Обраќање на МНР Димитров на Третиот министерски состанок на Грција, Албанија, Бугарија и Македонија

Солун, 4 мај 2018 година

ND20180504OA 7351

МНР Димитров: Овде имаме две земји кандидатки и две земји членки. Мислам дека направив една стратешка грешка, премногу брзо ги завршивме преговорите со Екатерина (н. з. заменик-премиер и МНР на Бугарија, Екатерина Захариева). Овој Договор за пријателство беше потпишан минатата година на 1 август, па веќе немам можност често да ја гледам. Но, на многу начини, тоа што го направивме со вас, Екатерина (н. з. се обраќа кон Екатерина Захариева), тоа што се обидуваме да го направиме со вас драг Никос (н.з. се обраќа кон МНР Никос Коѕијас), начинот на кој ги споделуваме информациите и суштински се координираме, не е натпревар. Секогаш кога можам, зборувам за него и неговата земја затоа што цврсто веруваме дека можеме да бидеме на среќно место, на стабилно место, ако регионот се движи во истата насока. Не мислам дека е преувеличување дека сите го делиме чувството за мошне позитивното движење во нашиот регион. Се соочуваме со надворешни предизвици, ова е првата точка на нашиот дневен ред, настаните во Средниот Исток, Источниот Медитеран, влијанието на овие настани врз протокот на бегалци и мигранти. Пред неколку дена имав обраќање пред Парламентарното собрание на Советот на Европа и еден член од една средноевропска земја ме праша дали ќе продолжиме да ја играме нашата улога во однос на балканската рута. Одговорив дека сме свесни колку е важно ова, свесни сме и колку е важно да им се помогне и да бидеме солидарни со овие земји што се на првите линии, вклучувајќи ги и нашите грчки пријатели. Тоа што го почнавме ми влева надеж и мислам дека имаме историска можност за да го постигнеме овој напредок. Екатерина вчера кажа дека луѓето не разбираат во целост која е нашата задача како министри за надворешни работи. Министрите за внатрешни работи и за транспорт – водат сметка за транспортот, да ги пренесат луѓето од точката А до точката Б, овозможуваат склучување договори, дават безбедност, ред и го спроведуваат законот. Но, ако судиме според тоа што го постигнавме со Екатерина, мислам дека политичката атмосфера всушност го создава и има навистина директно влијание врз сето ова.

Уште пред да стапи во сила нашиот Договор за пријателство, тој суштински го создаде и промени начинот на кој се гледаме еден со друг, но и нашиот народ. Така, сега имаме зголемена трговија со Бугарија, ги немам проверено последните податоци, но зголемувањето е најмалку 11 %. Исто така, и во туризмот е забележан скок. А интересите на бизнисмените да работат заедно и да инвестираат во нашите економии се удвоија. Така, мислам дека ако успееме да го направиме тоа што сакаме да го направиме , и повторно малку ќе ги извртам твоите зборови (н. з. се обраќа кон Никос Коѕијас) од интервјуто – ако го замениме универзумот со сите – универзумот знае дека сакаме да го направиме ова, ако успееме, ова ќе има суштински длабоко влијание врз јавното мислење во двете држави, врз граѓаните; и наместо предрасуди и стереотипи ќе видиме можности во нашите секојдневни животи, контакти во сите сфери. Ова треба да биде иднината на нашиот регион и време е да им покажеме на нашите пријатели што се подалеку на Запад, на постарите земји членки на ЕУ, постарите членки на НАТО, дека навистина можеме да се организираме и да направиме нешто во нашиот регион.

Нема ништо поприродно од тоа двете земји членки – нашите соседи – да бидат наши најголеми поддржувачи. Така треба да биде. И мислам дека на другата страна на таа линија ќе видиме група држави што, речиси без исклучок, имаат заеднички геополитички интереси, безбедносни интереси, економски интереси итн. Значи, ова е момент на надеж. Барем ние така гледаме на него.

Среќен сум со оцената на Комисијата. Многу позитивен напредок во девет области што Комисијата ги става во централен план со оваа последна надградба на методологијата на известување за напредокот – најчесто прашања поврзано со владеењето на правото, демократијата, слободата на изразување. Постигнавме добар напредок во пет од нив и одреден напредок во четири. На многу начини мислам дека благодарение на нашите граѓани, но и на лидерството на нашиот премиер, успеавме да направиме пресврт во последните 11 месеци. Не само во тоа што го правиме дома туку и со тоа што го правиме со соседите. Ова е признаено и мислам дека навистина имаме можност; со ваша помош, треба да ги убедиме поскептичните земји членки дека ова е само почетокот на патувањето. Во Брисел и во некои европски главни градови слушаме дека Самитот во Софија не треба да биде самит за проширување. И сите знаеме дека нема да има големи политички одлуки во Софија. Нема да има покани. Но мислам, и сакам да ви се заблагодарам и вам и на европските институции што барем се споменува европската перспектива во Декларацијата од Солун, дека овој параграф 2 од нацрт-декларацијата е многу позитивен. Тоа е нешто што мораме да го имаме. И за нашите граѓани и за да ја охрабриме позитивната политика што се обидуваме да ја водиме и дома и регионално, треба да знаеме дека нема да имаме политички одлуки во Софија.

Одлуките ќе бидат за вас, министрите за надворешни работи (на крајот на јуни) и за лидерите на Европскиот самит, Европскиот совет (на 27-28 јуни) и ако имаме позитивни одлуки, ова ќе биде само почеток на патувањето, за сите нас. Знаеме дека нема да станеме членки утре, знаеме дека нашите држави ќе останат исти ако утре станеме членки, така што процесот на пристапни преговори што суштински е најдобрата реформска алатка што ни е на располагање, е за да го почнеме патувањето. Од нас зависи дали ќе можеме да ги престигнеме пријателите од Подгорица и Белград, но треба да ја имаме таа можност.

Ќе дадам сè од себе, знам дека сите во Владата ќе дадеме сè од себе за да имаме доволно причини и напредок за Никос (н. з. МНР Никос Коѕијас) и грчката Влада да му се приклучат на овој консензус и тоа не само да се приклучат колебливо туку да можат да ги убедат и другите дека станува збор за нешто добро. Тоа е тоа што треба да го направиме. Научивме важни лекции од нашата криза, имаме многу цврста определба да успееме и им го должиме тоа на нашите граѓани и на наредната генерација. Така, мислам дека ако продолжиме да работиме така како почнавме, многу работи се можни. Можеме да ги убедиме другите, имаме некои поблиски пријатели, Дитмир има други, па ако ги здружиме силите можеме да направиме големи работи. Би сакал да ја поддржам оваа традиција, ова е наш трет состанок во овој формат, мој втор, но во целина трет состанок. Не ни пречи да се среќаваме секогаш во Солун, но не ни пречи и да се преместиме во некој од другите убави градови во регионот, потребни ни се добри патишта за да дојдеме овде, па треба да работиме на поврзувањето меѓу Тирана и Солун. Имаме нов дел од автопатот, автопатот „Пријателство“. Христос (н. з. МИТМ, Христос Спирѕис) беше таму пред неколку дека за отворањето и тоа беше моето прво искуство. Мислам дека се скратуваат околу 25-30 минути од патувањето, па не можам да се пожалам. Исто така, ги поддржувам вашите идеи за пофокусиран состанок, не само меѓу владите и министерствата туку и меѓу директоратите од министерствата за надворешни работи што се одговорни за Средниот Исток и за поширокиот регион, го поддржувам и вклучувањето на граѓанското општество и научниците, затоа што државите се народот и институциите се луѓето што работат во нив и ги претставуваат. Од искуство знам колку е важно да се има лична поврзаност. Колку повеќе имаме универзитети, граѓанско општество, дури и новинари, толку полесно ќе ни биде за да го унапредиме нашиот однос. Ќе завршам овде и уште еднаш ќе ви се заблагодарам за гостопримството, за организацијата, па можеби ќе можеме да имаме и повеќе од едно обраќање, во зависност од дискусијата, можеби повторно ќе побарам збор. Ви благодарам многу.

Конзуларни услуги