Многу сум емотивен, ова е многу посебен момент, затоа што пред помалку од една година бев дел од семејството. На некој начин се надевам дека се’ уште сум дел од него; се’ уште сум фин дечко, иако сега сум Министер за надворешни работи.

Ќе направам три работи: Ќе ви ја кажам нешто за мојата приказна, на скромен начин, најмногу со цел да го нагласам моето искуство со Хедвиг и Игор и сите други во Фондот и сите од Балканската и советничката група за европски политики - Флориан Бибер и останатите големи умови кои ни се потребни.

Obrakanje na MNR Dimitrov 02

ИЗВОР: Европскиот фонд за Балканот - www.balkanfund.org

Потоа, ќе зборувам на кратко за Македонија, приказна на надеж во последните 10-11 месеци и ќе зборувам на кратко и за Регионот, односно зошто сметам дека можеме да направиме разлика, оваа година и во годините што доаѓаат.

Ми се приближуваше крајот на мандатот како Амбасадор на Република Македонија во Холандија, кога требаше да одам во Москва на мојот следен мандат. Чувствував дека земјата се движи во погрешна насока и дека не можев да направам никаква разлика. Носев чувство на одговорност, не можев да ги превенирам грешките, ниту пак да притискам во правата насока. Си заминав, и се приклучив кон еден тинк тенк во кој требаше да се докажам после 18 години во мојата земја, сам, во свет каде истражувачи и големи умови веќе работеа и даваа големи идеи за нашиот регион, за Балканот. Се чувствував осамен но предизвикан да го прифатам предизвикот, да се соберам, и во тој контекст за прв пат бев во Брисел. Тоа беше еден од проектите на Фондот, ТВ програма за европски прашања, за реформите, во срцето на Европскиот Парламент во Брисел. Се сретнав со Игор Бандовиќ на дебата за владеењето на правото на Балканот, заедно со европски пратеници. Потоа, се сретнав со Хедвиг во Грац и така се’ започна.

Имам само пофални зборови, мислам дека ова не беше само пријателство, туку средба на луѓе кои делеа компатибилно и слично чувство за дејствување: како Регионот да го направиме подобро место? Не го мислам ова само во однос на приклучување кон Европа. Ако утре станеме дел од ЕУ, земјите ќе бидат исти. Овој предизвик е за промена на нашите земји. За да ги направиме подобри, да ги направиме поевропски, да имаме и кај нас повеќе од тоа што ни се допаѓа кога одиме во Германија, во Холандија или во Франција. За мене лично, а мислам и за многу други во групата, ова е предизвик за владеење на правото, за кочници и рамнотежи, за слободни медиуми, за предвидливост, за контрола на моќта и за одговорноста на владините службеници.

Ние во регионот имаме искуство со моќни луѓе. Луѓето кои самите одлучуваат за судбината на нивните граѓани, сеедно дали станува збор за кривични постапки, за приватна фирма, или за весник. Ние потфрливме. Моето лично искуство со приказната за Македонија, која е уште подрастична, бидејќи всушност имавме можност се да чуеме на снимки. Слушнавме дека 20 000 луѓе биле прислушкувани, воземја од 2 милиони. Постојат силни индикации за злоупотреба на службената должност, за мешање во медиумите, притисок на државните службеници да гласаат. Јас немав политички амбиции, но кога слушнав дека ова се случува реков - ова не е мојата земја. Македонија е подобра од ова. Тоа што го имавме беше криза на институциите кои не реагираа на пречекорувањата за кои слушнавме во снимките. Сите ние, граѓаните на државата. Резултатот на две и пол години напред назад и политички мобилизации беше дека преку политичките и етничките линии ние покажавме дека всушност Македонија е подобра од тоа.  Дека нашето општество е поотпорно од нашите институции. Затоа најголемото ветување на оваа Влада е да ги изгради институциите, да ги направи посилни. За да се осигураме дека таквите системи се воспоставени, дека нема да има злоупотреби во иднина, без разлика кој е на власт. Правиме и свои грешки, но едно нешто што научивме од кризата е дека искреноста е важна.

Obrakanje na MNR Dimitrov 01

Во земја во која Европа имаше многу слабо влијание, бидејќи политички бевме блокирани поради прашање кое не беше баш дел од Копенхашките критериуми, Прибе сега е име кое е познато и популарно во Македонија исто како и холивудска филмска ѕвезда, тој е германски експерт  за владеење на правото (во пензија) од Европската Комисија кој собра тим, влезе внатре, имаше интервјуа и произведе извештај. Овој извештај направи голема разлика бидејќи беше смел, беше искрен. Една од лекциите за сите нас во земјата е дека треба да бидеме искрени. Не мислам дека сме идеални, но мислам дека имаме вистинска глад за да успееме.

Кога Македонија стана независна, јас имав 18 година. Сега имам 45, а ова е последната шанса за мојата генерација да и’ даде пристоен старт на следната генерација. Така што мислам дека после многу грешки - ние сакаме да бидеме жртвите во Регионот. Сакаме да ја ставаме вината за нашите проблеми врз другите, врз нашите соседи, Брисел, дека никој не не’ сака. Во нашите раце е. Никој не рече дека градењето на европска демократија ќе биде лесно. Дефинитивно е во нашите раце. И навистина мислам дека почнува со искрена желба и со нетрпение го очекувам извештајот на Европската Комисија, и се надевам дека ќе добиеме чиста препорака.

Извештајот на куќата која е навистина искрена - Фридом Хаус, која ја мери демократија и слободата на медимите, пред неколку денови рече дека Македонија ја има најголемата шанса за демократски пробив во Европа. Понатаму, тие рекоа дека земјата е мала, но можноста е голема. Тоа го дуплира моето ниво на ентузијазам кое сметам дека е навистина неопходно за да продолжиме напред.

Сега, нешто за регионот, и можеби последна поента за Македонија.

Тоа што успеавме да го направиме е да стопираме негативна динамика - ние во земјата, Европејците, Американците. Сега е навистина важно да се создаде и да се постигне успех.

Проблемот со проблемите е дека се шират ако не се разрешени. Сметам дека доколку има потенцијал за успех, ние мораме да го искористиме. Успехот во нашиот регион доаѓа од искрената политичка волја да се заврши работата на домашен терен, но исто така и од достижната европска перспектива. Помеѓу овие две, потребен е искрен однос. Доколку има грешка – посочете ја, доколку нешто се прави добро - пофалете го. Мислам дека тоа е многу важно и дека Комисијата, со своите последни стратегии, се движи во таа насока.

Последни неколку зборови за регионот. Денес сме во една многу важна земја за регионот - Србија. Посакувам да постои чувство на итност дека навистина мораме да го придвижиме регионот напред. Живееме во свет во кој никој не знае што ќе се случи утре. Целата рамка на меѓународни односи и на решавање проблеми која ја земавме здраво за готово после Втората светска војна – сега станува разнишана и непредвидлива. Европа, нашиот континент - е зафатен. Ја немам таа слобода да спомнувам држави но Брегзит, мигрантската криза, дебатата за иднината на Европа... Ја сакам идејата за аеродромот, за халата за поаѓање, јас обично ја користам аналогијата со возот - мораме да го фатиме возот. Навистина е крајно време да започнеме да ги решаваме проблемите на храбар начин, да се соочиме со реалноста, да работиме заедно на нашата иднина. Невозможно е Македонија да биде среќно место, успешна и стабилна европска демократија ако Србија не е истото тоа. Невозможно е да имаме регион, доколку постојано се двоумиме за иднината и функционалноста на Босна и Херцеговина. Заедно сме во овој брод, и што побрзо тоа го сфатиме полесно ќе ни биде да ги решаваме проблемите, и полесно ќе биде да покажеме и да им докажеме на нашите европски пријатели дека сме дел од нив.

IMG 0796 1

Би сакал да им се заблагодарам на основачите - продолжете да го правите тоа што го правите. Исто така, на Хедвиг и на тимот за внесување на разум и прагматизам, а понекогаш и трезвеност во нашите дискусии, моменталниот статус на Балканот и нашата иднина. Би сакал да ги пофалам владините службеници кои се тука, кои биле стипендисти на овој Фонд. Мојата последна поента, се однесува на свежите сеќавања за декларацијата за билатерални прашања која БИПАГ ја промовираше и ја подготви и која беше потпишана од 6 министри за надворешни работи на Балканот, на Виенскиот самит од Берлинскиот процес. Важно е да се решат овие билатерални прашања. Самата Европа започна како механизам, како идеја за помирување на Франција и Германија.  Да го искористиме овој процес за да го направиме тоа.

Мислам дека ова е најважната борба на нашата генерација.  Ако сите го направиме тоа што можеме, ќе направиме разлика. Тоа е возможно. Ние во Македонија, навистина не знам кој би се обложил на опозицијата кога кризата започна - но всушност успеавме да постигнеме чудо. Сега имаме огромна одговорност, големи очекувања и мораме да ги разрешуваме со искреност, но сметам дека промената кон подобро е возможна и дека сега е времето да го промениме регионот кон подобро.

Ви благодарам многу и честитки за 10-от роденден.

Конзуларни услуги