nike tn Chaussure TN chaussure puma chaussures puma Ed Hardy Shirts Ed Hardy Clothes
МакедонијаМинистерствоНадворешна ПолитикаКонзуларни услугиМедиа Центар
 
Насловна > Надворешна Политика > Либерализација на визниот режим на ЕУ кон РМ
 
ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈА НА ВИЗНИОТ РЕЖИМ НА ЕУ КОН РМ
 

На 1 јануари 2008 година стапија на сила Спогодбата за олеснување на визниот режим и Спогодбата за реадмисија меѓу Република Македонија и Европската унија. За спроведување на ове две спогодби формирани беа тимови на Заедничките комитети за визно олеснување (со кој копретседаваше МНР) и за реадмисија (со кој копретседаваше МВР) на Република Македонија (РМ)и Европската комисија (ЕК). 

Спогодбата за визно олеснување имаше за цел визни олеснувања за одреден број категории на граѓани. Визното олеснување претставуваше преодна фаза кон воспоставување на безвизен режим за граѓаните на Македонија. Спогодбата за реадмисија се спроведува на најдобар можен начин, и за 2008 и 2009 година до ГД-правда, слобода и безбедност на ЕК, не се пристигнати жалби во однос на Република Македонија.

Дијалогот за либерализација на визниот режим меѓу РМ и ЕК официјално беше отворен на 20 февруари 2008, за време на посетата на тогашниот ППЕК Фратини на Македонија. Оттогаш беа одржани повеќе состаноци помеѓу преговарачките тимови на РМ и ЕК. Дијалогот се водеше врз основа на Патоказ (Roadmap) за техничките барања што требаше да се исполнат за укинување на визниот режим на ЕУ кон Македонија. Патоказот се состоеше од четири блокови и тоа Блок 1-безбедност на документи; Блок 2-гранично управување, азил и миграција; Блок 3-јавен ред и безбедност и Блок 4-надворешни односи и основни права. Патоказот беше усвоен од страна на ЕК и предаден на МНР А.Милошоски на церемонија на 8 мај 2008 г. во Брисел.

На 28 ноември 2008 година, ЕК објави иницијален Извештај/оценка за исполнување на барањата од Патоказот, при што констатираше дека Македонија постигна значителен напредок во сите 4 блока и е најнапредната од сите земји опфатени со процесот.

За верификација на постигнувањата на Македонија во релевантните области за визната либерализација, ЕК спроведе оценски мисии во РМ, со учество на експерти од земјите-членки на ЕУ. Оценската мисија за блоковите 1 и 3 од Патоказот се спроведе во периодот од 19-23 јануари 2009, за блокот 2 во периодот од 16-20 февруари 2009. На 28-29 јануари 2009 се одржа Регионален семинар за заштитата на личните податоци во рамките на дијалогот за визната либерализација, со учество на претставници/експерти од ЕК, земјите членки на ЕУ и сите земји од З. Балкан. На 9 март 2009 во Брисел се одржа билатерален состанок (Македонија-ЕУ) на експертско ниво за Блокот 4. Експертските мисии и состаноци ги потврдија иницијалните оценки на ЕК и не беше идентификуван некој посебен проблем или недостаток во исполнувањето на критериумите од Патоказот.

На 18 мај 2009 година, ЕК го проследи ажурираниот Извештај за исполнување на условите од Патоказот за визна либерализација на РМ до земјите членки. Во Извештајот беше констатирано дека РМ ги исполнува условите од Патоказот. На 11 јуни 2009 година, во Брисел во рамките на дијалогот за визна либерализација се одржа состанок на високо ниво меѓу ЕК и РМ, на кој беше констатирано дека РМ го исполни Патоказот за визна либерализација и успешно го заврши дијалогот за визна либерализација.

Советот на ЕУ на 15 јуни 2009 година даде политичка поддршка за опточнување на правната процедура за укинување на визниот режим за земјите опфатени со процесoт. Советот ја охрабри ЕК да поднесе легислативен предлог за измена на Регулативата 539/2001 во најскоро можно време, со цел да се постигне безвизен режим до крајот на 2009, со оние земји кои целосно ги исполниле бараните услови.

На 15 јули 2009 година, Европската комисија го усвои предлогот за укинување на визите за граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора од 1 јануари 2010 година. Усвојувањето на предлогот на прес-конференција во Брисел го соопштија заменик-претседателот на ЕК и комесар за правда, слобода и безбедност Жак Баро и комесарот за проширување на ЕУ Оли Рен. Баро посочи дека одлуката да се препорача за Македонија симнување на шенгенската бариера е резултат на исполнувањата на условите поставени во патоказот во рамки на процесот за визна либерализација којшто беше презентиран во првата половина на 2008 година, а со кој се бараше воведување биометриски пасоши, добро управување со границите и глобалните миграции, резултати во борбата против организираниот криминал, корупцијата и трговијата со луѓе и почитување на човековите права. Нагласено беше дека Македонија, согласно оценките од експертите на Европската комисија, постигнала најдобри резултати во исполнување на критериумите.

Во рамките на правната процедура, на 12 ноември 2009 година, Европскиот Парламент ја усвои резолуцијата за укинување на визите за граѓаните на Македонија, Црна Гора и на Србија, и со големо мнозинство ја поддржа визната либерализација. Согласно резолуцијата, предложено беше визната либерализација да стапи на сила порано од предвиденото, односно на 19 декември 2009 година.

На 30 ноември 2009 година, за време на Шведското претседателство со ЕУ, Министерскиот совет за правда и внатрешни работи донесе Одлука за либерализација на визниот режим на Европската унија за граѓаните на Република Македонија, преку измена на Регулативата 539/2001. Од 19 декември 2009 година, безвизните патувања ширум Европа станаа реалност за граѓаните на Република Македонија.

Согласно одлуката, граѓаните на Република Македонија кои поседуваат биометриска патна исправа можат да патуваат без виза за краток престој во земјите од шенгенската зона. Престој не треба да биде подолг од вкупно 90 денови, во период од 180 денови, сметано од денот на првиот влез.

Покрај биометриска патна исправа, за граѓаните на Република Македонија постојат и други услови за влез што важат и за сите државјани на трети земји што патуваат во шенгенската зона.

Искуството од досегашната имплементација покажува дека визната либерализација беспрекорно се спроведува во пракса. Во најголемиот број случаи, на надворешните граници на ЕУ на македонските граѓани им се побарани само биометриска патна исправа и патничко осигурување. Според евиденцијата на Министерството за внатрешни работи, од 19 декември 2009 до 15 јануари 2010 година, околу 200.000 македонски граѓани ги преминале надворешните граници на ЕУ, при што само на 77 граѓани не им е дозволен влез во ЕУ, од кои 50% се вратени поради тоа што не поседувале патничко осигирување, а останатите 50% и претходно имале забрана за влез во ЕУ.

Од 19 декември 2009 година, државјаните на Република Македонија што поседуваат биометриска патна исправа ќе можат да патуваат без виза за краток престој во земјите од шенгенската зона. Под краток престој се подразбира престој во шенгенската зона не подолг од вкупно 90 денови, во период од 180 денови сметано од денот на првиот влез. 

                                                                   * * *

За престој во шенгенската зона подолг од 90 дена, поради вработување, студирање или поради подолг приватен престој, потребно е државјаните на Република Македонија да аплицираат за долгорочна виза или за дозвола за престој, во најблиската амбасада или конзуларно претставништво на земјата во која патуваат.

                                                                  * * *

Државјаните на Република Македонија без виза за краток престој ќе можат да патуваат во:
- 25 земји членки на Европската унија: Австрија, Белгија, Бугарија,   Германија, Грција, Данска, Естонија, Италија, Кипар, Литванија, Летонија, Луксембург, Малта, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Словачка, Унгарија, Финска, Франција, Холандија, Чешката Република, Шведска, Шпанија.
- 3 земји што не се членки на Унијата, а се дел од шенгенската зона: Исланд, Норвешка и Швајцарија.

Во однос на Грција, на граничните премини ќе се применува посебна процедура. Грчките гранични службеници нема да ставаат печати за влез и за излез во пасошите на патниците од Република Македонија, туку на посебен лист што ќе му се издава на патникот на граничните премини. Посебните листови ќе можат да се подигнуваат и во Канцеларијата за врски на Република Грција во Скопје и во Конзулатот во Битола. Патниците се охрабрени да го подигнат и пополнат овој документ однапред, за да заштедат време на граничните премини.  Носителите на овој документ имаат обврска да го носат, не само при патување во Република Грција туку и кога патуваат во Шенген зоната и исто така, имаат обврска да го чуваат една година по неговата последна употреба.    

Новите правила за патување без визи нема да важат за Обединетото Кралство и Ирска, земји-членки на Европската унија, но кои не се дел од шенгенската зоната. Информации за условите за влез во овие две земји, граѓаните на Република Македонија може да добијат во конзуларните претставништва на Велика Британија и Ирска и на нивните веб страници.
                                                                 
                                                                  * * *

Државјаните на Република Македонија што поседуваат небиометриска патна исправа ќе може да патуваат во шенгенската зона, но при тоа ќе треба да имаат обезбедено валидна шенген-виза од конзуларните прет-ставништва на земјите од Шенген-зоната во Република Македонија, како и досега.

                                                                  * * *

Покрај биометриска патна исправа постојат и други услови за влез што важат за сите државјани на трети земји што патуваат во шенгенската зона, а со тоа и за државјаните на Република Македонија. Тие се поврзани со поседување доволно финансиски средства за времетраењето на престојот и за враќањето во Република Македонија, поседување докази за целта и за условите на планираниот престој, потоа утврдување дека патниците не го надминале максималното времетраење на одобрениот престој, дека патниците не се сметаат за закана за јавниот ред, јавното здравство или за внатрешната безбедност и дека не се лица за кои се доставени предупредувања за да се одбие нивниот влез во земјата. 
На државјаните на Република Македонија, при преминување на надворешните граници на шенгенската зона може да им бидат побарани некои од следниве документи:
(а) за деловни патувања, односно настани поврзани со работа: покана од фирма или од орган за присуство на состаноци, конференции или на настани поврзани со трговија, индустрија или со работа; други документи со кои се утврдува постоење трговски односи или односи поврзани со работењето; билети за саеми и за конгреси, доколку се посетуваат.
(б) за патувања за потребите на учење или на други видови обука: потврда за запишување во наставна институција заради следење стручни или теоретски курсеви во рамките на основна и на стручна обука; студентска легитимација или потврда за следење курс.
(в) за патувања за туристички или за приватни потреби: доказ/потврда за сместување (покана од домаќин, доколку се престојува кај домаќин или потврда од организација што обезбедува сместување или друг соодветен документ во кој е наведено предвиденото сместување); докази за маршрутата на патување (потврда за резервација на организирано патување или друг соодветен документ во кој се наведени предвидените планови за патувањето); докази за враќање (повратен билет).
(г) за патувања за политички, научни, културни, спортски или за религиозни настани или од други причини: покани, билети, пријави или програми во кои, доколку е можно, е наведено името на организацијата што е домаќин и должината на престојот, или друга потврда во која се наведува целта на посетата.
(д) доказ за поседување доволно финансиски средства: преку готовина, патнички чекови, кредитни картички и/или изјави за спонзорство, согласно утврдените износи од страна на секоја од земјите (Прилог 1).
(ѓ) потврда за патничко/здравствено осигурување за времетрање на патувањето. 
 
                                                                  * * *

Државјаните на Република Македонија може да бидат одбиени при влез во шенгенската зоната доколку не ги исполнуваат условите за влез, за што имаат право да добијат образложена одлука во писмена форма, издадена од органот овластен според националното законодавство за одбивање влез. Засегнатиот државјанин на Република Македонија има право на жалба во врска со ваквата одлука, која не го одлага нејзиното извршување. 
                                                 
                                                                  * * *
 
За повеќе информации можете да се обратите во Амбасадата на земјата на Вашата дестинација во Република Македонија.


ДОКУМЕНТИ
 
 
Испрати до пријател
 
ВЕСТИ
06.09.2010
Новоименуваниот амбасадор на Кралството Шведска, Ларс Валунд, ги предаде копиите од акредитивните писма
05.09.2010
Интервју на Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Антонио Милошоски за Радио Слободна Европа
02.09.2010
Проштална средба на МНР Милошоски со амбасадорот на Јапонија, Акио Танака
Архива >>
ПУБЛИКАЦИИ
Македонски дипломатски билтен
Crossroads - списание за надворешна политика
Македонски Економски Водич
ДОКУМЕНТ
 

ВРЕМЕНА СПОГОДБА МАКЕДОНИЈА-ГРЦИЈА
1995