Интервју на МНР Никола Попоски за „Тагеспост“

Дата: 12.03.2016 година

Новинар: Оливер Максан

tagespost

Министре Попоски, вашата земја ги затвори границите за мигрантите. Илјадници бегалци се заглавени на граничниот премин Идомени во неповолни услови. Дали ова е вистинскиот начин?

Попоски: Ако не дејствувавме, ќе беше само прашање на денови или недели, пред да пропадне шенгенскиот систем и со тоа и една од најважните достигнувања на Европската Унија, имено слободата на движење. Ние ја презедовме оваа задача како земја која не е членка на ЕУ, иако лесно можевме да не направиме ништо и да ги пуштиме луѓето на граница. Можевме да поставиме знак со натпис: Берлин 2000 км северно од тука – Среќно патување. Доколку би мислеле само на нашиот национален интерес, би го направиле тоа. Меѓутоа не го сторивме тоа. Ние сакавме да ја убедиме Европа, дека сме партнер вреден за доверба, кој може ѝ да се приклучи на Европската Унија. Така моравме да направиме, зашто Грците не ја исполнија својата обврска за заштита на надворешните граници на ЕУ и спречување на нелегалната миграција.

Но со затварање на вашите граници создавате дополнителен застој во Грција. Нели така правите грчки од еден едноставно европски проблем?

Попоски: Многу сме загрижени за тоа што се случува во Грција. Решението сигурно не е да ја оставиме Грција едноставно да потоне во хаос. Всушност, тоа би можело да има негативни последици и за Македонија. Но, сметаме дека нашата сегашна политика во поглед на прашањето со бегалците на крајот ќе биде корисно и за Атина. Кога преземaме мерки против нелегалната миграција, се намалува притисокот врз Атина на среден рок, зашто мигрантите го гледаат тоа и доаѓаат во помал број. Меѓу мигрантите владее мошне ефикасна комуникација. Освен тоа: Со преземање на задачата за обезбедување на границата, се добива лоша слика за нас, а не за Атина.

Всушност, последните настани што се случија на вашата граница привлекоа внимание. Вашите безбедносни сили употребија солзавец. Дали сметате дека вака треба да се постапува со луѓето во итни случаи?

Попоски: Едно е да се гледа ситуацијата од далеку, а сосема е поинаку одблиску. Преносот во медиумите е многу неправеден. Имавме стотици млади луѓе кои по насилен пат сакаа да влезат во друга земја, Македонија, без соодветно да се регистрираат и идентификуваат. Тие исто така ја уништија и оградата покрај железничката пруга. На мигрантите исто така не треба да им се дозволи да ја каменуваат македонската полиција од грчката страна, без присуство на грчка полиција. Грција треба да преземе мерки, за да ги спречи овие инциденти. Меѓутоа, тоа е дел од една стратегија. Идејата е да се донесат луѓе со автобуси до границата за да се зголеми притисокот на другата страна. Доколку го направиме истото со Србија, а Србија со нејзините соседи, мислите ли дека така ќе ја решиме кризата? Јас не се согласувам.

Дали тоа значи дека Атина свесно ги користи мигрантите за да изврши притисок врз Македонија?

Попоски: Од една страна, негуваме добра соработка со Грците, која е подобрена со текот на времето. Од друга страна пак, јасно се гледа намерата да се присили Македонија да ги отвори своите граници носејќи сè повеќе мигранти на границата.

Берлин и Виена имаат многу различни гледишта за тоа како треба да се постапи со бегалската криза. Вашата земја по договорот со Австрија ја затвори балканската рута. Според вас, зошто австрискиот пристап е подобар?

Попоски: Сметам дека и Германија и Австрија имаат иста крајна цел, но се разликуваат во методот на постигнување. Двете сакаат да се справат со бегалците на човечки начин. Според мене и двете не сакаат да се мешаат барателите на азил кои бегаат од конфликти и економските мигранти што се во потрага по приходи.

Дали сте го забележале ова мешање?

Попоски: Секако. Од минатата година речиси еден милион луѓе од Грција поминаа низ нашата земја, со цел да пристигнат во Австрија, Германија и други земји. Лани, ова се одвиваше во мошне хаотични услови. Дури во ноември успеавме да воведеме поголем ред. Меѓу другото, иако поради криумчарење луѓе и употребата на лажни документи, сè уште не може да се спречи секоја нелегална миграција, сепак се надеваме дека ќе можеме повторно да го воспоставиме европското законодавство. Таму се предвидува проверка за тоа кој има право на азил, а кој нема.

Но, нели е подобро некое решение во духот на европска солидарност отколку преземање независни национални иницијативи?

Попоски: Потребна ни е солидарност во Европската Унија. Тоа е несомнено. И како земја-кандидат ние го докажавме тоа. Го поделивме товарот. Примивме стотици бегалци, што сакаа да одат на север, но сега се заглавени во нашата земја, зашто Србија не им одобрува влез. Освен тоа, потрошивме десетици милиони евра од парите на нашите даночни обврзници за да се справиме со влијанијата од приливот. Но, нашиот најголем придонес, како што беше кажано погоре, е што го заштитивме шенгенскиот систем од колапс.

Конзуларни услуги