РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И МЕЃУНАРОДНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ
Паралелно со процесот на стекнување независност на Република Македонија во 1991 година, започна и процесот на етаблирање и позиционирање на Република Македонија на меѓународен план, преку воспоставување комуникација, развивање соработка и стекнување членство во меѓународните организации. Република Македонија стана членка на Обединетите нации на 7 април 1993 година, а последователно и на сите специјализирани агенции, програми и фондови од системот на ОН. Две години подоцна, во 1995 година, Република Македонија стана членка на Организација за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и на Советот на Европа, како и на други релевантни регионални организации и иницијативи. Последните години, Република Македонија стана членка на Светската трговска организација (2003), на ЦЕФТА (2006) и полноправна членка на Франкофонијата (2006).
За целиот овој период, Република Македонија настојува да се промовира како одговорен субјект на меѓународните односи, прифаќајки ги основните принципи и цели содржани во Повелбата на ОН како базични постулати врз кои се темели нејзината надворешната политика. На регионален план, настојува да ги унапреди добрососедските односи, соработката и одржливиот развој на регионот на кој му припаѓа.
Свесна дека нејзиното забрзано и целосно евро-атлантско интегрирање кореспондира со засилено учество во активностите, инструментите и режимите на меѓународните организации во кои членува, промовирајќи ги притоа евро-атлантските вредности во овој контекст, Република Македонија постојано настојува да го унапреди својот профил на мултилатерален план. Настојува да даде активен продонес во исполнувањето на Милениумските развојни цели на ОН, во борбата против меѓународниот тероризам и справувањето со другите видоизменети закани и предизвици по меѓународниот мир и безбедност на почетокот на 21-от век. Се залага за ефективен мултилатерализам, за јакнење на ОН преку нејзино реформирање, како и развивање соработка со регионалните организации.
Најдобра валоризација на придонесот на Република Македонија во зајакнувањето на мултилатерализмот, како клучен инструмент за промоцијата на фундаменталните вредности на мирот, демократијата, човековите права и развојот беше изборот на д-р Срѓан Керим за Претседавач со 62-то заседание на Генералното собрание на ОН. Македонското претседателство со ГС, што заврши на 15 септември 2008 година, придонесе за придвижување на низа клучни теми во рамките на ОН, со посебен акцент врз климатските промени и еколошкиот менаџмент, реформата на менаџментот на Организацијата, подобрување на кохеретноста на системот на ОН – посебно на теренот, имплементацијата на милиениумските развојни цели, на стратегијата за борбата против тероризмот, ревитализација на ГС итн.
Како резултат на посебниот фокус поставен на прашањето на климатските промени, по завршувањето на 62то ГС, Генералниот секретар на ОН го именуваше д-р Срѓан Керим за негов Специјален пратеник за климатските промени со што стана првиот македонски специјален пратеник на Генералниот секеретар на Обединетите нации.
Република Македонија – Организација на обединетите нации
Република Македонија стана членка на Обединетите нации на 7 април 1993 година. Оттогаш, својот активен придонес, РМ го дава во сите специјализирани агенции, програми и фондови од системот на ОН. За валоризација на својот ангажман во ОН се смета изборот на македонскиот кандидат за Претседател со 62-то Генерално собрание на Обединетите нации. Со претседавањето, беше направен чекор напред во однос на имплементирањето на конкретните одредби од завршниот документ од Самитот од 2005 година, придвижувањето на низа клучни теми во рамките на ОН, но и за актуелизирањето на потребите за справување со новите глобални предизвици, поставувајќи го прашањето на климатските промени како приоритетно прашање на дневниот ред на ОН, покрај другите прашања (тероризмот, развојот, итн).
Република Македонија - Совет на Европа
Советот на Европа е најстарата политичка, паневропска организација, основана во 1949 година со цел да се постигне поголемо единство меѓу нејзините членки. Советот се залага за почитување на човековите права, демократија и владеење на правото. Неговата цел е да ги негува политичката стабилност и стопанскиот и социјалниот напредок во 47-те земји-членки, кои опфаќаат над 800 милиони Европејци. Членството во Организацијата е отворено за сите европски држави што ги споделуваат истите вредности и го прифаќаат начелото на владеење на правото и можат и се подготвени да ги гарантираат демократијата и основните човекови права и слободи на своите граѓани.
Република Македонија стана членка на 9 ноември 1995 година. Во 1997 година отворен е Центарот за документација и информирање на Советот на Европа во Република Македонија кој што подоцна со одлуката на Комитетот на Минстрите е трансформиран во Канцеларија за информирање на СЕ. РМ активно соработува со сите тела на СЕ (КПТ, Венецијанската комисија, ЕКРИ, Комесарот за ЧП, итн.) и интензивно ги исполнува своите обврски кои произлегуваат од членството во СЕ и Конвенциите на СЕ кон кои има пристапено (КПТ, ЕСП, РКНМ итн). Во рамките на 15 годишната активна соработка на Република Македонија со Советот на Европа, претставниците на владините институции редовно и активно учествуваат во работата на Управните, Ад хок комитетите и Комитетите на експерти на Советот на Европа, чии состаноци се во функција на спроведување на меѓувладината програма на активности и хармонизирање на европските политики во сите сфери, освен одбраната.
На 11 мај о.г, се одржа 120-та министерска сесија на Комитетот на министри на СЕ, на која се изврши примопредавање на претседавањето со Организацијата, од досегашниот претседавач, Швајцарија, на Република Македонија. РМ за првпат претседава со одлучувачкиот орган на најстарата пан-европска организација за заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Република Македонија има цврста определба, во наредниот шестмесечен период да го даде својот максимален придонес во насока на промоција на вредностите и стандардите на Организацијата, како и за подобрување на нејзината политичка релевантност на меѓународната сцена
Приоритетите на македонското претседавање со Организацијата во идниот шестмесечен период се однесуваат на засилувањето на заштитата на човековите права, јакнењето на интеграцијата со почитувањето на различноста и промоцијата на младинската соработка.
Повеќе информации за приоритетите на македонското претседавање и календарот на активности на страната www.coe-chairmanship.mk.
Република Македонија – ОБСЕ
Република Македонија стана членка на ОБСЕ на 12 октомври 1995 година. РМ има се поактивна улога во рамките на ОБСЕ, со што се вбројува во групата земји кои прераснуваат од консументи на помош од оваа организација во пренесувачи на позитивни искуства и генератори на стабилност. Во 2009 година, за прв пат е избран македонски дипломат за Шеф на Канцеларија на ОБСЕ. Од 10 февруари 2009 година, амбасадорот Зеколи ја раководи Канцеларијата во Ашгабат, Туркменистан.
Република Македонија – Франкофонија
Република Македонија стана полноправна ченка на Меѓународната организација на Франкофонијата (МОФ), на Самитотот на Организацијата, што се одржа во Букурешт, Романија, на 28 септември 2006 г. На највисокиот статус во МОФ, му претходеа – приемот во членство на МОФ, со статус - набљудувач во МОФ, на Самитот во Ханој, Виетнам, 1997 година, како и подигнување на статусот во асоцијативно членство - во Монктон, Канада 1999 година.
Република Македонија - Контрола на оружје
Република Македонија ја засилува и својата активност во сферата непролиферацијата на оружје за масовно уништување, контрола на оружје и разоружување, свесна за клучната важност на колективните и индивидуланите активности во оваа сфера во борбата против терооризмот и генерално за зачувување на меѓународната безбедност. РМ е членка на главните меѓународни инструменти кои се однесуваат на непролиферацијата на оружје за масовно уништување и на конвенционално оружје и активно учествува во работата на меѓународните организации кои ја обработуваат оваа проблематика.
Република Македонија - Човекови права
Заштитата и промоцијата на човековите права останува еден од важните елементи на македонската надворешна политика. Република Македонија е членка на основните конвенции за човекови права во рамките на ОН и има тесна соработка со комитетите воспоставени со овие конвенции. Република Македонија ги зајакнува активностите и партиципацијата во телата на меѓународните организации кои работат во оваа сфера. Иако Република Македонија не е членка на новоформираниот Совет за човекови права, активно учествуваше во работата на ова тело.
|