Интервју на МНР Никола Попоски за „Си-Ен-Ен“

Дата: 3 март 2016 година

 Новинар: Мајкл Холмс

 

cnn

Грција „пука по рабовите“ од бегалци, а една од главните причини за ова е тоа што вашата држава го ограничи бројот на гранични преминувања. Каква е стратегијата на Македонија?

НП: Македонија е транзитна земја, имавме неколку стотици илјади мигранти што преминаа во Македонија од Грција и се упатија кон Германија, Австрија и другите западно европски земји. Во моментов е очигледно дека овие земји што примиле голем број мигранти изминатата година имаат воспоставено одредени ограничувања. Постои ограничување во поглед на капацитетот за апсорпција на мигранти. Сега постои одлука да се запре нелегалната миграција и да се осигури дека на излезот од Грција се регистрираат оние што се квалификуваат за барање азил. Бројот на мигранти што влегуваат во Македонија се утврдува според бројот на оние што можат да бидат примени во западно европските земји.

Австрискиот канцелар ја брани одлуката на својата земја за ставање лимит на мигрантите и го нападна хаотичниот пристап, како што тој го нарекува, на германската канцеларка Ангела Меркел. Дали вие сметате дека во Европа во моментов постои хаотичен пристап во поглед на мигрантското прашање?

НП: Не, сметам дека е многу тешко да се најде рамнотежа во поглед на тоа колку мигранти можат да бидат примени во Европа, а Германија очигледно има примено над еден милион мигранти за една година, и мислам дека нема да можат да го издржат истиот притисок во текот на 2016. Ова е очигледно. Од друга страна, пак, мора да се осигуриме дека сите оние што бегаат од конфликт или што бараат засолниште треба да го добијат тоа во Европа. Една работа е сигурна, а тоа е дека плановите што ги имавме досега не функционираат, главно затоа што надворешната граница на Европската Унија беше неверојатно ранлива, и сметам дека сега не е време да се префрла вина на некого. Факт е дека е тешко да се одбранат грчките острови и да се има корисен систем за регистрација, а од друга страна Турција поднесува уште поголем притисок со 2,5 мигранти на својата територија во период од над 4 години.

Во понеделник ќе се одржи итен самит на ЕУ за сето ова, за мигрантите. Но еве, и по една година, не можете да се согласите на една стратегија или барем стратегија што ќе функционира. Што ќе следува во отсуство на политички европски консензус?

НП: Се чини дека постои консензус на фактот дека мора да го ограничиме влезот и дека мора да постои некаква распределба на мигрантите кај земјите-членкина ЕУ. Но тоа сè уште не се случило. Најдобриот избор што го имаме во овој момент, е да ѝ помогнеме на Грција во нејзината мошне тешка ситуација и да работиме со Турција на ограничување на бројот на пристигнувања на европско тло. Ако не го направиме тоа, тогаш едноставно ќе имаме уште еден обид што ќе излезе неуспешен. А никој од нас нема интерес во такво нешто.

Уште едно прашање. Го слушнавме Доналд Туск, како што предмалку известивме, како ги предупредува економските мигранти – не доаѓајте, не вреди, не доаѓајте. Но зошто би го слушале ако бегаат од полоши проблеми во својата држава, зошто би го слушале г-дин Туск и не би дошле?

НП: Мора да се прави разлика меѓу оние што бегаат од конфликт, на кои мора да им обезбедиме засолниште, и оние што едноставно одат во Европа за да најдат подобра работа. И тоа е легитимна причина, но со текот на годините стана јасно дека ниедна од европските земји не е способна да апсорбира милиони мигранти што едноставно пристигнале од економски причини. А сметам дека пораката од претседателот на Европскиот совет e јасна дека она што се случуваше во текот на изминатата година, нема да се случува во 2016. Така би можел да се намали притисокот на Грција, на нејзините надворешни граници, затоа што ќе ги имаме само легитимните баратели на азил, во суштина Сиријци што бегаат од конфликтните зони. Ова e начинот на размислување со кој се согласуваат речиси сите во Европа.

Погледнете го интервјуто на следниот линк.

Конзуларни услуги