Соопштенија

По повод зачестените навредливи изјави и коментари од официјални лица на Република Албанија, насочени кон Република Македонија и нејзините граѓани, вчера во Министерството за надворешни работи на Република Македонија беше повикан на разговор Амбасадорот на Република Албанија во Република Македонија.

На средбата беше потенцирано дека изјавите на Претседателот на Владата Еди Рама и Министерот Дитмир Бушати за двонационалност и менување на уставното уредување на Република Македонија се отворено мешање во внатрешните работи на Република Македонија. Eтикетирањето на Македонците како „Славомакедонци“ е навредливо и дискриминаторски кон Македонците и сите граѓани на Република Македонија.

Беше истакнато дека ваквите пораки се сериозна провокација за добрососедството кое сакаме да го негуваме. Тие прават долгорочна штета на односите во регионот и потткнуваат екстремистичка реторика. Она што ни треба во Регионот, е обединување околу интеграцијата во ЕУ, мир и економски напредок.

Затоа, апелиравме да се прекине со провокациите, да се почитува сувереноста и да се работи на планот на добрососедството, за доброто на сите во Регионот.

Конзуларни услуги