На 1 јануари 2008 година ќе стапи во сила Спогодбата за олеснување на издавањето визи меѓу Република Македонија и Европската заедница. Со Спогодбата ќе се поедностави издавањето визи за граѓаните на Република Македонија за планиран престој кој не надминува 90 дена во период од 180 дена. Спогодбата ќе се применува од сите земји-членки на Европската Унија, со исклучок на Данска, Велика Британија и Ирска.
I. Спогодбата ги опфаќа следните визни олеснувања:
1. Бесплатни визи за следните категории:
- Деца под 6 години;
- Ученици, студенти, студенти на последипломски студии и наставници кои ги придружуваат, кои патуваат поради студирање или образовна обука, вклучително и во рамките на програми за размена, како и други образовни активности или активности поврзани со училиштето;
- Блиски роднини – брачен другар, деца (вклучително и посвоени), родители (вклучително и старатели), баби, дедовци и внуци - во посета на граѓани на Република Македонија кои легално престојуваат на територијата на земја-членка;
- Лица со посебни потреби и лицето кое ги придружува, доколку е потребно;
- Лица кои презентирале документи со кои се докажува неопходноста за нивното патување на хуманитарна основа, вклучително заради добивање на итен медицински третман, како и лицето кое придружува такво лице, или заради присуство на погреб на близок роднина, или заради посета на сериозно болен близок роднина;
- Учесници во меѓународни спортски настани и лицата кои нив ги придружуваат во професионално својство;
- Лица кои патуваат заради учество во научни, истражувачки, културни и уметнички активности, вклучително и универзитетски и други програми за размена;
- Учесници во официјални програми за размена организирани од збратимени градови;
- Новинари;
- Пензионери;
- Возачи кои вршат меѓународен превоз на товар и патници во териториите на земјите-членки, со возила регистрирани во Република Македонија;
- Членови на екипаж на возови, ладилници или локомотиви во меѓународни возови кои патуваат во териториите на земјите-членки;
- Претставници на организации од граѓанскиот сектор, кои патуваат заради студирање или образовна обука, семинари, конференции, вклучително и во рамките на програми за размена;
- Претставници на верските заедници регистрирани во Република Македонија;
- Припадници на разни професии кои патуваат заради учество на меѓународни изложби, конференции, симпозиуми, семинари или други слични настани кои се одржуваат на територијата на земјите –членки;
- Градоначалници и членови на Советите на општините;
- Членови на официјални делегации кои, на официјална покана до Република Македонија, редовно ќе учествуваат на состаноци, консултации, преговори или програми за размена, како и на настани кои се одржуваат на територијата на земјите-членки од страна на меѓувладини организации;
Бугарија и Романија, за кои е обврзувачко шенгенското право, но сè уште не издаваат шенген визи, можат да издаваат бесплатни визи за краток престој за граѓаните на Република Македонија, до денот кој ќе биде определен со Одлука на Советот за нивна целосна имплементација на Шенгенското право во визната политика.
2. Повеќекратни визи со подолг рок на важност:
А) Повеќекратни визи со рок на важност до најмногу пет години за следните категории лица:
- Брачни другари и деца (вклучително и посвоени), кои се помали од 21 година или се издржувани и родители (вклучително и страратели), во посета на граѓани на Република Македонија кои легално престојуваат на територијата на земја-членка, со рок на важност ограничен со времетраењето на важноста дозволата за легален престој;
- Стопанственици и претставници на деловни организации кои редовно патуваат во земјите-членки;
- Новинари;
- Претставници на верските заедници регистрирани во Република Македонија кои редовно патуваат во земјите-членки;
- Постојани членови на официјални делегации кои, на официјална покана до Република Македонија, редовно ќе учествуваат на состаноци, консултации, преговори или програми за размена, како и на настани кои се одржуваат на територијата на земјите-членки од страна на меѓувладини организации.
Б) Повеќекратни визи со рок на важност до една година за следните категории лица, доколку во претходната година се стекнале со најмалку една виза, ја употребиле во согласност со законите за влез и престој на посетената земја-членка и доколку постојат причини за барање на повеќекратна виза:
- Студенти запишани на додипломски или последипломски студии кои редовно патуваат поради студирање или образовна обука, вклучително и во рамките на програми за размена;
- Лица кои редовно патуваат заради учество во научни, истражувачки, културни и уметнички активности, вклучително и универзитетски и други програми за размена;
- Учесници во меѓународни спортски настани и лица кои ги придружуваат во професионално својство;
- Припадници на разни професии кои редовно патуваат заради учество на меѓународни изложби, конференции, симпозиуми, семинари или други слични настани кои се одржуваат на територијата на земјите –членки;
- Претставници на организации од граѓанскиот сектор, кои редовно патуваат во земјите-членки заради студирање или образовна обука, семинари, конференции, вклучително и во рамките на програми за размена;
- Учесници во официјални програми за размена организирани од збратимени градови;
- Градоначалници и членови на Советите на општините;
- Возачи кои вршат услуги за меѓународен превоз на товар и патници во териториите на земјите-членки, со возила регистрирани во Република Македонија;
- Членови на екипажи на возови, ладилници или локомотиви во меѓународни возови кои патуваат во териториите на земјите-членки;
- Лица кои имаат потреба од чести патувања заради медицински причини и лица кои е неопходно да ги придружуваат;
- Членови на официјални делегации кои, на официјална покана до Република Македонија, ќе учествуваат на состаноци, консултации, преговори или програми за размена, како и на настани кои се одржуваат на територијата на земјите-членки од страна на меѓувладини организации;
В) Повеќекратни визи со рок на важност од најмалку две, а најмногу пет години за категориите лица изнесени под (Б) и за други лица, доколку во текот на претходната година искористиле една повеќекратна виза во согласност со законите за влез и престој на посетената земја и доколку причините за барање повеќекратна виза се сè уште оправдани.
3. Документи кои се доволни за оправдување на целта на патувањето, за следните категории:
- Ученици, средношколци, студенти, студенти на постдипломски студии и наставници кои ги придружуваат, како и лица кои патуваат поради студирање или образовна обука, вклучително и во рамките на програми за размена, како и други образовни активности или активности поврзани со училиштето: писмена покана или потврда за запишување од универзитетот, колеџот или училиштето во земјата-домаќин или студентски карти или потврдa за курсевите кои ќе се посетуваат;
- Лица кои учествуваат во научни, истражувачки, културни и уметнички активности, вклучително и универзитетски и други програми за размена: писмена покана од организацијата-домаќин за учество во наведените активности;
- Претставници на организации од граѓанскиот сектор, кои патуваат заради студирање или образовна обука, семинари, конференции, вклучително и во рамките на програми за размена: писмена покана од организацијата-домаќин, потврда дека лицето ја претставува организацијата од граѓанскиот сектор и потврда за основањето на таква организација од релевантен Регистар, издадена од надлежен државен орган, согласно националното законодавство ;
- Новинари: потврда или друг документ издаден од професионална организација со кој се докажува дека лицето на кое се однесува е новинар и документ издаден од работодавачот во кој е наведено дека целта на патувањето е да врши новинарска работа;
- Учесници на меѓународни спортски настани и лица кои ги придружуваат во професионално својство: писмено барање од организација во земјата-домаќин: надлежни органи, национални спортски федерации или национални олимписки комитети на земјите-членки;
- Стопанственици и претставници на деловни организации: писмена покана од правното лице или компанијата домаќин, или од канцеларија или филијала на такво правно лице или компанија, или од државни или локални власти на земјата-членка домаќин, или од организациони одбори на трговски и индустриски изложби, конференции и симпозиуми кои се одржуваат на територијата на земјите-членки;
- Припадници на разни професии кои учествуваат на меѓународни изложби, конференции, симпозиуми, семинари или други слични настани кои се одржуваат на територијата на земјите -членки: писмена покана од организацијата-домаќин со која се потврдува дека лицето учествува на настанот;
- Учесници во официјални програми за размена, организирани од збратимени градови: писмено барање од градоначалникот или од раководно лице во администрација на овие градови;
- Возачи кои вршат меѓународен превоз на товар и патници во териториите на земјите-членки, со возила регистрирани во Република Македонија: писмено барање од здружение на превозници во Република Македонија кое врши меѓународен патен превоз, во кое се наведени целта, времетраењето и зачестеноста на патувањата;
- Членови на екипажи на возови, ладилници или локомотиви во меѓународни возови кои патуваат во териториите на земјите-членки: писмено барање од надлежна железничка компанија во Република Македонија, во кое се наведени целта, времетраењето и зачестеноста на патувањата;
- Блиски роднини – брачен другар, деца (вклучително и посвоени), родители (вклучително и страратели), баби, дедовци и внуци - во посета на граѓани на Република Македонија кои легално престојуваат на територијата на земја-членка: писмена покана од лицето-домаќин;
- Претставници на верски заедници: писмено барање од регистрирана верска заедница во Република Македонија во кое се наведени целта, времетраењето и зачестеноста на патувањата;
- Лица кои патуваат заради медицински причини и лица кои се неопходни заради придружба: официјален документ од медицинска институција со кој се потврдува потребата од медицинска нега во таа институција, потребата да се биде придружуван и доказ за потребните финансиски средства за плаќање на медицинскиот третман;
- Лица кои патуваат заради присуство на погребни церемонии: официјален документ со кој се потврдува смртта, како и писмена потврда за семејниот или друг однос помеѓу апликантот и починатиот;
- Членови на официјални делегации кои, на официјална покана до Република Македонија, учествуваат на состаноци, консултации, преговори или програми за размена, како и на настани кои се одржуваат на територијата на земјите-членки од страна на меѓувладини организации: писмо издадено од надлежен орган на Република Македонија со кое се потврдува дека барателот е член на делегацијата, која патува во другата Страна со цел да учествува на претходно споменатите настани, придружено со копија од официјалната покана;
- Лица кои патуваат заради туризам: потврда или ваучер од туристичка агенција или тур-оператор акредитиран од земја-членка во рамки на локалната конзуларна соработка, со кој се потврдува резервацијата за организираното патување;
- Лица кои патуваат заради посета на воени или цивилни гробови: официјален документ со кој се потврдува постоењето и зачуваноста на гробот, како и писмена потврда за семејниот или друг однос помеѓу апликантот и починатиот;
Писменото барање треба да ги содржи следните ставки:
а) за поканетото лице: име и презиме, дата на раѓање, пол, државјанство, број на личната исправа, време и цел на патувањето, број на влезови и доколку е релевантно името на брачниот другар и децата кои го придружуваат поканетото лице;
б) за лицето кое поканува: име и презиме и адреса, или
в) за правното лице, компанија или организација која поканува: полно име и адреса и
- доколку барањето е издадено од организација, името и функцијата на лицето кое го потпишува барањето,
- доколку лицето кое поканува е правно лице, компанија, канцеларија или филијала на правно лице или компанија основани на територијата на земја-членка, регистарскиот број како што е пропишано во домашните закони на засегнатата земја-членка.
II. Составен дел на Спогодбата е Заедничка декларација за перспективата за взаемен безвизен режим на патување, во која се наведува дека визните олеснувања претставуваат преодна фаза до воведување на безвизен режим на патување за граѓаните на Република Македонија, кој ќе се воведе врз основа на позитивната оценка за напредокот на земјата во спроведувањето на релевантните реформи, согласно постапките и критериумите предвидени во Регулативата 539/2001 на Советот од 15 март 2001 година.
III. Со цел да се олесни мобилноста на поголем број на лица кои имаат семејни врски (посебно сестри и браќа и нивните деца) со граѓани од Република Македонија кои легално престојуваат на теритиријата за земјите-членки, Европската Заедница во Декларација за олеснувања за членови на семејството приклучена кон Спогодбата, ги повикува конзуларните канцеларии на земјите-членки целосно да ги искористуваат постоечките можности во правото на Заедницата за олеснување на издавањето на визи на оваа категорија на лица, особено вклучувајки и поедноставување на потребната документација за апликантите, изземање од трошоците за обработка и онаму каде е можно издавање на повеќекратни визи.
IV. Во Заедничка декларација за таксата за обработка на барањата за визи, која е составен дел на Спогодбата, Европската заедница ја зема предвид загриженоста на Република Македонија за фактот дека на нејзините граѓани им се издаваат шенген визи со територијална важност ограничена на една или неколку земји-членки, како и барањето за ослободување на македонските државјани од двократната наплата на визна такса за влез во Шенген зоната (за влез во Грција и за влез во останатите земји во Шенген зоната). Ова прашање треба да се разгледа повторно, како приоритетно, веднаш штом Европскиот парламент и Советот ќе го усвојат Кодексот за визи на Заедницата.
V. Составен дел на Спогодбата е Политичка декларација на Бугарија за воспоставување на локален режим на движење во пограничната зона со РМ врз основа на Регулативата на ЕУ за локален граничен режим на движење, која дава можност, преку случување билатерална спогодба, да се укине визниот режим за категоријата државјани на РМ со живеалиште или престој во пограничната зона, а преку издавање на специјални локални дозволи (лични карти) за движење во пограничната зони на Бугарија (во појасот од 30 до 50 км долж границата).
VI. Составен дел на Спогодбата е Декларација на Европската заедница за пристап на барателите на виза и усогласување на информациите за постапките за издавање на визи за краток престој и документите кои треба да се поднесат при аплицирањето за виза за краток престој. Треба да бидат подготвени основни информации за барателите на визи за постапките и условите за аплицирање за виза и нивната валидност, како и листа на минимални барања со цел да се обезбеди дека на апликантите од Република Македонија им се даваат кохерентни и униформни основни информации и од нив се бара да поднесат, во принцип, исти документи. Исто така, ДКП-ата на земјите-членки треба да се организираат на начин што закажувањето на термините за поднесување на барањето за виза и релевантните дополнителни документи ќе биде остварено во разумен временски период. ДКП-ата на земјите-членки треба да обезбедат информации за постоечките можности, во рамки на шенгенското право, за олеснување на издавањето визи за краток престој и поедноставување на потребната документација, од случај до случај, посебно за bona fide апликантите.
VII. Составен дел на Спогодбата се заеднички декларации за склучување одделни билатерални спогодби за олеснување на визниот режим меѓу Република Македонија и Велика Британија, Ирска, Данска, Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн. |