Интервју на МНР Никола Попоски за „Ди Пресе“

Дата: 25 февруари 2016 година

Новинар: Виланд Шнајдер

 

NETHERLANDS EU COUNCIL FOREIGN MINISTERS EUROPE TURKEY MIGRATION 1456335390398143

Зошто од пред неколку дена се стопирани бегалците од Авганистан на грчко-македонската граница?

НП: Македонските власти на почеток пуштаа лица од Авганистан. Тие поминуваа низ процес на регистрација за бегалци и смееја да продолжат со патување. Но сега има движење во обратен правец: моментално на нашата територија има 700 Авганистанци кои се вратени назад во Македонија од Словенија, Хрватска и Србија.

Но зошто само Авганистанци? И во Авганистан има војна.

НП: Ние не презедовме ништо што е надвор од одлуките на Советот на ЕУ. Тоа значи дека лицата од конфликтните зони, вклучитлено и Сирија, Ирак и Авганистан, треба да бидат пуштени. Но очигледно земјите-членки на ЕУ северно од нас, се погодени од овие мерки и ги враќаат назад Авганистанците. Очигледно во овие земји има нова дефиниција за конфликтни зони. Логиката се состои во тоа дека лицата што подолго време престојуваат во сигурна земја, не треба да се третираат како бегалци.

Дали Македонија нема повеќе да пушта да влегуваат авганистански бегалци од Грција?

НП: Да, бидејќи мораме да го решиме статусот на овие лица во земјите што се на север од нас, на рутата кон Централна Европа. Србија ни врати 700 Авганистанци и кажа дека ги вратиле од Хрватска. Тука има верижна реакција. Во овој случај нашето прашање би било: Како сакате да постапуваме во случајот со овие лица? Затоа ќе има застој додека не се реши оваа ситуација.

Постојат ли загрижувања од ваша страна дека бегалците кои се вратени во Македонија, нема да бидат примени и во Грција?

НП: Доколку процесот на регистрација соодветно се спроведува, треба земијите-членки на ЕУ што се на север да ги примат овие лица како баратели на азил. Или првата земја-членка на ЕУ во која пристигнале – значи Грција – треба да си ги прими назад. Од наш аспект тоа се единствените две опции.

Од Атина дојдоа закани дека ќе стават вето на приемот на земјите од Балканот во ЕУ, кои со Македонија ја затворија границата кон Грција.

НП: Убиен човек не може да го убиете пак. Патот на Македонија кон ЕУ од пред многу години е блокиран од страна на Грција. Тоа започна пред да има бегалска криза. Но што се однесува до прашањето за бегалците: Ние имаме заеднички интереси со Грција. Ние во Македонија би биле најсреќни на светот ако би функционирале регистрацијата и центрите за бегалци на грчката територија. Но според перцепцијата на земјите-членки на ЕУ не функционира.

Дали во прашањето со бегалците чувствувате дека сте во средина – меѓу интересите на Австрија, Грција, Германија? Според нас, Македонија – земја која не е членка на ЕУ е токму во средината.

НП: Ние не учествуваме во донесувањето на одлуката, но ги чувствуваме последиците. Тоа не е многу благодарна состојба. Ако европската интеграција на Македонија би се поддржала, денес би билe во друга позиција за да се придонесе за решавање на овој предизвик. Заеднички европски став би бил во наш интерес. Нашата граница е единствената граница која ја напуштаат граѓаните на некоја земја-членка на ЕУ за да стигнат до земја која не е членка на ЕУ. Од земјата која не е членка на ЕУ, Македонија, се очекува да се реши проблемот кој не е решен на територија која припаѓа на ЕУ.

Германија требаше да побара од Македонија да ја затвори границата со Грција, но ова барање беше повлечено.

НП: Официјално никогаш не сме добиле инструкции во една или во друга насока. Што сме направиле и што ќе направиме, е тоа дека ќе ги спроведеме одлуките на Советот на ЕУ. Тоа за нас би било поедноставно доколку земјите-членки на ЕУ јасно и едногласно би ни кажале што очекуваат од нас. Моментално нема изгледи за такво нешто.

 

Германската верзија на интервјуто можете да ја прочитате ТУКА.

Конзуларни услуги