Македонија во светот

Македонија во светот

На 8. април 2017 година, во Амбасадата на Република Македонија во Варшава беше организиран прием во чест на познатиот македонски пијанист Симон Трпчески. На приемот, вршителот на работи Горица Атанасова Ѓоревска пред присутните го претстави македонскиот пијанист со светско реноме и говореше за неговите постигнувања, настапи и неговиот придонес кон промоцијата на македонската култура воопшто. 

Долгометражниот филм ,,Лазар“ на Светозар Ристовски и краткометражниот ,,Незрели цреши“ на Небојша Јовановиќ на 6 април 2017 година премиерно се претставија пред солунската публика, предизвикувајќи позитивни реакции.

Република Македонија успешно се претстави на 20-от јубилеен Мостарски саем во чиј рамки беше организиран саемот „Вино и земјоделски производи од земјите членки на иницијативата 16+1“. Македонското квалитетно флаширано вино, јагнешко месо, традиционално овчо сирење, домашен ајвар, лутеница,малиџано, се дел од македонските производи кои се дегустираа на националниот промотивен штанд во Мостар, Република Босна и Херцеговина во рамки на Мостарскиот саем што се одржува од 4 до 8 април 2017 година.

Aмбасадорот на Република Македонија во Токио, Андријана Цветковиќ одржа предавање на тема „Macedonia in the spotlight of Southeast Europe-the Present and Future" по повод 26 годишнината од Business Intelligence Society (BIS). На настанот присуствуваа околу 80 членови од BIS, главно претставници на бизнис заедницата во Јапонија. Покрај амбасадорот Цветковиќ, на настанот се обратија и поранешниот амбасадор на Јапонија во Обединетите нации Макото Танигучи и поранешниот амбасадор на Јапонија во Швајцарија Мицухеи Мурата.

На 20 март 2017 година, на покана на Шлезискиот Универзитет во Сосновјец (Катовице), вториот најстар лекторат на македонски јазик во Полска, и како резултат на соработката со Амбасадата на Република Македонија во Варшава, се одржа Ден посветен на македонската култура во организација на македонскиот лекторат и лекторот Елена Мицевска. Во рамки на настанот, Вршителот на работи во Амбасадата, Горица Атанасова-Ѓоревска одржа предавање пред студентите македонисти и слависти на тема македонско-полски политички и економски односи во рамки на кое говореше и за културната и образовната соработка и активностите кои Амбасадата ги спроведува во насока на поддршка на истата. 

На 15-ти март 2017 година првиот резидентен амбасадор на Република Македонија во Јапонија Н. Е. Д-р. Андријана Цветковиќ и претседателот на Јапонскиот институт за странски инвестиции г-н Џуничи Кондо потпишаа Меморандум за соработка меѓу Амбасадата на Република Македонија во Токио и Јапонскиот институт за странски инвестиции. Меморандумот за соработка е прв потпишан билатерален документ кој се однесува на промовирање на Република Македонија како атрактивна бизнис дестинација за јапонски инвеститори насочен кон поттикнување на бизнис релациите меѓу двете земји.

Во првиот квартал од 2017 година, публиката во Солун имаше можност да се запознае со дел од македонската култура и творештво преку концерт на етно-составот „Чалгија саунд систем“ и литературната вечер организирани од Генералниот конзулат на Република Македонија.

На 26 февруари по повод 13 годишнината од авионската несреќа во која загина ППРМ Б. Трајковски и членовите на делегацијата пред спомен – обележјето кај Матича Брда, Ротимље, општина Столац кај Мостар беше одадена почит за загинатите.

На почетокот на 2017 година, публиката во северна Грција имаше можност да се запознае со македонските фолклорни  традиции, преку  успешните настапи на  дебарско - мијачката група „Мајовци “ и на кавадаречката ,,Џоломари“. Имено, на 3 јануари 2017 година во Костур  за прв пат, учествуваше еден од најоригиналните фолклорни музички ансамбли што негува автентичен македонски фолклор од мијачкиот крај  и  кој  успешно ја пренесе  тристогодишната музичка традиција.

На 17 февруари 2017 година, амбасадата на Република Македонија во Астана во соработка со Универзитетот КАЗГУУ го организираше Ден на Македонија, на кој амбасадорот Илија Псалтиров одржа презентација за Македонија, нејзината историја и природни убавини, по што беше преставена изложбата на цртежи со македонски национални носии. За време на настанот, во живо беше презентирана и носија стара повеќе од 100 години од регионот на Скопска Црна Гора, по што следеше музичка програма на македонски и казахски народни песни.

Конзуларни услуги