Интервју на МНР Попоски за радио WNYC

Дата: 17 март 2016 година

Новинар: Џон Хокенбери

Џон Хокенбери: Каков е притисокот врз вас? Што точно ве притискаат да направите и кои се капацитетите на Македонија која е вака заглавена во самата средина?

Попоски: Имавме околу 800.000 мигранти што преминаа низ Македонија, доаѓаа од Грција и се упатуваа кон западноевропските земји. Дел од нив се Сиријци; имавме и Ирачани, Авганистанци и многу други азиски и африкански националности.

Тоа не запре во 2016 година, а проблемот е во тоа што од една страна, голем број од приемните земји, горе на север, не можат да примат онолку мигранти колку што примија минатата година, а од друга страна пак Грција се наоѓа под огромен притисок од нелегални преминувања, од луѓе што доаѓаат од Турција и завршуваат во Грција. Во моментов треба да направиме избор на европско ниво дали ќе продолжи истиот тек на мигранти на овој неконтролиран начин од Грција кон Македонија, балканските земји па нагоре кон Германија или пак ќе имаме некои мерки за контролирање на овие текови.

Џон Хокенбери: Би рекле ли дека е невозможно Македонија да ја критикува ЕУ зашто се обидувате да станете член на ЕУ?

Попоски: Би рекол дека ова е многу тешка ситуација; зашто ние имаме аспирации да станеме земја членка на ЕУ, но од друга страна, мислам дека ова не е време за префрлање некаква вина, без разлика дали на ЕУ или нејзините земји членки или пак на Турција. Речиси сите имаат тешка задача пред себе, а мислам дека предизвикот лежи во тоа да се најде точната рамнотежа меѓу обезбедување хуман третман за сите овие луѓе што бегаат од конфликтните зони од една страна, и од друга да се осигури дека ова е еден одржлив систем зашто оној што го имавме во 2015 дефинитивно не беше одржлив.

Џон Хокенбери: Би сакал да слушнете снимка од еден мигрант на македонската граница, ова е видео запис од лондонскиот „Дејли мејл“ за кризата и ова лице зборува како нивното семејство, неговото семејство се наоѓа насекаде и дека нема избор да се задржува на едно конкретно место зашто идејата е да се обиде и да се обедини со семејството. Слушнете... Неговата сопруга е во Австрија, тој е таму, не може да остане неодредено време во Македонија, што можете да направите за да помогнете на еден ваков човек?

Попоски: За жал, голем број земји на север од Македонија решија да ги затворат своите граници за мигрантите. Австрија, на пример, утврди дневни квоти врз основа на тоа дека во 2016 изјавија дека не можат да примат повеќе од 37.500 мигранти. А минатата година беше неверојатно тешка зашто примија 90.000, а Германија се наоѓа под сличен притисок со 1,1 милиони мигранти, па и Шведска и сите други земји што примале мигранти.

Изборот за Македонија е едноставен, или само ќе гледаме од страна на луѓето што транзитираат низ нашата земја, значи одат од Грција во Австрија и Германија и тогаш на овој мигрант ќе му биде дозволено да влезе во Австрија и да се обедини со своето семејство, или пак да ги преземеме мерките што ни ги наметнува ЕУ, а тоа е граничната контрола во Сирија, спроведување на процесот за регистрација и идентификација на оние што можат да бидат легитимни баратели на азил во една од европските земји.

Џон Хокенбери: Министер Попоски, гледајќи назад во неодамнешната историја, можам да речам дека Македонија била попатна станица за мигрантската криза на Балканот, мигрантската криза со Курдите од Блискиот Исток и Турција, сегашната мигрантската криза со Сиријците и Ирачаните. Вие немавте апсолутно ништо со ниеден од овие конфликти, а сепак тие ви доаѓаат на самиот праг и вашата способност да се справите со нив не е нешто што има добиено голема помош. Ми се чини дека тука има многу вина за препишување во поглед на вашата тешка ситуација и тоа од Соединетите Американски Држави па сè до режимот во Дамаск. Како вие го гледате историскиот углед на Македонија како место, речиси како депонија за овие постојани конфликти ширум светот?

Попоски: Бевме ставени пред најголем опит веројатно во текот на југословенската криза кога речиси четвртина од нашето население го сочинуваа бегалци и мигранти од други места во поранешна Југославија. Ги споменавте сите други миграциски бранови; сегашниот бран нè стави под опит во кој бевме сведоци на 800,000 лица што преминаа низ Македонија во текот на една година. Покажавме дека човечноста е нешто што Македонците го делат како вредност па затоа се обидуваме да им помогнеме на луѓето што се во тешка ситуација, а исто така научивме дека не можете секогаш да се потпирате на некој да ви обезбеди помош за да се справите со сопствените проблеми. Затоа ги мобилизиравме нашите сопствени сили и се обидовме да ги финансираме овие напори со наши сопствени стредства. Со тек на време, ЕУ или САД и другите партнери ќе ни помогнат во напорите, но доколку секој од нас не ја преземе својата одговорност на сопствената територија никој од нас нема да може да се справи со оваа криза.

 

Конзуларни услуги