Интервју на МНР Никола Попоски за „Фактор“

13 ноември 2015 година

Разговараше: Горазд Чомовски

timthumb

Во интервју за Фактор за шефот на дипломатијата Никола Попоски, кој е член и на Извршниот комитет, прифатливи се критичките оценки од ЕК, но вели, “мораме да ги отстраниме изговорите дека сме проблематични. Чистото досие ќе ги извади на виделина причините зошто некој би имал интерес да не држи под мраз неколку години без преговори со ЕУ”

Според министерот Попоски, со политизираните фрази како „пресметки и криминализации“ не се решаваат реални проблеми.

“Нив ги повторуваат најмногу политичарите кои не направиле ништо или кога бараат ефтини политички поени за еден ден. Сериозни одлучувачи знаат дека крупни реформи не се раствораат во вода како “Цевитана”.

На прашањето на Фактор, дали меѓународните олеснувачи се гарантори дека преодната Влада ќе функционира беспрекорно и без можност за опструкции, Попоски со став:

„Гарантор дека ќе функционира преодната Влада може да се само актерите кои одат на избори. Партнерите од надвор може да понудат добра волја. Опструкции може да има, но клучот е правецот да не се менува.“

Фактор: Kaко ја толкувате констатацијата во извештајот на ЕК за Македонија дека „Политичкиот систем е целосно поткопан со корупција“ дека во клучните области кои се дел на дополнителен мониторинг: владеење на правото вклучително и функционирањето на правосудниот систем, слобода на изразување, реформа на јавна администрација, корупција земјата сериозно сме потфрлиле . Добиме условена препорака со барање да се спроведе и имплементира Договорот во Пржино. Значи ли ова дека Брисел го вклучил „алармот“ и дека нема повеќе да не толерира и со тоа што не ни е одземена препорката ни се дава шанса да се корегираме?

Попоски: Овие полиња се најкритични во извештаите буквално за сите земји од поширокиот регион, што под опсервација за извештаите за напредок, што ги прави Европската Комисија. Затоа, за да сме објективни во оценките, потребна ни е дистанца. ЕУ е посебно фокусирана на темите поврзани со владеење на правото. Но, во ЕУ се поучени од пропустите при претходните процеси на проширувања. Истовремено, сите сме убедени во потребата за напредок во самите земји.

Дали сме потфрлиле, се одговара со тоа дали сме добиле препорака, или не. А, очигледно е дека имаме согласност Македонија да води преговори за членство во ЕУ. Уште повеќе, таа согласност не ни е од вчера. Препорака не се добива зошто сме биле трудољубиви или симпатични. Таа се стекнува преку долги процеси на усогласување, примена и адаптирање, а конечно и преку длабока политичка проценка.

Значи, и годинава имаме препорака за преговори со ЕУ и таа не ни е подарена. Ако се прашуваме дали има простор за напредок во оваа сфера: без дилема има, и тоа голем. Напредокот треба да ни остане приоритет. Не толку поради барањето од Европската Комисија, туку поради потребата од зголемена предвидливост и доверба во институциите од нашите граѓани. Со таков мотив ги спроведуваме реформите во нашиот систем и ќе треба да продолжиме да ги спроведуваме.

Фактор: Дали обврските од договорот во Пржино ќе бидат реализирани со динамика која гарантира фер избори и дефинитивна пресметка со високата корупција и криминализација на општествените и економските процеси?

Попоски: Избори по кои нема да има можност изговорите да се презентираат како издржани поплаки се цел на тековната политичка операција. Тоа е мотив и за прифаќањето на благо кажано, прилично ексцентричните барања во процесот. Избори што по договор, може и треба да се реализираат. Ова го велам исклучиво поради наш, македонски интерес.

Во однос на вториот дел од прашањето, со политизираните фрази како „пресметки и криминализации“ не се решаваат реални проблеми. Нив ги повторуваат најмногу политичарите кои не направиле ништо во тој домен, или кога се бараат ефтини политички поени за еден ден. Сериозни одлучувачи знаат дека крупни реформи не се раствораат во вода како “Цевитана”. Неопходен е солиден процес за јакнење на институции што спроведуваат правила. Ова пак се сведува на здрави правила на игра и солидни луѓе кои ги применуваат. Многу работи се унапредени во Македонија од независноста. Денес, веројатно имаме најголем број на длабински реформи кои се спроведуваат.

Наместо да се убедуваме кој за што имал инстант решение, покоректно е да се натреваруваме во проекти и јакнење на институции.

ИЗВЕШТАЈОТ НЕ Е САМО ЗА ВЛАДАТА

Фактор: Две клучни формулации за првпат се појавуваат во извештај на ЕК а тоа се „ сериозни предизвици “ и „најтешка политичка криза по 2001 година“. Значи ли ова дека Македонија целосно ја има запоставено европската агенда и оти со одредени владини чекори земјата има направено „три чекори назад , еден напред“?

Попоски: Извештајот не е за Владата. Тој е за сите чинители во Македонија. Точно е дека тековните предизвици се сериозни. Македонија секогаш изнаоѓала капацитет за надминување на сериозни предизвици. И овој пат ќе биде така. Легитимно е да прашаме дали доколку во 2009 година, со првата препорака почневме преговори, денес ќе бевме во подобра ситуација или не. Реално, најдобар гарант дека земјата ќе оди во добар правец е кредибилен процес на интегрирање во ЕУ. И со хендикеп на одложувања, Македонија ја подобри својата позиција за доста повеќе од три чекори на практично сите рангирања.

Фактор: Како го оценувате фактот што ЕК во извештајот најдиректно нотира вмешаност на владини функционери во аферата „Прислушување“. Штом Брисел излегува со ваков став, претпоставката е дека има сознанија и дека веќе од нивна страна се направени одредени проверки ?

Попоски: Веројатно ако некој нешто навел, најдобро е истиот да биде прашан. Не е соодветно да носиме паушални заклучоци. Мислам дека имаме институции кои се надлежни за проценка на ваквите наводи.

Фактор: Дали меѓународните олеснувачи се гарантори дека преодната Влада ќе функционира беспрекорно и без можност од различни острукции било да се од страна на ВМРО ДПМНЕ, ДУИ или СДСМ ?

Попоски: Гарантор дека ќе функционира преодната Влада може да се само актерите кои одат на избори. Партнерите од надвор може да понудат добра волја. Опструкции може да има, но клучот е правецот да не се менува. Конечно, само граѓаните можат да наградат, или пак да казнат несоодветно однесување во процесот. Верувам дека тие ни се најздравиот гарант.

ШПЕКУЛАЦИИ СЕ ДЕКА ЗАМИНУВААТ ЗЕМЈИ ОД ГРУПАТА „ПРИЈАТЕЛИ НА МАКЕДОНИЈА“

Фактор: Зошто пет земји членки од неформалната група „Пријатели на Македонија“ неодамна донесоа одлука да ја повлечат поддршка за земјата. Дали сте разговарале со Премиерот зошто опаѓа поддршка однадвор за Македонија и како да се врати довербата кај меѓународните партнери?

Попоски: Имаше шпекулации кои мислам дека не се вистинити. Претставници од земји кои беа наведувани отворено кажаа дека тоа не е точно. Од друга страна, факт е дека на нашите поддржувачи им е многу тешко да се заложат за Македонија во услови на нашите внатрешни кавги. Често велат дека треба да им помогнеме, за да ни помогнат. И во право се. Колку и да делува невозможно да се подигнат блокадите, мораме како предуслов да ги отстраниме изговорите дека сме проблематични. Чистото досие ќе ги вади на виделина причините зошто некој би имал интерес да не држи на мраз неколку години без преговори со ЕУ. Не треба да бараме виновници, туку само да си го средиме нашиот двор. Силно верувам дека ќе го надминеме и овој предизвик.

Фактор : Европските претстолнини и државници прстот за вина го вперија кон обидите на Премиерот Никола Груевски да си поигрува со медијаторите и гарантите на Пржино?

Попоски: Најдобро е кој навел да си каже за себе. Во принцип, природно е до некаде сите очекувања да се свртени кон Владата. Има најголема поддршка во јавноста и капацитет да влече напред. Оттука, рефлексно е за што и да запне, без разлика од кого потекнуваат пречките, погледите да се вперат кон тие што имаат капацитет да ги решаваат проблемите.

НИКОЈ ОД АКТУЕЛНИТЕ ПАРТИСКИ ФУНКЦИОНЕРИ НЕМА ДА БИДЕ ПРЕМИЕР НА ПРЕОДНАТА ВЛАДА

Фактор: Вашето име се споменува како иден Мандатар на преодната Влада . Дали би прифатиле да бидете Премиер на Влада која ќе има обврска да го подготви теренот за спорведување на фер и демократски избори?

Попоски: Не. Никој од актуелните функционери на партијата нема да биде Премиер. Во ВМРО-ДПМНЕ за ова имаме јасен партиски став.

ЗА РЕШЕНИЕ НА ИМЕТО ПОТРЕБНА Е ВОЉА И ОД ГРЦИЈА

Фактор: Врз основа на што медијаторот во македонско-грчкиот спор за името го темели ставот дека доаѓа вистинското време да се затвори долгогодишниот билатерален проблем. Колку се реални шансите во наредните неколку месеци да има сериозно придвижување во преговорите?

Попоски: Медијаторот има мисија да охрабрува и приближува. Две децении се труди да постигнеме решение. Во било кој момент изминативе две децении да каже некој дека е дојдено времето за решение, нема за згреши. Ние во Македонија впрочем најдобро знаеме, зошто ние сме платиле преголема сметка од блокадите поврзани со спорот за името. Тоа не чини не само пари и инвестиции, туку и изгубени можности, проекти и перспективи. Не треба да се идеализира ништо, но очигледно е дека Македонија во НАТО и ЕУ би била посилна, постабилна, побогата земја со поизвесна иднина. Конечно би биле земја која не е само предмет на туѓи одлуки, туку и чинител во носење на одлуките.

Придвижување во соработката со Грција имаме со имплементацијата на мерките за доверба. Колку тоа може да го реши само по себе спорот, немаме дилема. Но, сепак е најдобар начин за создавање на основна доверба која низ годините или ја немало или била маргинална. Околу временски рамки од како што велите „неколку месеци“, мислам дека е крајно неблагодарно да прогнозираме. Треба да сме посветени на подобрување на климата и да не пропуштаме можности за приближување, секогаш кога ги има. За тоа да успее ни требаат Грците како партнери.

Конзуларни услуги