Соопштенија

Денеска, во Министерството за надворешни работи на Република Македонија се одржа првиот состанок на националниот Управен комитет на Хоризонталната програма на Европската унија и Советот на Европа за поддршка на Западен Балкан и Турција на кој беа разгледани постигнувањата во реализацијата на Програмата во Република Македонија.

COE i EU 13

На првиот состанок на националниот Управен комитет беа разгледани досегашните фази во спроведувањето на петте договорени активности во Република Македонија, а се зборуваше и за натамошниот план на активности во функција на постигнување на очекуваните резултати во: Зајакнувањето на заштитата на правата на осудените лица; Унапредување на капацитетите на полицијата за почитување на човековите права; Поддршка на судството за заштита на човековите права, во борбата против лошо постапување, и неказнивост преку зајакнување на капацитетите; Борба против корупцијата, економскиот криминал и организираниот криминал; како и против трговијата со луѓе.

Управниот комитет го сочинуваат претставници на Министерството за надворешни работи, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Академијата за судии и обвинители, Управата за финансиско разузнавање, Секретаријатот за европски прашања, како и претставници од Делегацијата на Европската Унија и од Проектната канцеларија на Советот на Европа во Македонија.

Хоризонтална програма за поддршка на ЕУ и Советот на Европа (мај 2016 - мај 2019) има за цел на владите на земјите корисници да им помогне во постигнување на зголемена имплементација на стандардите на Советот на Европа и усогласување со acquis-то на ЕУ, во три клучни области: обезбедување правда, борбата против економскиот криминал, како и борбата против дискриминацијата и заштитата на правата на ранливите групи.

Вкупниот буџет за финансирање на петте активности кои се спроведуваат во Република Македонија изнесува 3,9 милиони евра, додека вкупниот фонд за сите земји корисници на Хоризонталната програма е 25 милиони евра, од кои 20 милиони евра се обезбедени од страна на Европската унија и пет милиони евра од Советот на Европа.

Конзуларни услуги