Интервју на министерот за надворешни работи Никола Попоски, за неделникот “Капитал”

новинар Катерина Синадиновска

1.Кои ќе бидат приоритетите на МНР за годината што следува? Со што прво ќе се зафатите да работите?

Попоски: Имаме три приоритети во надворешната политика: европска интеграција, странски инвестиции и трговија, како и грижа за македонски граѓани и интереси надвор. Доста енергија се троши на препреки поради спорот наметнат од Грција. Вомеѓувреме постојано работиме на усвојување на што повеќе европски стандарди и реформи кои секако ќе бидат услов за членство во ЕУ. Односите со најблиските соседи ни се посебен приоритет. За мала земја најбитно е какво е директното опкружување. На Балканот, овие односи бараат посебна нега. Почетокот на 2015 ќе биде во знак на поефикасно ширење на дипломатските односи. Ќе именуваме нерезидентни амбасадори во земји и региони каде немаме постојано присуство. Тие би биле во Скопје и би патувале во неколку наврати годишно, но бибиле посветени на држави и региони каде има пред се долгорочни економски потенцијали.  

nikola poposki 1000-2y80r1umzambbsva26outc

2.Кој е Вашиот коментар што Македонија повторно не успеа да мрдне чекор напред кон ЕУ и овој декемвриски Самит помина неславно за нас?

Попоски: Сосем очекувано. Сите знаеме со кого или што имаме работа. По години, од временска дистанца, вакви заклучоци од европски историчари можеби ќе бидат оценети како неславни. Веројатно ќе се извлече и некое корисно наравоучение: да не се дозволи повеќе компромитирање на генијален мировен проект како ЕУ, за ненормални билатерални уцени. Многу добра вест е што овој пат мудрите аргументи во корист на водење пристапни преговори со Македонија ги пренесоамнозинство земји членки гласно и отворено. Тоа не беше случај претходно. Уште земји тоа го сторија премолчено. Тоа никако не треба да се смета за било какво фаќање страна. Туку е глас на разум спроти ѕид од уцени. Ваквиот настап еразличен и не е паднат од Марс. Треба да се цени што има одлучувачи кои се грижат за моралниот интегритет и долгорочните интереси на Европа.

3. Сосем отворено велите дека во ЕУ најзначајна е политиката насила. Каков е овој став? Станува ли министерот за надворешни работи евроскептик?

Попоски: Далеку од тоа. Повторувам, ЕУ е генијален мировен проект! Стратешки ни отвора најдобри можности за развој на Македонија. Тоа е до сега најбогатиот и најсреден клуб во светот. Ако не се согласуваме, што би било денес подобра опција за нас...? Ова не значи дека треба да затвориме очи или да идеализираме. Најдобро е да сме реални. Многу упатени соговорници од ЕУ земји отворено коментираат: тоа што ви го прави Грција нити е праведно, нити е принципиелно, најмалку е добрососедски ... но тие се внатре, а вие надвор од ЕУ..., дополнително се поголеми, помоќни и многу незгодни - им нема рамен човек за човек во Европа. Но, ние не би биле тоа што сме ако би скрстиле раце. Сизнаеме кои сме и што сакаме. Зло никому не посакуваме. Најмалку пак на Грција. Се бориме за праведна и европска цел. Затоа и ќе успееме.

4. Вие сте еден од најистурените владини играчи кон Меѓународната заедница. Како реагирате на критиките во однос на многуте области коишто сеуште не се реформирани?

Попоски: За вистински напредок меѓу друго е секогаш неопходна и критика. И за ова треба да сме реални. Сакаме да се приклучиме кон клуб, а секако имаме важни области кои нам ни е потребно да ги реформираме. Тоа што се стремиме конпоефикасно судство или администрација од ова ниво на кое сме, не е ни приближно толку значајно за ЕУ, колку што е за самата Македонија. Затоа на пример и сме се зафатиле со покачувања на стандардите за ефикасност и стручност. Што сме пофокусирани на реформите, тоа е и поапсурдна ипрепреката. Ние и сега и по членството во ЕУ еден ден, главната битка ја водиме и ќе ја водиме за поголема конкурентност на земјата, институциите, кадрите и конечно нашите фирми. Извештаите на ЕК ни се корисни за водење на реформите.

5. За разлика од Вас и ставот дека Грција и спорот се главни виновници за блокадата на Македонија, вашиот колега Бесими и во последната колумна посочи дека Македонија има уште многу работа за европски да се реформира. Имате разединување во ставовите?

Попоски: Околу тоа кој не блокира и зошто нема дилеми. Дури и не е битно што ние мислиме за причините. Самата Европска Комисија и заклучоците на Европскиот Совет констатираат дека нема мрдање без отстранување на блокадата врзана за грчкиот спор. ЕК за тоа упатува и апел до членките да преземат одговорност и да не ги туркаат одлуките под тепих. Исто е и со НАТО. Тоа е констатирано и од Меѓународниот Суд на Правда, што е причина за држењето пред вратите од Алијансата.

Ова во никој случај не значи дека ние сме си стокмиле се што ни треба од реформи и така идеални чекаме да се свести грчкиот Премиер. И со и без нив ние имаме уште многу работи за средување. Тоа е исто неспорно.

Бидејќи за одлуките во Советот на ЕУ нити ние нити МСП сме фактори, најмудро е да се фокусираме таму каде одлучуваме само ние. Затоа секој атом енергија потрошен на средување на домашниот двор ни е најинтелигентно насочен.

6. Има ли нови моменти во однос на спорот за името?

Попоски: Ново е годинава што незаинтересираноста за решение од главниот актер во спорот не се ни прикрива. Нам како втор актер ни треба интензитет и посветеност на дијалог. Тоа и го бараме. Имаме интерес да го тргнеме товарот на блокадите. Грција пак е пред свои внатрешни предизвици. Нас тоа не треба воопшто да не радува, бидејќи во пракса односите со нив ни се поважни од било кој друг. На сите поупатени во спорот им е јасно дека условите за ангажман се далеку од поволни. Порано или подоцна веројатно 2015 ќе биде пак изборна година на југот. Фокусот во Атина е кон Франкфурт, Брисел и Вашингтон. Тројката која одлучува е таму. Скопје им е вон радар, освен ако не се работи за наоѓање изговори со кои сакаат блокадата кон Европа да ја завиткаат во целофан.

7. Како ги толкувате шпекулациите дека токму во 2015-та ќе сведочиме на техничка влада, но не поради тоа што Заев така сака, туку од потребата што ќе се наметне токму за решавање на спорот? Има ли основа да очекува нешто такво?

Попоски: Не мислам дека има логика. Искрено звучи повеќе како нечија желба за купување време и мечтаење за технички влади. Во моментов прво нема услови за грчка посветеност. Второ и кога би имало, ние имаме изграден став дека народот мора да биде вклучен во носење на било која одлука по однос на така значајно прашање. Не случајно сме се обврзале на референдум. Не може никако таков спор да е предмет само на Владина одлука. Премногу е сериозно за да може да се сведе на техничко прашање за техничка Влада.

8. Белград беше домаќин на големиот Самит на Кина и земјите од средна и југоисточна Европа, каде што се најавија доста кинески инвестиции. Зошто нема вакви настани во Скопје?

Попоски: Ова е трет ваков самит со Кина, по Варшава и Букурешт. Идејата е секоја година во друг град од 16 земји учесници и во Кина. На овој Самит главните инвестиции кои се најавија се однесуваат и на Македонија. За нас е многу поважно каде ќе бидат инвестициите, отколку од каде ќе се најават. Добро е што имаме веќе 3-4 автопати во тек и најава, а сега и можност за проекти во железницата. Тоа е клучното.

9. Вие сте зарем задоволен од тоа колку е земјава посетена од странски државници?

Попоски: Во денешно време, мора да признаеме дека е многу позначајно колку инвеститори посетуваат определена земја. Толку е тоа глобално станато што посети и зделки од бизнисмени се многу побитни од тие на политичарите. За добро или зло, така е.

10. Неодамна проструи информација дека сте станале шеф на партиската кадровска комисија на ВМРО-ДПМНЕ. Ви се засилува ли Вашата позиција внатре во партијата?

Попоски: Член сум на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Се обидувам колку можам да придонесувам како и сите други членови во градење на политиките кои се разгледуваат во извршното партиско тело.

11. Што ќе кажете за слободата на говор? Во Извештајот на ЕУ не се штедеа забелешки кога се медиумите во прашање...

Попоски: Простор за унапредување има секаде па и таму. Поларизација постои и тоа го гледаме. Тоа е можеби природно зошто го има и во понапредни општества од нашето. Сепак има линија која не смееме да ја преминеме од поларизација во самоуништувачки пристап. Кај нас линијата е тенка. На крајот на денот сите треба да имаме чувство за национален интерес. Може до коска да не се согласуваме, да дебатираме, да се напаѓаме, но не смее тоа да ни стане цел сама по себе. Во моментов можеби најголем проблем е нивото на деструктивност што е изразено. За опозицијата е проблем што неретко во недостаток на издржана критичност ја самодевалвира сопствената улога на коректив во едно општество. За Владата пак е проблем што има недостаток на објективна критичност, која секогаш може да е од помош во носење одлуки. Конечно се зависи од медиумската култура која ќе ја промовираме. Тука секој од нас има одговорност. Имаме време пред нас да работиме на подобрување на климата и учиме од добрите и лоши примери низ Европа.

12. Колку новиот грб би можел да ги влоши односите со Бугарија? Како би ги оцениле односите Скопје - Софија во овие моменти?

Попоски: Реално не гледам нити објективен мотив нити причина како грбот би ни донел лоши односи со Бугарија. Ако е лавот изворот, тогаш тоа би важело за половина свет каде лав е дел од национални обележја. Никој нема ексклузивитет.

На политичко ниво мислам дека имаме позитивна и отворена комуникација. Ако споредиме со 2012 кога прв пат се изнесе условеноста за наш напредок кон ЕУ од Бугарија, мислам дека минавме преку многу планини и низ долини. Горе-долу расчистивме што ни е најпотребно и верувам дека по средување на новата Влада таму имаме можност да оставиме некои проблеми зад нас и зачекориме заедно кон решенија.

Конзуларни услуги