другиот преку Албанија и потоа би требало да се зборува за нив на трилатерално ниво. Тоа е основа за подобрување на економската соработка меѓу двете земји. Ако се посветиме на тоа и тука ја вклучиме и Европа, напредокот е неминовен. Друг проблем е тоа што секоја од нашите земји одделно претставува многу мал пазар. Мора да се обединиме за да бидеме видливи и затоа ни е неопходна регионалната соработка. И тука е главната цел, заеднички да настапуваме за да освоиме некои поголеми пазари. Ако не се поврземе и не изградиме патишта нема да има напредок.

ПОБЈЕДА: Колку новите безбедносни закани, состојбата во Украина и јакнењето на исламската држава, можат да ја нарушат стабилноста на Балканот? Дали е Балканот доволно стабилен за да остане таков и во иднина?
МНР Попоски: Позитивно е тоа што повеќе не сме главниот проблем на меѓународната заедница, значи не ни се посветува толку внимание и сега постојат поголеми проблеми од нас. Но секако дека и тие кризи влијаат врз Балканот. Европа денес е загрижена и економски, и политички, а најмногу во поглед на безбедноста. Најголемиот проблем е тоа што секоја држава во Европа има барем сто свои граѓани што војуваат во тие судири кои се темпирани бомби. Голем ризик е учеството на нашите граѓани во војните на исламската држава и кога САД е многу загрижена околу тоа и бараат засилување на регионалната соработка за да се избегнат овие безбедносни закани, тогаш мора сериозно да се посветиме на ова прашање. Земено во целина, регионот многу напредуваше во последните 15 години, но не е имун на кризи.

ПОБЈЕДА: Каква е безбедносната состојба во Македонија?
МНР Попоски: Сите наши соседи се дел од НАТО, освен Србија која не изразила таква желба, и Косово кое не е членка на НАТО, но таму се присутни НАТО силите. Кога ја проценуваме безбедносната состојба може да кажеме дека ниту една од тие земји не планира инвазија на Македонија, ниту пак Македонија планира инвазија на која било земја. И јас би рекол дека состојбата е релативно стабилна.

ПОБЈЕДА: Дали овој регион со помош на Европските интеграции може повторно да се обедини и економски да напредува во текот на следните десет години?
МНР Попоски: Сметам дека тоа е сосема реално и дека нема да зависи од нашата желба, ниту пак од она што го правиме по тоа прашање. Тоа е едноставно една неминовност, зашто економската логика ги поставува условите за зголемување на пазарот и тоа ќе се случи во регионот. Факт е дека секоја од земјите во регионот е членка на Европската унија или ќе стане членка. Тоа е клучот за напредокот.

ПОБЈЕДА: Каква ќе биде Европската унија за десет години?
МНР Попоски: Ние сигурно ќе влеземе во Европска унија која ќе биде поинаква од оваа денес. И затоа мора да го приспособуваме нашиот чекор на таа нова ЕУ и да се подготвиме за тоа дека нема да влеземе во Европска унија каква што е сега туку дека ќе биде многу поинаква. Значи, не треба да се стремиме кон ова што го гледаме сега, туку да ги следиме трендовите и да се прилагодуваме на новата состојба. Јас сум убеден дека таа нова ЕУ ќе биде подобра од оваа.

ПОБЈЕДА: Во регионот се постојано присутни националистичките струи, кои предвидуваат некои поместувања на границите. Дали сметате дека тоа може да ја загрози мултиетничката стабилност во регионот?
МНР Попоски: Во регионот имало, има и ќе има радикални структури. Поборниците на тие идеи секогаш си поигруваат со емоциите и некои проекти со кои се предвидува промена на границите. Но мора да бидеме реални. Денес граѓаните ги интересира економскиот стандард, а тоа нема да се подобри со промена на границите, туку со подобрување на инфраструктурата и инвестициите. Вистина е дека постојат луѓе кои сметаат дека со исправањето на некои историски неправди ќе се подобрат односите во регионот, но практиката нè учи на спротивното. На Балканот сигурно нема да има промена на границите, но мора да градиме патишта и да ја јакнеме економијата. Тоа е нашиот приоритет.

Slika 2

Немаме илузија околу НАТО и ЕУ
ПОБЈЕДА: Кога може да очекуваме решение на проблемот со името на Македонија?
МНР Попоски: Тој проблем трае 20 години, а сега сме во ситуација на различни интереси. Ова е приоритетно прашање за Македонија, затоа што тоа е единствената пречка за покана во НАТО, но Грција сега има некои други приоритети, а тоа се економските и политичките реформи. Тоа сега воопшто не им е важно на Грците и затоа нема никаков напредок. Факт е дека еден ден тој спор ќе се реши, но Македонија не може само да чека и да седи со прекрстени раце. Мора да продолжиме со реформите и инвестициите. Македонија веќе не негува какви било илузии кога станува збор за Европската унија и НАТО. Ние сме една земја блокирана од страна на друга земја на патот кон развој и во моментов не гледаме дека во Европската унија постои волја за ангажирање на сите сили и промена на оваа ситуација. Без нивниот интерес, тешко дека оној што нè блокира поради билатерален спор ќе го промени својот пристап.

Разбираме дека сме мала земја и дека не можеме да влијаеме врз одредени светски настани и ја прифативме таа ситуација. Но затоа ја посветивме сета своја енергија на оние работи што зависат од нас како што се внатрешните реформи. Тоа веќе го правиме во поврзаност со ЕУ, и тоа повеќе од 10 години, откако станавме земја со кандидатски статус.

На Македонија ѝ е важен влезот во НАТО, не само од безбедносни причини, туку и поради инвестиции, затоа што земјата што е членка на НАТО едноставно има подобар надворешен економски изглед. Досега имавме 15 МАП-ови, со години сме во првите пет учесници во мисијата ИСАФ во Авганистан и ако некој докажал дека е сериозен партнер на Алијансата тогаш тоа е Македонија. И без оглед на сите наши заложби, не е доволно. Блокадата на Грција е посилна. Постои една работа која е поважна во интеграциите. Доколку имате политичка поддршка на земјите – членки на ЕУ тогаш работите одат многу полесно. Меѓутоа, доколку ви недостасува тоа тогаш може да имате големи проблеми, како што сега ги има Македонија.

Конзуларни услуги