Соопштенија

Владата на Република Македонија денес ја поздрави пресудата на Меѓународниот суд на правдата (МСП) во нејзиниот случај против Грција.

 

 

 Slika 1

Во својата пресуда, Судот го прифати аргументот на Република Македонија дека Грција го прекршила членот 11, став 1 од Времената спогодба од 1995 година кога приговорила на зачленувањето на Република Македонија во НАТО во април 2008 година.

Оваа историска пресуда од Судот значи дека Грција не може законски да се спротивстави на членството на Република Македонија во НАТО. Покрај тоа, со пресудата на Судот се расчистува голема пречка за идните преговори на Република Македонија за членство во ЕУ.

Slika 2

Поздравувајќи ја пресудата на Судот, Никола Попоски, министерот за надворешни работи, изјави:

„Република Македонија ја поздравува пресудата на Судот, со којашто се спречува Грција да ги продолжи нејзините обиди да го блокира зачленувањето на мојата земја во НАТО и Европската унија.

Оваа постапка ја покренавме во ноември 2008 година, откога Грција се спротивстави на нашиот прием во НАТО на Самитот во Букурешт. Го покренавме овој случај за да ги заштитиме нашите права од Времената спогодба од 1995 година и му ја искажуваме нашата благодарност на Судот за јасната пресуда дека приговорот на Грција беше незаконски. Оваа пресуда е важна бидејќи Грција се закани дека ќе постапи на ист начин во контекст на ЕУ.

Иако овој случај не го засегаше прашањето за името, Република Македонија останува силно посветена на изнаоѓањето трајно и заеднички прифатливо решение за разликата за името со Грција. Република Македонија ќе продолжи да учествува со добра верба во преговорите за името под покровителство на генералниот секретар на Обединетите нации, како што учествуваше и во текот на изминативе три години, и покрај негативните постапки на Грција со блокирањето на нашето членство во НАТО. Република Македонија го има најголемиот можен интерес да се изнајде конечно решение за разликата за името, под чија сенка живее веќе дваесет години.

Република Македонија останува цврсто посветена на владеењето на правото и зачленувањето во НАТО и ЕУ. Одлуката на Судот претставува чекор напред на патот до членство. Очекувам дека Грција ќе дозволи да се зачлениме во НАТО, во согласност со нејзините обврски според меѓународното право и со поддршка на останатите членки на НАТО.“

(1) Уште од прогласувањето на независноста на Република Македонија во 1991 година, Грција упорно се противи на името на државата. Во 1995 година, Република Македонија и Грција ја потпишаа Времената спогодба, со којашто се нормализираа односите меѓу двете држави и која продолжува да служи како основа за нивните меѓусебни дипломатски односи.

(2) Меѓутоа, во април 2008 година, на Самитот на НАТО во Букурешт, Грција го блокираше членството на Македонија во НАТО. Се закани дека ќе постапи исто и во однос на ЕУ. Во ноември 2008 година, Република Македонија покрена постапка пред Меѓународниот суд на правдата („Светскиот суд“) и побара од Судот да пресуди дека постапките на Грција се незаконски. Република Македонија ја покрена постапката во согласност со членот 21 (2) од Времената спогодба, каде што се предвидува дека сите спорови меѓу двете земји во врска со Времената спогодба, со исклучок на преговорите за името, може да се достават до Меѓународниот суд на правдата заради нивно решавање.

(3) Според Времената спогодба, Грција се обврза да не се противи на зачленувањето на Република Македонија во меѓународните, регионалните и мултилатералните организации и институции на кои Грција веќе е членка, доколку државата се ословува со привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“. Членот 11(1) од Времената спогодба гласи:

„По стапувањето во сила на оваа Времена спогодба, Првата страна се согласува да не се противи на пристапување или полноправно зачленување на Втората страна во меѓународни, мултилатерални и регионални организации и институции на кои Првата страна е член, но Првата страна го зачувува правото да се противи на какво било членство наведено погоре ако и само во случај да Втората страна е ословувана во таквите организации или институции различно одошто во параграфот 2 на резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации.“

Конзуларни услуги