Интервју на МНР Никола Попоски за „Канал 4 Њуз“

Датум: 3 март 2016

Новинар: Кати Њуман

 

poposkichannel4

Зошто вашата влада не пропушта поголем број луѓе?

Попоски: Јасно е дека тоа се должи на одлуките на земјите северно од Македонија, почнувајќи од Србија, кои нè известија дека нема да примаат поголем број мигранти од нивните дневни квоти. Досега, ниеден од мигрантите што влегол на македонска територија не можел да продолжи по својот пат кон Србија. Имаме 600 или 700 Афганистанци што се вратени назад од Србија во Македонија. Затоа, ова е за нас решавачки фактор. Во оној момент кога ќе добиеме потврда дека овие луѓе можат да продолжат до својата крајна дестинација во една од земјите-членки на ЕУ, ќе бидеме пресреќни да го отвориме процесот.

Сепак, нели сега придонесувате кон неизбежна хуманитарна криза, како што вели ОН. Има луѓе во инвалидски колички, деца во мизерни услови на границата. Нели имате морална обврска да го олесните ова „тесно грло“ и да пуштите да помине поголем број отколку што пуштате сега?

Попоски: Секако дека би сакале да се реши ова. Јасно е дека не ни е во интерес да имаме хуманитарна криза токму на нашата граница или на нашата територија. Она што го велиме е дека оваа хуманитарна криза едноставно ќе се помести неколку километри на север. Ако едноставно ја отвориме границата без да имаме одлука од земјите што ги примаат и прифаќаат овие мигранти... Ако земјите на север како Србија, Хрватска, Словенија и Австрија не ги отворат своите врати, ќе ја имате истата хуманитарна криза само неколку километри северно.

Дали ќе ѝ наредите на вашата полиција да престане да користи солзавец зашто нели постои сериозен ризик од повреди па дури и смртни последици?

Попоски: Нашата полиција нема воопшто никаков интерес да интервенира на границата. Она на кое бевме сведоци во последните 48 часа беше една толпа од неколку стотици млади машки поединци што се обидуваа насила да влезат на македонската територија.

Дали сте загрижени од повреди?

Попоски: Дефинитивно. Би сакале да го избегнеме тоа. Токму затоа се обидуваме да ги притиснеме грчките власти да соработуваат на другата страна од границата.

Нели верувате дека мнозинство од луѓето што чекаат да поминат се всушност бегалци што бегаат од војна?

Попоски: Во суштина, она што го видовме е дека над милион луѓе ја употребија балканската рута во текот на минатата година. Јасно е дека не сите од нив бегаат од војна. Нам би ни било најлесно ако едноставно ги отвориме границите, ги поканиме сите и ги префрлиме на српската граница, а потоа да нанесеме притисок врз Србија. Но јасно е дека ЕУ не сака да го види тоа. Тие сакаат организиран начин, центри за регистрација, а потоа луѓе што ги поминуваат границите во согласност со капацитетите на оние што ги примаат. А јасно е и дека во неколку земји-членки на ЕУ што примиле илјадници луѓе изминатата година е достигнат горниот праг. Австрија јасно го изјави тоа, голем број други земји јасно го изјавија тоа, и не треба да имаме никакви илузии дека постои неограничен апсорпциски капацитет во Европската Унија.

Сè што рековте јасно посочува дека ЕУ не успеа да се справи со оваа бегалска криза и дека не успева да се справи со неа. Сметате ли дека ЕУ како унија е готова?

Попоски: Не мислам така. Ние како земја кандидатка имаме аспирации да се приклучиме кон ЕУ и оваа аспирација не исчезнала само затоа што ЕУ се соочува со многу сериозен проблем со кој можеби не се справило соодветно во изминатата година.

Интересно е да се слушне тоа бидејќи многумина во Обединетото Кралство тврдат дека сакаат да ја напуштат Европската Унија. Што би им кажале на тие луѓе?

Попоски: Сметам дека и Обединетото Кралство има голем интерес да остане во Европската Унија. Таа е една од најголемите земји во ЕУ, има влијание врз Европската Унија, а ние како Македонци веруваме дека и Европската Унија е подобра со ОК како свој член. Сигурен сум дека британските даночни обврзници ќе имаат корист од тоа.

Целото интервју можете да го погледнете на следниот линк.

 

Конзуларни услуги