Интервју на МНР Никола Попоски за италијанската новинска агенција АНСА

Дата: 4 март 2016 година

Новинари:Рената Трајчевска и Франко Квинтано

 

ansa

Република Македонија која досега, во најголема мера, се справуваше со мигрантската криза со сопствени средства и ресурси, очекува поголема поддршка од Европската Унија,изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски. „До денес ги немаме добиено потребните средства од Европската Унија за да се справиме со една извонредна состојба каква што е мигрантската криза“, нагласи Попоски во интервјуто за италијанската новинска агенција АНСА.

Притоа додаде: „Македонските институции црпеа средства исклучиво од сопствените ресурси, иако имаат добра соработка со невладините и хуманитарните организации што се активни натерен и што примаат средства во координација со ЕУ.“ Тоа не значи, посочи министерот, дека Македонија нема никаква соработка или помош во други сектори, како на пример кај усогласувањето со европската норматива. „Но во моментот, што се однесува до мигрантската криза, се потпираме само на сопствените ресурси и досега сме покриле трошоци во износ од десетици милиони евра“.

Според Попоски, проблемот со мигрантите може да се реши само со воспоставување ефикасна контрола на надворешните граници на Шенген-зоната. „Ова не е едноставна задача зашто Грција има морска граница и многу острови.“ Попоски,сепак, не ја негираше опасноста од инфилтрација на терористи во приливот на мигранти по балканската рута. „Мошне е наивно да се помисли дека не сме свесни за фактот дека во толпата мигранти може да има и некој поврзан со екстремизмот или пак терористички активности.“

Секако тој додаде дека веројатно станува збор за маргинален феномен споредбата со огромната маса мигранти на пат кон Западна Европа, „но сепак е феномен што постои“. Тој посочи: „Со нападите во Париз сфативме дека на екстремистите и можните терористи не им е толку сложено да ја искористат мигрантската рута.“ Неопходно, според министерот Попоски, е постоењето на систем за проверка, регистрација и скрининг за проценка на барањата за азил, со цел да се намалат ризиците од инфилтрација на терористи, но тој систем„ секако не ги отстранува тие ризици.“

Министерот за надворешни работи во интервјуто изрази надеж дека внатрешната политичка криза во Македонија ќе се надмине со предвремените избори на 5 јуни, и се осврна на односите со Италија која „во последните години беше еден од најголемите подржувачи на евроатлантските интеграции на Македонија.“ Министерот нагласи: „Италија е една од најголемите земји во ЕУ, се наоѓа најблиску до нашиот регион и затоа има интерес во интеграцијата на балканскиот регион во Европската Унија и во НАТО. Покрај тоа Италија е важен економски партнер и во последните години помогна да се создаде еден позитивен тренд во развојот во трговските односи и инвестициите.“ Всушност министерот потенцираше дека: „Во моментот Италија се наоѓа на четвртото место во поглед на трговска размена и инвестициите.“ Попоски посочи на многубројната македонска дијаспора во Италија што придонесува кон зајакнување на врските меѓу двете земји, зголемувајќи го интересот за изучување на италијанскиот јазик, кој се употребува во основните и средните училишта, гимназиите и универзитетите.

Интервјуто можете да го прочитате на следниот линк.

Конзуларни услуги